Листата со резултати почнав да ја читам одоздола нагоре: Интервју со Илијана, добитник на стипендијата „Борис Трајковски“

Листата со резултати почнав да ја читам одоздола нагоре: Интервју со Илијана, добитник на стипендијата „Борис Трајковски“

Објавена во: Stars // Интервјуа

Илијана Буховски е една од најуспешните полуматуранти кои оваа година успеаа да ја освојат стипендијата „Борис Трајковски“. Основно образование на 10 јуни ќе го заврши во ООУ„Владо Тасевски“, за каде што вели дека секогаш ќе има спомени и што тие девет години ги поминала во тоа училиште, кое за неа е темел на нејзиното идно образование - средното.

Освојувањето на оваа стипендија, која нуди можност за едуцирање во приватната престижна гимназија „Нова“, која ги отвора вратите на светот е вистински предизвик за секој иден средношколец, а Илијана нејзиниот пат ни го раскажа на еден посебен, па дури и сликовит начин.

# Добитник си на стипендијата „Борис Трајковски.“ Колку беше тешко да се постигне сево ова?

Сé започна малку наивно. Веќе лани кон крајот на ноември претставници од гимназијата „Нова“ дојдoа во нашето училиште и ни поделија флаери за упис и можност за стипендија. Тој ден откога стигнав дома поразговарав накусо со мајка ми и само и кажав: „Мамо јас ќе аплицирам да добијам стипендија, но ќе видиме што ќе биде.“ А, искрено да зборувам, моите родители не можат да си дозволат јас моето образование да го продолжам во такво престижно училиште, каде едукацијата е на највисоко ниво и кое широко ги отвора вратите на светот. А, колку беше тешко да се постигне сево ова, можам да кажам дека за првиот круг, кога требаше да пишуваме есеј на некоја тема, психата ми беше многу поослободена и постојано размислував како да се напише есејот, како да го започнам есејот, како да го завршам, какви синоними да употребам за одреден збор (бидејќи целиот едукативен процес е таму на англиски јазик). Дури и вечерта останав без сон, размислувајќи за можните теми. Дента кога отидов на првиот елиминацонен круг и кога видов стотици ученици што исто така се пријавиле за стипендијата, не ги изгубив очекувањата, но си реков: „што биде, биде, јас ќе дадам максимум од себе.“ Можам да кажам, дека неизесноста, односно чекањето на резултатите беше најтешкото нешто. Најискрено, објавената листа со резултати почнав да ја читам одоздола нагоре. Кога мојата шифра не ја пронајдов во долните редови, со секој ред погоре возбудата растеше и кога во врвот на табелата прочитав RICO130700 (мојата шифра) почнав да скокам од среќа. Но, од тој момент знаев дека во вториот круг кој беше пресуден за стипендијата „Борис Трајковски“ знаев дека тоа веќе нема да значи „што биде, биде“ или „важно е само да се учествува“ туку сериозен пристап и максимална посветеност ако сакам да го продолжам образованието таму. Целиот зимски распуст го поминав во постојано размислување, како ќе се одвива финалниот круг, како ќе изгледа начинот на нашето оценување кога добивме упатства од самото училиште дека не ни треба никаква умствена подготовка. Финалниот круг беше сосема ново искуство за нас бидејќи сé се одвиваше преку креативна работиница и практично се гледаа нашите комуникативни способности, начинот на дружење со останатите кандидати, нашето креативно изразување... Печат на мојот труд и моето вложување е оваа стипендија, за која што немам зборови со кои можам да опишам колку ми значи.

# Што е она што ти беше најтешко, односно кое задолжение поврзано со аплицирањето најтешко го совлада?

Не можам да издвојам што ми беше најтешко, но тука можам да кажам што за мене беше најголем предизвик, а истовремено и најинтересно. Пишувањето кратки есеи кои беа дел од апликациониот процес за вториот круг само уште повеќе ја зголеми мојата креативност. Тие беа кратки, но бараа многу размислување, бидејќи беа на теми кои се комплексни и за кои има многу да се пишува. Суштината на сето ова беше длабоко да се навлезе во сопствените мисли и тоа да се стави на лист хартија. 

# Како реагираа твоите соученици на овој твој успех?

Уште истиот ден кога ги добивме резултатите, првите несебични честитки ги добив од пријателите што ги стекнав за време на креативната работилница во „Нова.“ Следниот ден во училиште однесов во одделението чоколадни бомбончиња за да ги почестам мојата класна, наставници, другари и соученици. Всушност тие тогаш разбраа дека јас ја добив стипендијата и изразот на нивните лица ми покажа коклу всушност тие се среќни за мене. Веќе јас споменав дека „Владо Тасевски“ е темелот за моето понатамошно образование, но кога веќе зборуваме за кој сé се израдува за мојот сегашен успех, искрено и од сé срце ги пишувам имињата на наставничките Светле и Сања кои ме описменија буква по буква и кои ме научија да множам, делам, собирам... Понатаму сé е надградба.

# Иако е се уште рано, но имаш ли идеја со што сакаш да се занимаваш во иднина?

Ги сакам природните науки, посебно хемијата, но и биологијата. Можеби јас ја имав токму таа среќа - класната Сузе да ми предава хемија, па и основата за оваа наука и подготовките за натпревари, уште повеќе ја зголемија мојата желба понатаму во животот да се определам за наука која е силно поврзана со хемијата и биологијата. Сериозно размислувам да студирам медицина, но како што и сами велите ќе видиме како ќе се одвиваат работите 

# Кој ти е најголема поддршка во животот и во остварувањето на твоите цели?

Најголемата поддршка за сите мои предизвици, желби, потешкотии, успеси ја добивам од моето семејство. Мој вистински херој е мојата сестра Ања, која го оставрува својот сон студирајќи во Лајпциг, Германија. Слободно можам да кажам дека всушност од неа доаѓа најголемата подршка, а оттука го црпам мотивот да ги остварам моите лични цели.

# Основното образование го завршуваш на новиот начин на учење - на далечина. Како се адаптираше на сево ова? Ти недостасува ли класичниот начин на учење?

За жал актуелната состојба, налага да седима дома и оваа училишна година да ја завршиме надвор од училишните клупи, односно дома, но како сите деца од 21. век јас лесно се адаптирав на овој начин на учење. Но, комјутерите во ниту еден момент не можат да ја заменат класичната настава кога во моментот можеме да прашаме нешто што не ни е јасно, кога на лице место се договараме за следни активности и се разбира тоа што најмногу ми недостига се оние наши детски досетки и шегувања на часовите, кога сите гласно ќе се изнасмееме, кога знаеме беспоштедно да замараме, кога стануваме невозможни...

# Оваа година, поточно за десетина требаше да се одбележи крајот на една етапа од образованието - прославата за полуматурата. Како ја прими веста за откажувањето на прославите?

Искрено забавите не ги сакам најмогу, иако сакам квалитетно дружење. Откажувањето на прославата за мене воопшто не претставува некој трагичен настан, не дека не ја сакам модата, напротив моите модни комбинации се многу поразлични, знам да искомбинирам две сосема различни парчиња и да одговараат совршено. Но, свечените матурски фустани, штиклите, светкавите костуми воопшто нема да ми недостигаат оваа година.

# Каде се гледаш за 10 години?

Се надевам дека ќе го остварам сегашниот план да студирам медицина во странство.

# За што најчесто ги користиш социјалните мрежи? 

Од социјалните мрежи најмногу ги користам YouTube и Instagram, посебен фан сум на некои Јутјубери како што се Markiplier и Jackspticeye кои во последниве неколку години прават донаторски livestreams, додека Instagram пак го користам за комуникација со моите најблиски другари и другарки.

Ивана Мисајловска


Објавена во: Stars // Интервјуа

Можеби ќе ве интересира: