Комбиниран начин на настава, но модифициран и прилагоден за нашето окружување: Директорот на СУГС „Шаип Јусуф“ за почеткот на учебната година

Комбиниран начин на настава, но модифициран и прилагоден за нашето окружување: Директорот на СУГС „Шаип Јусуф“ за почеткот на учебната година

Објавена во: Интервјуа, School zone

Доан Сулејманоски, лидерот и менаџерот на СУГС „Шаип Јусуф“ од скопската општина Шуто Оризари слободно може да се пофали со успешна завршена учебна година и покрај тоа што истата заврши со учење од далечина. Обезбедувањето на технологија на учениците, но и професорите се најважни според него и ова ќе им биде најважно сега откако се донесе одлука наставата да се реализира онлајн за учениците од средните училишта.

Додека учениците, родилите, но и самите училишта на чело со директорите и професорите се во исчекување на конечната одлука поврзана со датумот на старт на новата учебна година, овој директор веќе ги има организирано вработените во училиштето и чека зелено светло за тоа на кој начин ќе започне наставата.

„Со оглед на нашите просторни, технички и човечки ресурси, ние како училиште подготвени сме да реализираме и учење од далечина, но и реализација на комбиниран систем на настава. Очекуваме во секој момент да се изнајде соодветно решение за кое верувам дека ќе биде изнајдено, а и едно веќе размислено решение од наша страна е комбинираниот начин но, модифициран и прилагоден за наше окружување, каде наставата ќе се организира генерациски, две седмици настава со физичко прусуство ќе реализира прва година (во смени по образовни профили, организирани во групи) , а втора, трета и четврта онлајн и тоа се така да си се ротира на секоја втора седмица за секоја генерација, а со ова решение физичкото присуство ќе послужи како коректив на учењето од далечина и како опција за непосредно утврдување на знаењата и оценувањето. А, исто така втора опција прифатлива за нас како училиште, доколку онлајн наставата е најпогодна за родителите и за колективот како решение со најнизок ризик е - наставата да се реализира преку далечинско учење, а  утврдувањето на знаењата да се спроведува во мали групи со физичко присуство, под посебни протоколи, со посебен распоред и организација.“ – истакнува директорот Сулејманоски.

# Наставниците, учениците, но и родителите се во неизвесност кога е во прашање стартот на новата учебна година. Кој е Вашиот став кога е во прашње истиот, која би била најдобрата опција за да се изведе истата?

Факт е дека оваа состојба со Корона вирусот станата е веќе наше секојдневие и истата состојба наложува посебна реакција, па дури и посебен начин на менаџирање и реагирање во различни општествени свери и односи. Во секој случај учебната година ќе започне, а доколку според одредени неофицијални информации започне подоцна, а не на први септември, тоа значи дека и подоцна ќе заврши. Мое лично мислење е дека и кое решение да го избереме во врска со изведувањето на наставата, повторно ќе има одредени предизвици, а и моделите како модели кои периодов се нудеа низ јавните дебати си имаат свои предности и недостатоци. Доколку веќе се одлучи за онлајн реализирање на наставата барем во првото полугодие, потребни се јасни и концизни препораки и упатства и тоа: во делот на траењето на наставниот час, оценувањето и начините на изведување на оценка, регулирање на изостаноците, изрекувањето на педагошки мерки, родителските средби, комуникацијата со стручната служба, како и анализа на платформите за реализација на наставата, со осврт кон опфатот на двонасочна комуникација со видео и звук за сите присутни на часот.

Но, доколку се одлучи за некакво решение кое ќе претставува комбинација на онлајн настава и настава со физичко присуство, клучните параметри за изведување на таквиот тип на настава треба да се: вкупниот број на ученици во училиштето, бројот на деца во паралелките, степенот на ризик на општината на која се наоѓа училиштето и териториите што ги опфаќа училиштето од аспект на местата на живеење на учениците, како и просторните услови и другите материјални и човечки ресурси на училиштата – кои што никако не смеат да бидат изоставени. Мое мислење е дека секое училиште си е посебна приказна и најдобро знае како, на кој начин, со кои средства и методи и кои начини и со какви комбинации може да ја реализира наставата. Потребно е да се дадат неколу сеопфатни верзии и решенија, а истите да се изменуваат, дополнуваат и прилагододуваат за секое училиште пооделно во соработка со општините и Градот Скопје кога станува збор за средните училишта на Скопје.

# Како вашето училиште се подготвува за истиот? Имате ли подготвено некоја стратегија за реализирање успешна онлајн настава?

Со оглед на тоа дека веќе изминатата учебна година ја реализиравме со учење од далечина т.е е-настава, ние веќе имавме изготвено стратегија за начинот на реализација на ваквиот тип на настава, имаме јасна слика за предизвиците, недостатоците и други специфичности кои ги забележавме во текот на реализацијата.

Имаме формирано посебен тим за реализација на електронската настава и техничка поддршка на професорите при реализација на наставата, а периодов се извршува проценка на потребите на наставниот кадар кои што се однесуваат на делот со: способност и познавање на комјутерските вештини, но и на потребите од аспект на информатички средства и други ИТ помагала.

Досега од самото воведување на онлајн наставата излеговме пресрет за скоро сите ученици кои имаа потреба од претходно извршеното мапирање, со таблети со кои ние како училиште располагаме, а исто така и за дел од колегите кои имаа потреба од лаптопи и други ИТ средства за непречено реализирање на наставата. Се надевам дека нема да бидам погрешно сфатен, но не мора да значи дека ако училиштето се наоѓа во општина Шуто Оризари и над 90% од учениците се Роми – дека училиштето се соочува со големи предизвици и проблеми – напротив слободно можам да кажам дека сите ученици беа опфатени со ваквиот тип на настава и сме позитивен пример за реализирање на онлајн настава, со распоред, нормално времетраење на училишниот час, унифициран пристап на реализирање на наставен час со користење на една платформа на ниво на училиште и активна двонасочна комуникација.

Истакнувам дека ако и оваа година се реализира со учење преку далечина или пак ако решението опфаќа и онлајн настава треба да бидат запазени низа фактори за кои зборував во првото Ваше прашање. Ние по извршување на мапирањето на потребите на наставниците (нивните вештини и технички можности/услови) како и на учениците за нивната можност и пристап до ИТ средства и интернет, ќе извршиме ревизија на нашата стратегија за реализација на онлајн настава и нејзино дополнување за оваа учебна година. А, потоа ќе разгледуваме опции за уште поголема свесност за сериозен пристап кон ваквиот тип на настава, како и други иновативни начини за успешна реализација.

# Факт е дека во многу училишта има професори кои не се успеваат добро да се снајдат со технологија. Дали вие како училиште се заложивте да им направите обуки, како олеснување?

Поправедно ќе биде да се зборува за условите на секој наставник и техничката опременост на училиштата за реализација на онлајн настава, отколку за вештините на наставниот кадар. Комјутерските вештини се секојдневние на народот денес, а се согласувам со фактот дека има одредена група на која послаба страна им е комјутерската писменост и спремност за преку цела година да реализираат ваков тип на настава – но, тоа е решлив проблем. Среќен сум што генерално наставниот кадар е млад, иновативен, самоиницијативен и соработлив, лесно ги надминуваме ваквите предизвици, но и покрај тоа периодов на интерно ниво ќе се доекипираме, доопремиме и дообучиме за да можеме во целост да излеземе во пресрет на овој предизвик.

# Но, што е со оценувањето. Кој начин би бил најидеален за искажување на постигнатиот успех на учениците преку бројки?

Доколку наставата се реализира онлајн или пак на комбиниран начин на настава каде онлајн е една од опциите треба да се даде посериозна димензија на целиот процес за да можеме да имаме успешно интегрирање и сериозен пристап од сите чинители, а особено од страна на учениците. Оценувањето останува повторно прашање на кое треба да се изготви подетална анализира и во поглед на истото повторно се издвојуваат два модели: да се утврди начин преку електронско оценување (ако веќе целосно се исклучува физичкото присуство), да се прилагодат критериумите на оценување согласно наставните програми и изрично да се запази квалитетот на знаењата, се разбира со вклучени можности за имање на една или повеќе негативни оценки на крајот од учебната година – доколку од тоа има потреба, но и за повторување на годината во зависност од конкретниот случај. И второто предлог решение со кое се предлага оценувањето да се реализира во групи со физичко присуство во учичилиште.

# Претходно три месеци наставата течеше онлајн. Како се избори вашето училиште со овој предизвик? Може ли да кажете дека успешно се заврши учебната година?

Да имавме претходни искуства од ваков начин на реализирање на наставата, сега немаше да се крева толку паника и немаше да биде голем предизвик. Но, соработката на наставниот кадар од нашето училиште е одлична. Од прекинот на наставата па се до официјалниот став за онлајн настава, ние споделувавме анимирани содржини, наставни материјали и слично на нашата фб страна. А, како што напоменав со добар начин на организација, контрола и брзо реагирање на проблемите верувам дека многу добро се справивме со ваквиот тип на предизвик. Со оглед дека некои од учениците до март имаа барем по една оценка за второто полугодие и делот на оценување не беше толку голем проблем, на ниво на активи се дискутираше за начините на оценување и пристапите кон пообјективно утврдување на оценките. Од друга страна по извршената анализа за немањето можност на учениците излеговме во пресрет на учениците со уреди за следење на наставата – таблети, а битно е да се напомени и солидарноста на истите во поглед на позајмување на веќе стари уреди кои функционираат, а не ги употребуваат, помагање при обезбедување со интернет конекција и слично. Генерално на ниво на нашето училиште сметам дека успешно заврши оваа учебна година. Факт е дека физичкото присуство не може ништо да го замени, но и ова го имаме како едно позитивно искуство од кое може многу да се научи.

# Како за крај, што мислите: Треба ли сите училишта да имаат една унифициран начин на работа, бидејќи досегашната пракса покажа дека секое училиште, па дури и секој наставник/професор на различен начин ја одржуваше наставата?

Како што и претходно на дел од вашите прашања напоменав, прифатливо е да се има унифицирани заеднички и анализирани решенија, но истите треба да бидат флексибилни т.е апликативни, отворени за промена и дополнување и прилагодување на различните училишни средини. Додека пак, на ниво на училиште според мене најдобра солуција е да се има заедничко решение во врска со апликацијата и начинот на реализација на наставата од далечина, пазејќи на делот: едноставност на апликацијата, практичност и двонасочност на комуникацијата за време на наставниот час.

Ивана Мисајловска


Објавена во: Интервјуа, School zone

Можеби ќе ве интересира: