Македонските претставници на детската Евровизија први на топ 100 листата на JESC: Green Forces“ први и по прегледи на Youtube
Во петокот на македонскиот национален сервис и официјалниот Јутјуб канал на Јуниорската Евровизија, беше премиерно претставена песната и спотот на нашите овогодинешни претставници.
Како што веќе знаете, тоа ќе бидат Анастасија, Филип, Кики и Миха - децата од проектот „Дајте музика“, кој последниве неколку години ја забавува и едуцира најмладата публика. Исто како и во ТВ емисијата, така и со евровизиската песна „Green Forces“ испраќаат важна порака. Овој пат четворицата тинејџери ќе пеат за заштитата на животната средина.
„Ние не можеме да ги решиме проблемите со загадувањето, но секој од нас МОЖЕ да направи огромна разлика! Потребни сме ѝ на нашата планета!“ – велат изведувачите Анастасија, Филип, Кики и Миха во нивниот блог за песната. Свесни дека не можат да ја поправат штетата што ѝ е нанесена на природата, целта на GREEN FORCES е да поттикнат што е можно повеќе деца, да го согледаат наследството и да почнат да се однесуваат одговoрно кон единственото место кое 7.9 милијарди луѓе нарекуваат дом.
Дека, нивната порака веќе се слуша низ цела Европа одличен доказ е бројот на прегледи на Јутјуб. Имено, македонската песна, во моментот има повеќе 200.000 прегледи и тоа ја става на првото место по прегледи, а коментарите под видеото се и повеќе од ветувачки.
Обожавателите на Јуниорската Евровизија, по само три дена од објавувањето на песната веќе ги прогласија за победници нашите Анастасија, Филип, Кики и Миха, но на нивните успеси крајот не е тука.
Роберт Билбилот, кој воедно е и автор на музиката, вчера на својот Фејсбук профил сподели многу убави вести.
„Македонија на прво место на топ 100 JESC“ - напиша покрај фотографиите со кои го потврди овој успех.
Ова е добар знак дека на 19 декември сите ќе треба да бидеме пред малите екрани и да ги бодриме нашите претставници, кои на сцената во Париз ќе дадат сè од себе да ја претстават нашата држава во најдобро светло, но и својата порака да ја испратат до што повеќе луѓе.