
„Книга за Петре“ во чест на 90 години од раѓањето на Петре М. Андреевски
Во чест на 90 години од раѓањето на Петре М. Андреевски, денеска (25 јуни), во амфитеатарот на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ) се одржа промоција на „Книга за Петре (Сите лица на расказот)“. Промотори на книгата, која е во издание на „Арс Ламина“, беа Влада Урошевиќ, Венко Андоновски и Оливера Ќорвезироска. Изданието, што е дел од едицијата „Македонски книжевни класици“, содржи 19 раскази инспирирани од ликот и делото на Андреевски. Сликата на корицата и илустрациите на страниците се дело на познатиот сликар Сергеј Андреевски, кој е син на Петре М. Андреевски.
Академик Влада Урошевиќ, кој беше во улога на промотор, се осврна кон пријателството и соработката со Петре М. Андреевски. Ја истакна неговата посебност и величина и како писател и како личност.
– Со објавувањето на „Книга за Петре“ македонската литература доби несекојдневна, необична и единствена книга. Легендарниот македонски писател Петре М. Андреевски во оваа книга е лик кој оживува во 19 различни раскази, напишани од 19 творци... Извишувајќи се над биографските детали за Петре, она што останува, трајно е неговото книжевно дело и денес, 90 години по неговото раѓање, македонските писатели низ книгата што сега е пред нас, му ја искажуваат својата почит, ставајќи го во своите раскази. Ми се чини дека малкумина од нив го знаеле Петре, некои некогаш го виделе од далеку, а некои можеби го знаат само по неговите книги. По волја на судбината, јас тука сум еден од ретките што може да каже дека бил пријател со Петре, оние што седеле наспроти него, зборувале со него, се согласувале или не се согласувале, го гледале в очи... А тие што го погледале в очи знаат дека Петре беше бележан од природата или од боговите. Покрај својата исклучителност како автор имаше и телесна потврда дека е единствен, тој имаше ретка појава (хетерохромија), едното око му беше кафеаво, а другото зелено, метафорично речено, тоа што тој го гледаше и пренесуваше во својата поезија и проза блескаше и се прелеваше како ковчег со скриено азно, се вееше како виножито... На чудесен, само за него својствен начин секогаш го гледаше тоа што се одигруваше околу него, како дете кое го гледа светот низ шарена џамлија – рече Урошевиќ во своето обраќање.
– И да не ни оставеше ништо освен бисерот на светската љубовна лирика „Дениција“ и метаисторискиот роман „Пиреј“, Петре М. Андреевски ќе останеше гениј во нашата книжевност, затоа што тоа што тој ни го остави е една стилска мастилница за оние што доаѓаа да ги макаат своите пера (меѓу кои сум и јас) и да си го бараат својот авторски глас преку неговото невидливо мастило. На ист начин, како што ни го остави тоа стилско мастило за да не заборавиме на тоа, ја напиша и книгата „Лакримариј“. Всушност, „лакримариј“ е поставка во која жените собирале детски солзи за да имаат поубав тен, Петре ни остави еден „лакримариј“ полн со солзи од мастило, солзи љубовни, патриотски, историски и други солзи, за да се вежбаме и да израснеме во она што треба да бидеме. Да го најдеме свој авторски глас – рече Андоновски.
Првата самостојна збирка песни, „Јазли“, ја објавува во 1960 година, за издавачката куќа „Кочо Рацин“. По неа следуваат збирките: „И на небо и на земја“ (1962), „Дениција“ (1968), „Дални наковални“ (1971), „Пофалби и поплаки“ (1976), „Вечна куќа“ (1987) и „Лакримариј“ (1999).
Петре М. Андреевски ги пишува и драмите „Богунемили“ (1971), изведена во Драмскиот театар во Скопје, и „Време за пеење“ (1975), изведена во Народниот театар во Битола. Објавува и две книги поезија за деца: „Шарам барам“ (1980) и „Касни порасни“ (1992). Постхумно се објавени неговите раскази „Боемите“ и недовршениот роман „Бежанци“.
Вредноста на неговите дела ја потврдуваат и многубројните награди, како што се: наградата „Браќа Миладиновци“ на Струшките вечери на поезијата, националната награда „11 Октомври“, Рациново признание, наградата „Стале Попов“ на Друштвото на писатели на Македонија и други. Бил член на Македонската академија на науките и уметностите.
Книгата „Книга за Петре“ е достапна во сите поголеми книжарници и онлајн преку www.literatura.mk.
ПР објава