ЈАС СУМ МИА (Епизода 6.)

ЈАС СУМ МИА (Епизода 6.)

Објавена во: Совети // ЈАС СУМ МИА

Епизода 6.

„Не смееш да му вратиш,” рече Тамара.

Малку се збунив од оваа забрана, откако на кратко раскажав што имаше да се раскаже околу пораките. Дури и останатите се свртеа прашално кон неа.

„Не смееш, Миа,” повтори Тамара. „Ако му вратиш ќе бидеш иста како балерината на Оливер.

„Зошто иста?” прашав јас, збунета од споредбата.

„Така, затоа што Стефан има девојка, Миа. А ти пишува тебе. Да не мислиш дека со Оливер и со Анастасија било поинаку?”

„Прво, не знам ни зошто ми пишува,” реков јас, „знаеш дека минатиот пат ми ги бараше прашањата биологија…”

„Ама потајно се надеваш дека не е за прашања биологија, туку дека сака баш тебе да те види, нели?” ме прекина Тамара.

Не ми се верува, знам дека е нервозна, ама сега другарка ми ме обвинува дека сум иста како личноста што од синоќа ја мрази најмногу на свет?!

„Мислиш дека не било исто со Оливер? Оливер не е лош. Сигурно не го планирал тоа. Почнал да се допишува. Му станало интересно. Се виделе божем, онака. И на крај - тоа вчера!” викна Тамара.

„Да, навистина било така,” колебливо рече Сара, и го крена и го покажа нејзиниот телефон, каде што најверојатно стоеја овие податоци. Ивона и Марко молчеа. И јас исто.

„И ако му вратиш и ако се видите, таа Тијана, каква и да е, ќе биде на моето место. А ако моја другарка направи некоја друга девојка да се чувствува како јас сега, тогаш не ми е веќе другарка,” заврши Тамара.

За малку ќе ми се свртеше во глава. До пред неколку минути седевме и се смеевме и покрај тоа што се случи претходната вечер. Тамара се шегуваше нешто со Марко, а Сара и Ивона ја зезаа дека уште наредниот ден ќе има нов дечко. Како од тоа, премина во тоа јас да бидам нападната дека крадам дечковци? Кога се уште ништо не сум направила?

Шокирана бев, и не знаев што да кажам. Можеби затоа што не очекував таков директен напад, можеби и затоа што длабоко во себе, навистина се надевав дека Стефан ми пишува за да се видиме јас и тој, а не за некакви прашања по некаков предмет. A најмногу затоа што Тамара ме нападна како да сум најлошата личност на светот. И за многу кратко време и се почувствував како најлошата личност на светот, затоа што ми текна дека во ниеден момент не помислив како би ми било мене, мојот дечко да се допишува со друга девојка на тема што не е прашања за тест.

Би ми било скоро како на Тамара сега.

Непријатната тишина веќе предолго траеше.

„Добро де, ти, не претерувај,” се обиде да ублажи Марко конечно.

„Не претерувам,” строго рече Тамара, без да го тргне погледот од мене.

„Па, добро,” се вмеша Сара. „Биди реална малку. Што би направила ти на местото на Миа?”

„Да, Тамара, што би направила на мое место?” се охрабрив јас.

„Никогаш не би вратила,” храбро одговори таа.

„Тоа сега,” возвратив јас. „А до вчера? До вчера, до пред да дознаеш како е кога ќе ти направат нешто такво на тебе, немаше да ти биде интересно и барем да се допишуваш?”

„Немаше.”

„Ех, сега,” одмавна Сара со раката. „Така зборуваш затоа што сега ти е тешко. Сите би вратиле.”

„Добро, нека му врати,” рече Тамара и стана.

„Никој не рече дека ќе му вратам,” станав и јас.

„Ти си знаеш. Инаку, јас треба да си одам,” рече Тамара и се упати кон скалите.

„Зошто?” праша Марко.

„Па така, треба да излегувам со мајка ми.”

Лажеше. Бевме договорени цел викенд да седиме кај мене.

„Тамара, не ни вратив на таа порака,” реков јас.

„Нема врска тоа, треба да си одам,” рече и се изгуби по скалите.

Седнав немоќно на столчето и не знаев што да кажам. Марко ги крена рамениците.

„А бе, не и се лути, нервозна е…” се обиде Ивона.

Знаев дека е така. И истовремено сакав да вриснам „БАШ МИ Е ГАЈЛЕ ШТО Е НЕРВОЗНА.” Ама се воздржав.

За пет минути, спремна и облечена, Тамара се симна, само рече едно кратко и луто ‘чао’ и излезе. Дури и ја затвори вратата посилно отколку што е потребно за да се затвори една врата.

Почна да ми навира бес. Па, што ако е лута и нервозна? Што ако доживеа стрес?! Јас сум и крива?! Што сака нека прави.

Сега за инает ќе му вратам на пораката.

@jassummia

by

@janamisho

Петтата епизода од „ЈАС СУМ МИА“ прочитајте ја тука.

Четвртата епизода од „ЈАС СУМ МИА“ прочитајте ја тука

Третата епизода од „ЈАС СУМ МИА“ прочитајте ја тука

Втората епизода од „ЈАС СУМ МИА“ прочитајте јатука

Првата епизода од „ЈАС СУМ МИА“ прочитајте ја тука.


Објавена во: Совети // ЈАС СУМ МИА

Можеби ќе ве интересира: