Македонката која доби награда во чест на принцезата Дајана: Искрено со 19 – годишната Ангела Бушеска
Ангела Бушеска е 19 – годишна матурантка од Струга, која се стреми кон подобро утре, во секоја смисла на зборот. За успешноста во остварувањето на нејзината цел говорат и наградите и признанијата кои ги има добиено и тоа во светски размери. Моментално се подготвува за пат преку океанот, каде што ќе го продолжи своето образование на Универзитетот во Пенсилванија, САД.
Оваа млада девојка е дел од листата на светски тинејџерски лидери организирана од познатиот гитарст Најл Роџерс, а воедно е и основач и креатор на организацијата „EnRoute“. За Хаштаг открива која е целта на оваа организација, но и сподели како е да бидеш дел од онлајн цереномијата на која зборуваш на исто видео во принцот Хари.
# Како дојде до тоа да станеш основач и креатор на организацијата „EnRoute“ и за што точно се заложува истата?
Главната инспирација за нејзиното создавање дојде од самата пандемијата. Иако пандемијата е катастрофа од светски размери - сите се бориме против неа преку минорни нешта како што се носење на маски и миење раце. Од друга страна, најголемиот предизвик кој ја напаѓа Планетата Земја пред нас се климатските промени. Бидејќи не сакаме да преживуваме уште една ваква криза, си помислив зошто да не го направиме истото и не ја искористиме моќта на секојдневните активности.
EnRoute ни овозможува да ги намалуваме CO2 емисиите додека ги исполнуваме нашите секојдневни потреби. Преку неа може да се информираме колку CO2 емисии спасуваме со различни превозни средства и што се крие позади нашите омилени брендови. Самото име EnRoute - што во превод значи „На пат“ - ја крие симболиката на менување на светот додека сме во движење.
Оваа идеја за првпат почна да се развива во април 2020 година кога работев на истражувачки натпревар организиран од „Volvo“ и „New York Academy of Science“. Иако денес имаме освоено над 15 интернационални награди, на тој натпревар не се најдовме помеѓу победниците. Нашата упорност во изминатите 18 месеци е уште еден доказ за сите убавини кои можат да се случат само ако не се откажеме и веруваме силно во нашата цел.
# Како ги одржувате состаноците со останатите претставници на организацијата и кои се вашите цели?
Со пандемијата светот се претвори во едно глобално село. Го имаме целиот свет на дланка само преку еден повик на Zoom. Токму поради тоа, во изминатите месеци, успеавме да се поврземе со бројни партнерски организации во Европа и САД (како што се „Global Changemakers“, „United People Global“, „Global Citizen Year“ и „We Are Family Foundation“), а со тоа и да изградиме заедница на претставници во над 50 земји.
Поради временските разлики, се случува нашите состаноци да бидат премногу рано или доцна – но, желбата за подобро утре секогаш ни дава сила да продолжиме. Главната цел ни е да едуцираме што повеќе луѓе да живеат еколошки настроено, и поради тоа освен апликацијата често одржувам работилници на интернационални самити.
# Колку си задоволна од тоа како фунционира организацијата и каков е одзивот кај младите кај нас во врска со неа?
Преку организацијата дојдовме до заклучок дека колку е помлада една личност, толку полесно е да ѝ се променат навиките. За таа цел ние константно се фокусираме на генерацијата З чии принципи се секогаш поврзани со средината во која живееме.
Досега сме имале над 3.500 корисници, во ранг од 14-30 години и заштедени над 100.000 килограми CO2 емисии, што навистина ми дава надеж за една посветла иднина. Бидејќи е напишана на англиски јазик, досега е користена во сите 50 земји од каде потекнуваат нашите амбасадори.
# За твоите успеси говорат и наградите кои ги имаш добиено, а од кои особено се издвојуваат награда „Wonder“, која ти беше доделена од Шон Мендес и наградата во чест на принцезата Дајана. За што точно ги имаш добиено овие награди и колку секоја една од нив ти значи?
Наградата „Wonder“ за мене беше едно од најголемите изненадувања, бидејќи немаше процес на апликација, односно добитниците беа директно исконтактирани од Шон Мендес и неговиот тим. Наградата има за цел да ги поддржи и признае неговите фанови кои работат на иновативни проекти за животната средина. Фактот дека бев единствената добитничка од Европа, а воедно и најмлада, претставува пред сè, огромна радост, афирмација за сработената работа, но и силен мотив за нови подвизи.
Наградата во чест на принцезата Дајана, од друга страна, ја продолжува нејзината историја. Таа отсекогаш верувала дека младите луѓе може да го променат светот. Иако поради пандемијата церемонијата се одвиваше онлајн беше чест да се зборува на исто видео со војводата од Сасекс, принцот Хари.
# Средното образование го заврши во училиштето „Јахја Кемал“ во Струга, како првенец на генерација, а наесен своето образование ќе го продолжиш на Универзитетот во Пенсилванија, САД. Што точно ќе студираш?
Иако самиот систем во САД ни овозможува да ја одбереме точната насока дури во втора година од високото образование, мојот избор ќе биде поврзан со инженерството и природните науки. Како малечка секогаш верував во магија, но во текот на моето средно образование преку државните и интернационалните олимпијади по математика и физика, но и бројните саеми за научни истражувања, сфатив дека баш науката е магијата во реалниот свет.
# Како падна изборот баш на овој универзитет? Тешко ли беше да влезеш во најтесниот круг и да станеш дел од примените бруцоши?
Од над 20.000 апликанти, се избрани околу 1.200 ученици, каде само 100 од нив се интернационалци. Покрај тоа, само 30 од нас се добитници на целосна стипендија, каде школувањето и престојот се на сметка на самиот факултет. „Lafayette College“ е универзитет кој има неверојатен спој на можност за иновации и истражување, но и еколошки импакт и одржливост. Најдобриот дел секако ќе биде можноста за откривање нови перспективи и запознавање на луѓе од целиот свет.
# Каде се гледаш по завршувањето на студиите? Дали планираш своето знаење да го донесеш во нашата држава или тежнееш кон тоа да создаваш иднина надвор од границите на нашата држава?
Пандемијата навистина ни докажа дека животот е непредвидлив, и дека светот може лесно да се промени за само еден ден. Во овој случај ќе кажам дека само едно е сигурно - и без разлика на сè, ќе продолжам да ги користам моите знаења и способности за креирање на подобро утре!
Ивана Мисајловска