Како да направите креативна фотографија

Како да направите креативна фотографија

Фотографиите се неизбежен дел од нашето секојдневие. Постојано правиме фотографии кои сакаме да ги зачуваме како убави спомени во албумот на животот. Разбудете ја вашата креативност и направете вашите фотографии да достигнат повисоко ниво. Фотографот, Маја Рамона, има неколку корисни совети како да направите успешни креативни фотографии.

1.  Замислете ја вашата фотографија пред да ја реализирате!

Многу е важно да оставите простор на вашата имагинација. Очите нека бидат вашиот фотоапарат. Откако ќе ја имате идејата во вашата глава, резултатот ќе биде успешен.

2.  Фокусирајте се!

Обрнете внимание на тоа што го имате пред вашиот објектив. Доколку е потребно, направете многу фотографии сѐ додека не дојдете до посакуваниот ефект. Ниту најдобрите фотографи не можат да направат перфектна фотографија со само еден обид.

3.  Играјте со филтри!

Во поново време мобилните телефони често ги заменуваат фотоапаратите. Тоа не значи дека не можете да направите добри фотографии. Напротив, тие ви нудат безброј можности и апликации со кои може да експериментирате. Со помош на филтрите можете да потенцирате детали од фотографијата, а обичното да го направите необично.

4.  Бидете ловец на моменти!

Не постои совршен момент за да направите убава фотографија. Не чекајте! Моментите се секогаш околу вас, треба само да ги уловите.

5.  Заборавете на дигиталниот зум!

Иако ја имате таа можност на вашите камери, одбегнувајте ја поради лошиот квалитет на фотографијата. Најдобро е да се употребува оптичкиот зум доколку имате потреба.

6.  Играјте со светлината!

Светлината е многу важен елемент во секоја фотографија. Всушност, да фотографирате значи да цртате со светлина. Насочете ја светлината на објектот што сакате да го фотографирате. Избегнувајте употреба на блиц или директна светлина. Прејаката светлина може да ја уништи фотографијата. Постојат многу можности на вашите камери со кои може да добиете доволно светлина за посакуваната фотографија.

7.  Играјте со сенки!

Сенките можат да бидат многу интересни. Доколку сакате да фотографирате сенка на некој објект, гледајте да ја „фатите“ целата сенка заедно со објектот. Но ако има потреба да ја исечете, направете го тоа рамномерно според објектот што ја создава сенката.


8.  Внимавајте на деталите!

Балансирањето на детали во една фотографија може да даде одличен резултат. Избегнувајте детали кои ја нарушуваат естетиката на фотографијата. Доколку фотографирате објект во преден план, многу е важно што се наоѓа во позадина. Понекогаш и најситни детали можат да ја уништат фотографијата.

9.   Истражете ги можностите на вашиот апарат!

Многу е важно добро да го познавате вашиот апарат. Тој е вашиот алат за креирање на успешна фотографија. Тестирајте ги сите опции што ги поседува фотоапаратот, така ќе можете да го извлечете максимумот, а и во даден момент ќе знаете која опција е најдобра за успешно да ја употребите.

10.  Експериментирајте!

Понекогаш е добро да ги прекршите правилата експериментирајќи со вашиот фотоапарат. Така ќе ја пронајдете вашата креативна страна, а и ќе се забавувате. Запомнете, креативната фотографија треба да се разликува од останатите!

Маја Крстевска

Можеби ќе ве интересира: