Карантинот и пандемијата го зголемија чувството на анксиозност депресија и осаменост кај луѓето: Студентите од ФИНКИ за истражувањето кое загрижува
Филип Атанасов (22), Мартина Петровска (23) и Веселинка Локвенец (22) се студенти на Факултетот за компјутерски науки и инженерство (ФИНКИ). Овие млади и амбициозни луѓе, инспирирани од личното искуство, но и од целата ситуација со пандемијата на коронавирус, по предметот „Медиуми и комуникација“ изработија интересен проект.
Имено, на тема „Влијанието на карантинот и пандемијата врз психолошкото здравје кај луѓето“, Филип, Мартина и Веселинка спроведоа истражување со цел да дознаат како целата оваа ситуација влијаеше на луѓето. За деталите, времето потребно за целото истражување, како и заклучокот од истото разговаравме со нив, а она што го открија е нешто кое не треба да остане забележано.
#Од каде идејата за разработување токму на оваа тема „Влијанието на карантинот и пандемијата врз психолошкото здравје кај луѓето“?
Одлучивме да истражуваме на оваа тема најмногу поради личното искуство. Ова е нова ситуација за сите, но во текот на истата, постојано се ставаше акцент само на физичкото здравје. Мерките кои се преземаа беа за заштита од вирусот, но во ниту еден момент не и на нашето психичко здравје, што е од особено значење кај младите кои релативно лесно го поминуваат вирусот за 14 дена, но ограничениот начин на живот во клучните години за оформување и на приватно и на професионално поле, трае веќе повеќе и од една година.
#Неколку недели ви беа доволни за разработка на темата. Што покажа вашето истражување? На која возраст се луѓето кои се најпогодени?
Според податоците кои ги најдовме на интернет може да се забележи дека сите луѓе без разлика на нивната возраст се погодени од пандемијата. Почнувајќи од најрана возраст па сѐ до 18 - 19 години најтешко совладлива е неможноста за социјализација и тешкотии при следење на онлајн настава. За луѓето помеѓу 20 - 25 годишна возраст (студентите), проблемите со кои тие се соочија се финансиски односно немање работа, недостиг на социјализација..
# Која беше вашата целна група?
Сега ова е актуелна тема на глобално ниво, но ние не најдовме многу официјални статистики како што првично очекувавме, бидејќи повеќето се индивидуални истражувања. Она што беше најинтересно околу овој процес, е тоа што професорот Владимир Трајковиќ ни посочи да најдеме твит и хештег што ќе го опишат нашето истражување, па така целиот проект се водеше околу #KeepSane, како паралела на веќе актуелниот #KeepSafe.
#Дали пандемијата ќе остави трајни последици за психичкото здравје на луѓето?
Социјалната изолација и осаменоста се поврзани концепти и често коегзистираат – изолацијата може да доведе до осаменост, и обратно. Продолжената изолација негативно влијае на физичкото и емоционалното здравје. Медицинското списание „Лансет“ неодамна објави статија од која се појавува јасна и алармантна слика: периоди на изолација, дури и помалку од 10 дена, може да имаат долгорочни ефекти, со присуство – до 3 години подоцна. Понатаму, во согласност со важечките прописи, почнавме да се однесуваме „како да“ другите луѓе се потенцијално опасни за нашето здравје и за здравјето на нашите најблиски. Овој пресврт на настаните култивирање ново универзално верување засновано на ранливост на штета, при што блискоста со блиските претставува директна закана. До денес, сѐ повеќе и повеќе луѓе ги избегнуваат социјалните односи, не повеќе со наметнување, туку како избор. Ова однесување постепено ги оддалечува, т.е. влошува меѓучовечките односи. За помладите луѓе, социјалните мрежи и онлајн апликациите овозможуваат одредена удобност, но тие не се замена за средби во живо.
#Што е она што го заклучивте од ова истражување?
Со прогласувањето на
состојба на пандемија, се донесоа и низа рестриктивни мерки кои ни ги сменија
секојдневните навики. Многу брзо, тоа доведе до глобално влошување на
економијата, како и на економската состојба на многу семејства. Состојбата почна да се одразува на нашето физичко
здравје поради принудното седење дома, рестрикциите за движење и забраната за
работа на објекти и локали од секаков вид. По некое време, тоа се одрази на
нашето ментално здравје, а за жал во некои случаи доведе и до семејно
насилство.
Направивме анкета на 120 луѓе со пет кратки прашања и како резултат (или
заклучок) добивме дека во текот на оваа година од кога започна пандемијата,
анкетираните забележале зголемено чувство на анксиозност, депресија и осаменост,
како и влошено физичко здравје.
#Како за крај, како влијаеше карантинот и како влијае пандемијата на вас?
Како и другите луѓе, карантинот не влијаеше најдобро на нашето здравје. Секој ден беше борба со справување на досадата, немање можност да се излезе за прошетка, социјализација... Но, најдовме начин да се справиме со сето тоа. Секој од нас имаше своја занимација со која го „тепаше времето“. Гејмање, гледање филмови/серии, онлајн разговори со нашите пријатели, користење на социјални медиуми...
И.М.