„Ќе биде многу возбудливо и емотивно“ – Александра Јанева за Хаштаг!
Еден од најмоќните вокали, Александра Јанева, оваа година ќе ја придружува нашата дива Тамара Тодевска на сцената на Евровизија. Таа, како и целиот тим веќе неколку дена се во Тел Авив, центарот на Евровизиските случувања.
„Тел Авив и евровизискиот тим ни направија топол пречек, уште при првото влегување во хотелот. Луѓето овде се многу опуштени, позитивни и најважно од сè, знаат да се шегуваат.“ – започна Александра.
Тие вчера во живо ја следеа првата полуфинална вечер, а веќе денес нивната агенда може да се каже дека е преполна. „Најпрво не чека нашата генерална проба, која ја оценува жирито и е мошне важна за нас, а потоа секако настапот во второто полуфинале“ – раскажа пејачката.
За настапот што следува, Александра за Хаштаг откри: „Ќе биде многу возбудливо, емотивно и сè што сакаме е публиката да ја доживее емоцијата која ја носи оваа силна приказна и да се памети засекогаш“.
Во четврток од 9 часот, започнува втората полуфинална вечер, кога официјално ќе го погледнеме настапот на нашата држава и ќе ги доживееме емоциите за кои ни зборуваше Александра.
И.М.