Јелена Јованова: Рецепционерката Јелена е ултра забавен и инспитаривен лик.

Јелена Јованова: Рецепционерката Јелена е ултра забавен и инспитаривен лик.

Објавена во: Stars // Интервјуа

Популарната актерка Јелена Јованова-Периќ на ТВ гледачите им прирасна за срце како Јелена рецепционерката од Тв серијата „Преспав“, што се емитува на првиот канал секој работен ден од понеделник до петок во 21:15 часот.

Јелена се најде и во времето на „лудите дваесетти“, играјќи една од главните улоги во бродвејскиот хит- мјузикл „Чикаго“ во МНТ. Шарматната актерка успешно ја гради својата интернационална кариера, особено од 2011 година па наваму, по улогата на Есма во филмот „Во земјата на крвта и медот“ кој го режираше Анџелина Џоли. Поради љубовта кон својот сопруг, хрватскиот актер Стјепан Периќ и ангажманите кои ги има во Хрватска, Јелена вели дека живее на релација помеѓу двете земји, а нов предизвик и е шпанскиот јазик, поради главната женска улога во шпански филм чије снимање неодамна го завршила.   

Со сопругот, актерот Стјепан Периќ 

Гледачите ја обожаваат Јелена, во серијата „Преспав“. Каков лик според вас е таа, среќавате ли девојки како неа во секојдневието?

Јелена рецепционерката е еден ултра забавен, никогаш здодевен и инспитаривен лик. Безгранично отворен за игра, весел и неисцрпен карактер. Од неа може да се очекува буквално се' и таквата непредвидливост е нешто што ме забавува секој миг поминат со неа на сет, а на мое големо задоволство гледам дека и публиката го ужива истото. Но Јелена не е само моја креација. Јелена е непрекината синтеза од креативноста на сценаристите  Сашо Кокаланов, Елеонора Венинова, Алек Попов, Александра Миланова и Дељана Манева, режисерските индикации на Игор Иванов, Вардан Тозија и Даријан Пејовски, беспрекорниот костим на Емилија Ивановска Атанасовска и шминката на Ирена Сенокозлиоска и Наталија Кајевска. А за нејзиното постоење надвор од „Преспав“ си посведочив веќе неколку пати. 

Има ли некоја интересна случка од снимањето на серијата која би можеле да ја споделите со нас?

Кога не можеш да уснимиш сцена до крај зошто не престануваш да се смееш, кога три пати во денот те прешминкуваат зошто шминката ти се распаѓа од плачење, верувајте, тешко е да се издвои една интересна случка.

Јелена и Марио се тандем во „Преспав“.- со Васил Зафирчев 

Фантастично ја одигравте и улогата на Милена во серијата „На терапија“. Какво е искуството да се доловои еден таков лик и имате ли приватно сличности со неа?

Благодарам на коментарот од се срце. Милена и јас сме многу различни, а во таа разлика пак се криеше целиот предизвик да се биде Милена. Секој ден се обидував да ги оградам моите лични верувања од нејзините, како поискрено би ја сфатила секоја нејзинта постапка и истата ја одиграм поавтентично и точно. Тежок и несекојдневен процес од кој излегов побогата  како актер и како човек. Неизмерно сум благодарна на довербата што Вардан Тозија ја имаше во мене, и на искрената партнерска игра на Никола Ристановски.

Со Никола Ристановски на снимањето на серијта „На терапија“ 

Какво искуства носите од снимањето на шпанскиот филм “El desentierro“, во кој ја толкувате главната женска улога. Прочитав дека за неговите потреби сте требале да ја смените бојата на коса и станете црнокоса. Раскажете ми повеќе за искуството околу снимањето?

Снимањето заврши пред неколку месеци. Снимавме во Венеција, Суека и Албуфера. Дебитантскиоет трилер на Начо Руиперез зборува за корупираноста на политичката власт, но и човековата душа. За вистината која е стивната и сокриена, но која успева гласно да го пушти својот глас и да се обзнани. Ликот кој го играм се вика Вера, а Вера ја носи најбитната есенција. За потребите на филмот ја скратив косата, ставив зелени леќи и станав црнокоса.

Го совладавте ли шпанскиот јазик лесно?

Шпанскиот јазик беше и се уште е голем предизвик. Се надевам дека неговата егзистенција во филмот ќе биде веродостојна.

Освен филмот „Во земјата на крвта и медот“ на Анџелина Џоли, според вас , кои беа другите проекти или причини вашата кариера да се развие и надвор од Македонија и од регионот?

Верувам дека секоја добро завршена работа не води до некоја друга. Секоја инвестиција има повратна адреса. Тој филм ги зацврсти моите аспирации за кариера надвор од нашите граници, но ништо во оваа професија не гарантира никаков успех ако не се работи и ако не се сака тоа што се работи.

Го завршивте снимањето на српскиот детски филм „Злогоње“. Каков е овој филм и каква е вашата улога?

„Злогоње“ е детски долгометражен филм на Рашко Миљковиќ. Преку својата авантуристичка платформа, филмот зборува за животот на две деца и злото односно вештерката која треба да ја прогонат од нивниот свет, а вештерката Светлана сум јас. 

На премиерата на филмот „Во земјата на крвта и медот“ на Анџелина Џоли

Мажена сте во Загреб, каде официјално живеете, во Македонија или во Хрватска?

 Живеам и во Македонија и во Хрватска. Секој ден учам како подобро да се организирам и стигнам таму каде што треба. Признавам не е лесно, но барем никогаш не ми е досадно. 

И вашиот сопруг, Стјепан Периќ е познат хрватски актер, колку е предност а колку маана под ист кров да живеат двајца луѓе од иста професија?

Живеам со човек кој точно разбира што работам и ја имам целата негова подршка. Не сме луѓе кои професијата ја носат постојано дома, ја штитиме својата приватност, а нашите најблиски пријатели немаат допирна точка со она што ние го работиме.

Милица Џаровска


Објавена во: Stars // Интервјуа

Можеби ќе ве интересира: