Македонските TikTok ѕвезди Анастасија и Динев ја поддржаа кампањата #NeSeZaletuvaj

Македонските TikTok ѕвезди Анастасија и Динев ја поддржаа кампањата #NeSeZaletuvaj

Александар Динев (aka. Dinevv) и Анастасија Христовска (aka. an.ass.tasija) се едни од најуспешните македонски тиктокери. Забавната содржина на нивните профили ја следат над 150 000 фанови. Свесни дека со својата популарност можат да придонесат во подигнување на свесноста, особено кај младата популација, за ризикот од трговија на луѓе што се крие зад само еден клик, и двајцата со задоволство ја поддржаа кампањата #NeSeZaletuvaj.

-  Мислам дека е важно луѓето да бидат инфромирани и едуцирани за да не прифаќаат сомнителни понуди за работа и како резултат на тоа да станат жртви на трговија со луѓе со цел трудова експлоатација - вели Анастасија Христовска.

Интернетот во голема мера ја олеснува трговијата со луѓе и има клучно влијание врз целиот синџир на трговија со луѓе; од регрутирање и транспорт до сместување на жртвите и нивна експлоатација. Регрутирањето на жртвите се повеќе се одвива преку Интернет. Трговците со луѓе ги намамуваат жртвите со ветувачки реклами за работни места или патувања, поставени на општите страници за огласување или дистрибуирани преку агенции за посредување, меѓународни агенции за склучување брак или страници за запознавање љубовен партнер. Покрај огласите, трговците со луѓе директно им приоѓаат на жртвите и во групите за разговор или на мејнстрим социјалните медиуми.

Динев е од Валандово и и самиот имаше планови да продолжи со образование во САД. Вели дека во процесот на истражување околу можностите за стипендија и учење многу истражувал, се информирал и се распрашувал за да добие информации од проверени извори. 

-  Младите, најчесто од неразвиените региони на земјата, одлучуваат да бараат работа во странство, несвесни за можните ризици и со тоа да станат жртви на измама (во однос на условите за работа и плата), но исто така и ограничувања на слободата, одземање на пасошот и можноста да бидат подложени на суров третман и експлоатација, затоа мислам дека е важно да знаат особено моите врсници како да стигнат до проверени информации - вели Александар. 

НЕ СЕ ЗАЛЕТУВАЈ! е кампања лансирана во Северна Македонија од страна на НВО Отворена Порта Ла Страда со поддршка од Европската Унија и Советот на Европа преку заедничката програма “Хоризонтален Инструмент за Западен Балкан и Турција 2019-2022” (Хоризонтален Инструмент II) која е насочена кон информирање и подигнување на свеста на јавноста за ризиците од трговијата со луѓе со цел трудова експлоатација.

ВИДЕО:



Можеби ќе ве интересира: