Каролина ќе пее во чест на Тоше: Кои ѕвезди ќе настапат на концертот на 2 ноември?
Каролина Гочева и сестрите Тамара Тодевска и Тијана Дапчевиќ се македонските изведувачи кои ќе настапат на концертот посветен на Тоше Проески закажан на 2 ноември во ВИП Арената „Борис Трајковски“. Учеството на шоуто кое ќе започне во 20 часот го потврдиле и Јелена Томашевиќ, Бојан Маровиќ, Сергеј Четковиќ, Борис Новковиќ, Владо Калембер, Ања Рупел и женскиот бенд „Фрајле“. Од Меѓународната фондација „Тодор Проески“ информираат дека се уште се преговара со уште неколку звучни имиња од регионот.
На концертот ќе биде промовиран и албум со нови, до сега необјавени песни од Тоше Проески. Албумот е со наслов "Secret place" и на него се наоѓаат седум нови песни на англиски јазик како и три преработки на познати хитови.
- Материјалот се работеше во студиото на познатиот англиски продуцент Енди Рајт, автор на хитовите од претходниот англиски албум на Тоше „The Hardest Thing““ - додаваат од Фондацијата.
По нивен избор, избрана е и насловна фотографија од Тоше за албумот, која е една од најдрагите на семејството и на соработниците на Тоше.
Влезните може да се купат во „Југотон“, а како што претходно најави организаторот цената ќе биде прифатлива, поради тоа што настанот има хуманитарен карактер.