Луѓето се чудат кога ќе сфатат дека свирам на тапани, а не пеам: Гимназијалка од Карев руши стереотипи
Ангела Трајковска има 18 години. Четврта година е во Гимназијата „Никола Карев“. Таа е музичар во комплетна смисла на зборот, а на сцена ќе ја најдете зад тапаните. Не свири многу долго, но затоа се труди да остави нешто за себе и со својот бенд работат напорно.
# Од кога се роди твојата љубов кон музиката, односно љубовта кон тапаните?
Љубовта кон тапаните ми се јави додека седев во училишната пробувална и ги слушав моите другари како свират. Најголемо внимание ми одвлекоа тапаните и секогаш кога бендот имаше пауза седнував и експериментирав или ќе замолев некој што свири „бубњеви“ да ми покаже некоја финта. По извесно време најдов професор по „бубањ“, каде што веќе година дена одам и прилично многу напреднав благодарејќи на него.
#Свириш ли на некој друг инструмент освен тапани?
Не свирам на друг инструмент, но најубавиот инструмент и инструмент што би сакала да го свирам после тапаните е дефинитивно бас.
#Живееме во општество во кое се уште професиите се делат на машки и женски. Се јавува ли некогаш проблем за тоа што си женско - тапанар?
Искрено не би кажала дека има проблем тоа што сум женско, досега никогаш не сум осетила таква полова дискриминација. Секако дека има помалку женски музичари, но тоа никогаш не ме спречило да си ја вршам работата. Луѓето секогаш се зачудуваат кога ќе разберат дека всушност свирам „бубњеви“, а не сум таа што пее, секако на позитивен начин што според мене е потполно нормално.
#Како реагираат твоите пријатели на твојот избор?
Моите пријатели се секогаш до мене и прилично многу ме поддржуваат во оваа одлука, секогаш кога имаме нови проекти со бендот многу се радуваат и на свирки задолжително се во првите редови и нивната работа како поддршка секогаш си ја извршуваат беспрекорно.
#Член си во бенд. Колку члена брои бендот?
Сите во бендот сме од „Никола Карев“, но не сме училишен бенд. Вкупно сме 5 луѓе, јас на „бубањ“ и уште 3 гитари, вокал и бас.
# Кога има многу луѓе има и многу интересни случки. Можеш ли да ни раскажеш некој интересен момент со екипата од бендот?
Еден бенд никогаш не е само бенд, многу е важно со бендот да комуницираш и надвор од „работата", бидејќи така доаѓаат најдобрите идеи кои понатаму доколку ги оствариш се еден огромен плус. Како една од најсмешните случки со бендот морам да ја издвојам мојата прва свирка во живот каде што од преголема возбуда ми летна едната палица и сакајќи да ја земам, со коленото го турнав добошот, а добошот и останатите делови од „бубањот“. Доколку не изреагирав во истата секунда ќе паднеше целиот сет и ќе беше прилично лошо.
#Каква музиката свирите?
Со бендот не сакаме да сме ограничени со жанр, практикуваме да свириме се и сешто, секако најмногу свириме рок, но тука се и панкот, фанкот, металот и останато.
#Авторските дела се заштитен знак за млади бендови. Имате ли нешто авторско?
После година откако е направен бендот почнавме со правење наша музика, моментално имаме 2 официјални авторски песни и уште неколку кои ни се во процес на изработка. Но, планот ни е да почнеме посериозно да работиме на тоа и воопшто не се сомневам дека тоа нема да се оствари.
#Сигурно досега сте имале многу настапи, но можеш ли да одвоиш еден за тебе омилен?
Една од најубавите свирки ми беше свирката во „Корчагин“ пред извесно време каде што за прв пат ја свиревме една од авторските песни и се направи убава атмосфера каде сите играа и пееја. Тоа многу ми го исполни срцето иако бев прилично несигурна.
#Што би била Ангела, доколку не е тапанарка?
Доколку не би била тапанарка би се занимавала со фотографирање и едитирање.
#Каде се гледаш за 10 години?
За 10 години се гледам како успешен психијатар.
Ивана Мисајловска