Криво ми е бидејќи последните денови од одморот ми завршија во изолација: Ивона Јо за борбата со коронавирусот

Криво ми е бидејќи последните денови од одморот ми завршија во изолација: Ивона Јо за борбата со коронавирусот

Објавена во: Stars // Интервјуа

Пејачката и јутуберка Ивона Јовановиќ од Куманово, во неделата на својот профил на Инстаграм објави дека е позитивна на коронавирус.

 За Хаштаг, Ивона Јо го споделува нејзиното искуство со ковид-19

„Првите симптоми почнаа минатата среда, а контакт со заболен имав во саботата. Во понеделникот дознав дека е заболен, а веќе во среда развив први симптоми, малаксаност, изгубив енергија, ме бутна во кревет, добив покачена температура, која почна од 38, стигна до 39,5, постепено се качуваше од ден на ден. А јас во животот немав покачено темература и затоа не ми беше сеедно.“

Ивона вели дека после овие први симптоми веднаш го контактирала матичниот лекар, се ставила во изолација, прекинала физички контакт со нејзините домашни.

„Матичниот ми закажа веднаш тестирање за во петокот. Во петок сабајле кога станав немав чувство за вкус и мирис па дефинитивно знаев дека е ковид, но официјално резултатите дека сум позитивна стигнаа во неделата.  Морам да признаам дека ми беше тешко, и ми беше криво, бидејќи последните денови од одморот ќе ми завршат во изолација, затворена.“

Ивона раскажува дека од кога дознала дека е позитивна на вирусот, не се чувствувала ни психички добро.

„Ми беше тешко и затоа што бев во контакт со повеќе луѓе, не знам кој има послаб, а кој појак имунитет. Психичката состојба, за која ретко се зборува е многу битна во овие денови. Мене ми беше на многу слабо ниво.  Додека не се освестив дека јас мојата граѓанска одговорност ја исполнив, јавно кажувајќи дека сум заразена со што ги информирав сите кои биле во контакт со мене дека е препорачливо да се изолираат.

Како што реков психичкото здравје ми е многу важно, бидејќи сум затворена, но постојано се обидувам да сум во контакт со себе, со моите чувства, имам постојана поддршка од моите пријатели и моето семејство, понекогаш и ми пречи што телефонот толку ми ѕвони. Но знам дека ќе го победам ова бргу и се ќе биде во најдобар ред.“

Таа е свесна и како се заразила.

„Знам како се заразив, од мојата пријателка, која подоцна дозна дека е заразена со ковид, бевме во контакт во петок и сабота. Мојата пријателка и до ден денес нема симптоми.“

Откако јавно објави дека е заразена со ковид-19, Ивона вели дека на нејзина адреса пристигаат многу коментари и пораки со навредлива содржина.

„Добивам безброј пораки и коментари со навредлива содржина, дури велат и дека сум потплатена да зборувам дека сум позитивна на ковид, но гледам таквите пораки да ги игнорирам, исто како и порано, бидејќи  не можеш на цел свет да се објасниш дека ти е лошо, дека не можеш од кревет да станеш.

Но добро се носам со такви коментари, уште од времето се оперирав од нив, за да денес кога ќе стигнат до мене само ќе ги прочитам и ќе се насмеам.“

Ивона вели дека моментално се чувствува подобро, иако не може најдобро да спие, а чудно и' е што нема ни вкус ни мирис.

„Спијам само по неколку часа, чудно ми е што немам вкус и мирис и механички ја џвакам и доживувам храната, дефинитивно кога ќе изгубиш некои работи сфаќаш колку ти значеле. Никогаш не би ми текнало да бидам благодарна затоа што имам мирис и вкус, а денес сум благодарна што сум ги имала и се молам за моето здравје и здравјето на моите и се надевам дека го немам пренесено вирусот на нив.“

Ивона упати порака до сите оние кои не веруваат дека постои вирусот, и до оние кои не веруваат дека таа е заразена.

„Само ќе им кажам дека сум болна, лежам дома со страв да не го пренесам вирусот на моите дома, докторите ми рекоа дека е добро што навремено сум ги откажала цигарите бидејќи имав постојана дијагонза на хроничен бронхит, па порано и за обична настинка со кивање и кашлање примав инекции, но благодарност на мојата истрајност ги откажав цигарите и сега белите дробови се во ред.

Но, знам дека како што беа пред две години, немаше шанси да го издржат притисокот кој самиот вирус го прави.

Јас имав многу потешкотии во дишењето, но за среќа помина бргу бидејќи имам моментално здрави бели дробови, така да хронично болните и оние кои имаат проблеми со бели дробови, крвен притисок знам дека потешко би го поднеле вирусот.

А моја порака е да ги слушаат препораките на надлежните, бидејќи да ги слушав јас препораките и да не бев во толку близок контакт со пријателка знам дека немаше ова да се случи, или да седев во отворена просторија, на отворено место ова немаше да се случи.

Сите препораки кои ги кажуваат самите надлежните институции се важни, и да, една маска може да не’ заштити. Така да не седете во затворена просторија со многу луѓе дури и со блиски луѓе затоа што не знаеме кој е заразен. Мојата пријателка и до ден денес нема симптоми.  

Чувајте се, верувајте во она што сакате да верувате, но почитувајте ги мерките. И имајте добро физичко но и психичко здрравје, на кое никако не смееме да заборавиме особено во овие денови.“

За крај и посакавме побргу опоравување и ја прашавме кои се нејзините следни планови на музички план, откако ќе оздрави. 

„После целава ситуација планирам да ги откажам сите свирки, навистина не е фер и убаво да зборувам како не треба да бидеме во затворени простории, а истата јас да пеам на музички настан од затворен тип. Така да сите музички настани од затворен карактер ќе бидат откажани, па влегувам во студио. Планирам со мојот најдобар пријател, Силијан Пановски, кој што ми е воедно и пијанист во бендот, да правиме неколку озбилни музички проекти кои не би ги откривала за сега.  

Но, очекувајте големи проекти бидејќи сите овие денови дома сфаќам колку работи пропуштив затоа што се замарав со небитни работи. 

Еве можеш да се разболиш и легнеш во кревет за ден, два и сите планови да се пореметат. А некои работи дефинитивно заслужуваат да бидат приоритет број еден на листата на обврски кои треба да ги завршиш денес.

После ова планирам да се вратам во студио и во најблиската теретана, и да се вратам на здрава исхрана затоа што нашето тело тоа го заслужува.“

*Љ.И


Објавена во: Stars // Интервјуа

Можеби ќе ве интересира: