Кога ќе заврши ова, ќе ја носам ќерка ми во Дебар покрај езеро: Емотивно интервју со Андреј ДНК
Андреј Ѓеорѓиески познат како Андреј од дуото ДНК, сподели како му поминуваат деновите во домашна изолација со сопругата Наталија и ќерката Јана, колку му е тешко за пријателите од Дебар каде пораснал, како и за пријателството со Панчо кое трае веќе повеќе од 20 години.
# Не знам колкумина знаат, но Андреј е по потекло од Дебар. Колку те потресе ситуацијата со коронавирусот таму? Дали имаш блиски кои се во карантин таму, како се?
Дебар ми е во срцето, таму пораснав до 6-то одделение и можам да потврдам дека сите мои добри особини, морални вредности и карактеристики ми се искалени таму растејќи со моите другари со кои ќе останам доживотно близок, како Беким и Бесник, Мухамед, Сеат, Сељам... Дефинитвно ме потресе се ова и иако немам веќе роднини таму, се грижам за пријателите кои се сè уште таму и им посакувам сè најдобро и ова побрзо да заврши.
# Како изгледа еден ден во карантин на Андреј?
Искрено чувството е малку горчливо овој период кога ќе се разбудам наутро, но надежта за сè ова побрзо да заврши не мотивира да се претвораме дека е сè во ред и се трудиме да го истераме денот нормално- слушајќи музика, гледајќи серии, документарци, малку да посвириме на гитара и клавир со Јана и среќа во поново време, благодарение на мојот добар пријател Стефан Кирков, го имаме и нашиот четврт член Ото (звук) кученце кое ни го разведри темниов период...
# Дали пазаруваш одговорно, колку те плаши оваа паника со коронавирусот?
Пазарам нормално како и секој ден, храна и намирници кои ни се потребни во секојдневието, а тоа што ме плаши е тоа што ги плаши сите, а тоа е грижата за нашите родители и блиски постари лица кои се критична популација и до кога сè ова ќе трае...
# Како карантинот влијае на твојот брак, дали почнаа караниците од досада?
Не. Караници ретко имало и ќе има во мојот дом, нема ништо продуктивно, ни некој видел аир од тоа, само зијан, посебно во вакви моменти треба да останеме сите позитивни и полни со елан и надеж.
# Што креативно правите со ќерката Јана, како се трудиш да ѝ го надополниш тоа што сега нема слобода за дружење со другарчиња?
Среќа во несреќа, во зградата во која сега живееме има голем приватен двор во кој можам бар дел од денот да ја изнесам Јана на малку воздух, а од пред некој ден и Ото и заедно да си играат. Плусот на сè ова во овие карантински денови се нејзините најдобри другарки Кира и Бора кои живеат одма до нас и со кои од време на време знаат да си поиграат.
# Со Панчо, прославувате полнолетство на ДНК, во вакви тешки моменти кога не можете да направите ни прослава како што треба, од каде црпите инспирација за сите оние постови на Фејсбук со кои ги забавувате фановите?
Да. Оваа година полниме 18 години професионално музичко искуство (иако се познаваме повеќе од 22 години), и иако планиравме концерт по тој повод со оглед на ситуацијава не верувам дека ќе го оддржиме, иако коцертот „во живо“ кој го направивме со цел да ги анимираме луѓето дома на почетокот на оваа пандемија, може да се каже дека на некој начин и ни го одбележи полнолетството и тоа дословно со над 200.000 луѓе кои го гледале вечерта, за кое сме многу благодарни.
# Која е тајната на успехот да останете толку долго заедно?
За да толку време двајца пријатели останат заедно нешто мора да има нели!?! Јас верувам дека тоа е искреноста, лојалноста, скромноста и тоа што не сме сменети и сме истите какви што сме биле и пред да ги доживееме сите успеси како ДНК и најважно пред сè љубовта кон музиката и тоа што имавме среќа што го запознавме Лазар Цветкоски, нашиот трет член.
# Што најмногу сакаш, а што најмногу мразиш кај Панчо?
Не мразам ништо во него, ниту пак мразам воопшто некого, а тоа што го сакам и ценам е тоа што е многу професионален и многу посветен во сè ова што го работиме и многу од работите од ДНК се на негов грб.
# Што прво ќе направиш штом сето ова заврши?
Еден убав сончев ден ќе ги земам ќерка ми Јана и нашето кученце Ото и ќе ги однесам во Дебар покрај езерото, на една од плажите на кои јас како дете го поминував целото лето...
Д.Караташова