Кои се предностите, а кои недостатоците на онлајн наставата: Интервју со професор Тамара Ј. Попов од Американската Гимназија Скопје
Професорката Тамара Јолевска Попов е професор повеќе од 10 години во многу приватни училишта во главниот град. Таа моментално е професор во Американската Гимназија во Скопје, а воедно и лектор на Универзитот Американ Колеџ, исто така во Скопје. Таа ни раскажа како оваа гимназија се соочи со предизвикот наречен далечинско учење, но ги истакна предностите и негативностите на овој тип на школување на учениците.
# Вие сте професорка во Американската Гимназија Скопје. Како е да се работи со ученици во тинејџерски години?
Јас сум просветен работник повеќе од 10 години со искуство во мноштво приватни училишта во главниот град и тоа на ученици од сите возрасти. Мора да признаам дека тинејџерскиот период е, за мене, најинтересен со своите бубачки затоа што пред очите на наставникот се одвива приказната за грдото пајче што прераснува во прекрасен лебед. Почнувате да работите со деца, а на факултет испраќате полнолетни формирани личности. Имам и една голема предност што јас сум всушност лектор на Универзитетот Американ Колеџ Скопје, па повторно ги гледам истите млади личности и го следам нивниот развој.
# Во каков период Ве затекна почетокот на кризата? Како го доживеаја тоа децата од училиштето?
Како човек што честопати бил соочен со разни предизвици во работењето и непреченото одвивање на наставата, некако како да очекував да се затвориме во нашите домови во обид да ја „истапиме кривата“. Всушност, паниката во Македонија мене ме затекна додека летав назад кон скопскиот аеродром, па не бев ни изненадена кога бевме испратени дома по едно од моите предавања. Децата, од друга страна, веројатно малку се збунија. За нив работните навики се поинакви на училиште и дома, меѓутоа беа пријатно изненадени кога по само неколку дена АХСС излезе со решение со цел да им овозможи непречено следење на настава и одржување на истото темпо на работа како да се во училница, за да си ја завршат учебната година навремено. Нивната дисциплина е за пофалба, не пропуштаат ниту еден час и максимално и посветено си ги работат проектните задачи, како главна активност на часовите по англиски јазик и комуникативно учење.
# Адаптацијата кон онлајн настава не е лесна. Како Американската Гимназија Скопје се соочи со тоа, и како реагираа учениците?
Како што претходно споменав, Американската Гимназија изреагира навремено и понуди совршен модел за одвивање на наставата речиси со еднакво темпо како да сме во училница. Сега, секако има еден куп дистракции дома и учениците на почетокот реагираа повеќе на нив, меѓутоа со рекордна брзина ја изградија навиката да се фокусираат на часот, без разлика на тоа во каква форма им се одвива, а мора да забележам дека во АХСС се внимава да се одржи интерактивноста во наставата. Што се однесува до нас, професорите, по неколку сесии обуки за употреба на онлајн системот, брзо се прилагодивме. Интересно е што сега, кога ќе згрешиме со некоја опција на онлајн платформата, учениците се тие што помагаат и објаснуваат, па се добива една дополнителна димензија на размена на искуства поради која тие се чувствуваат особено горди.
# Кои се предностите, а кои недостатоците на онлајн наставата?
Има многу и од двете. Ајде ќе почнам со недостатоците. Јас сум професор кој сета своја енергија ја носи и целосно ја троши во училницата, учениците максимално ги вклучувам (користам и доста кинезиологија, односно просто движење за будење на сите сетила), а сега сум на стол, во мојата работна соба или каде и да успеам да се скријам со компјутерот за да ја избегнам бучавата дома. Јас навистина се хранам како професионалец од нивната енергија и изненадениот поглед кога ќе научат нешто ново. Од друга страна, поради брзиот и напорен начин на живот, можеби и на сите ни требаше да си дадеме мала оддишка и да заземеме удобна поза додека работиме. Слушам за доста предизвици со кои што се соочуваат моите колеги поради недоволна подготвеност за овој начин на настава. Тоа досега не сум го искусила, затоа што институцијата ни даде вредна алатка која ги задоволува сите потреби, од поврзувањето на часовите и непречената комуникација, до лесниот проток на информации во форма на документи (проекти, домашни, есеи и тн.).
# Кои се Вашите размислувања за образованието во иднина?
Иднината на образованието е како Тојота хибрид. Мора да се напојува од неколку различни видови на енергија. Ова просто значи дека искуството што го стекнавме со онлајн наставата е премногу вредно и дека ќе послужи како алтернатива или пак, примарен избор во ситуации кога далечината на учениците е преголема за непосреден контакт, но сепак, не смее да се сведе само на тоа. Ние наставниците сме еден посебен вид на актери чија критички настроена публика мора и да го посети театарот за искуствено и во живо да научи и примени нови концепти. Непосредната човечка комуникција ни ги овозможува најголемите животни лекции.