Марија Костадиновска: „Волшебните прегратки“ и „Вистинска приказна за двете соседни кралства“ носат порака за искреност, пријателство и љубов
Во присуство на многубројни деца и нивните родители, вчеравечер (24 март), во „Литература.мк Суперстор“ во „Скопје сити мол“, се одржа промоција на двете книги од младата авторка Марија Костадиновска: „Вистинска приказна за двете соседни кралства“ и „Волшебните прегратки“. Книгите се во издание на „Либи“, дел од „Арс Ламина – публикации“. На промоцијата, покрај Костадиновска, се обратија и илустраторката на „Вистинска приказна за двете соседни кралства“ – Александра Филипоска, илустраторката на „Волшебните прегратки“ – Иванка НиБа, а промоторка на делата беше проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска. Извадоци од книгите прочита проф. Елена Ѓорѓиовска.
– Инспирацијата за двете книги ја добив во еден порив, преку ноќ, за време на пандемијата. Сето она знаење што го собрав за време на студиите на Филолошкиот факултет, резултираа со пишување на овие книги. За делата се инспирирав од сѐ она што го гледам наоколу. Децата, родителите, средината и начинот на живеењето од една страна, со времето, технологијата и сите новитети што ни ги носат, од друга страна. Сето ова е само еден прототип на сѐ она што понатаму ќе го опишувам во приказните. Книгите се наменети за децата, затоа и ги пишував во еден стил на разиграност, леснотија, ведрина и топлина. Но, носат суштински и длабоки пораки што се наменети за родителите... Интересно е што насловот на двете книги почнува со едно големо „В“. Оваа буква, пред сѐ, е симбол на победата, мирот и слободата. Знаеме дека во приказните доброто го победува лошото. Дека главните ликови поминуваат низ фаза на иницијација сè со цел духовно да пораснат, за да дојдат до пронаоѓање на мирот и вистинското „јас“. А секое дете, како читател и слушател на приказните, неминовно со себе ја носи онаа чистота, безгрижност и слобода. Но, големото „В“ – за мене претставува и една голема вистина. Со повторувањето на овој збор, ги учам и ги насочувам децата, но и возрасните, на многу искреност и вистина. А потоа се надоврзувам и на вистинските вредности во животот, на искрените чувства, на пријателството, помагањето и поддршката, на љубовта и топлината, но и на волшебноста и убавината на живеењето – вели Костадиновска.„Вистинска приказна за двете соседни кралства“ е приказна за Хана, една вистинска кралица, и за Фран, еден вистински крал. Но, тие ги губат своите кралства. Оттука е и првата порака и поука дека ништо не е вечно и трајно. За да ги вратат изгубените кралства ќе мораат да се потрудат. Илустраторката Александра Филипоска, покрај тоа што се погрижи за графичкото уредување на делото, таа беше задолжена и за визуелното „оживување“ на ликовите во „Вистинска приказна за двете соседни кралства“.– Работата како илустратор и графички дизајнер на книгата „Вистинската приказна за двете соседни кралства“ за мене не беше предизвик, туку задоволство. Соработката со авторката Марија одеше многу лесно. На проектот почнав да работам за време на првите карантини, кога целото живеење беше само по себе предизвик. „Вистинската приказна за двете соседни кралства“ е забавна книга за вистинско пријателство, а покрај тоа е и поучна и полна со емоции. Од моето досегашно искуство, кога се работат книги за деца, илустрациите треба да бидат полни со емоции, забавни, да поттикнуваат насмевки, да бидат шарени и впечатливи. Најголемо достигнување е кога ќе видите детски цртеж што е инспириран од ваша илустрација – вели Филипоска.
„Волшебните прегратки“ е приказна-метафора за среќата. За непроценливата детска среќа и за тоа како со малку може да се има сѐ ако се занемари (не)намерното негативно дејствување од возрасните. За купувањето на нематеријални нешта, за вредноста на желбите и соништата. За бујната фантазија и остриот ум на детето. Илустраторката на книгата Иванка НиБа потенцира дека инспирација за визуализација на книгите за деца црпи токму од цртежите на децата.
– Пандемијата нѐ научи повеќе да ги цениме и да ги сакаме прегратките. Марија создаде приказна во која нѐ потсети дека гушкањето е еден од многуте начини на давање љубов и дека колку повеќе се гушкаме, толку повеќе љубов ќе имаме – и за земање и за давање. Во книгата таа вели дека „ако на тагата ѝ додадеш тага, таа станува двапати тага“ и таа се победува само со љубов и прегратки. Инспирацијата за илустрациите ми дојде веднаш штом ја прочитав книгата. Ликовите во приказната кои треба да ги илустрирам се одлично дефинирани. Исто така, и темата е многу инспиративна. Со Марија многу лесно се разбиравме. Добрата комуникација со неа и со уредниците од „Арс Ламина“ ни послужи брзо и без многу пречки да ја дефинираме книгата. Им благодарам на сите... Како илустратор на детски книги, црпам инспирација од детските цртежи. Учам од нив, за да можам достојно да ја пренесам порака што тие, до одредена возраст, не умеат да ја прочитаат, па читаат преку илустрациите – вели Иванка НиБа.
„Вистинска приказна за двете соседни кралства“ и Волшебните прегратки“ станаа дел од програмата на студиите по литература за деца на Филолошкиот факултет во Скопје. Имено, проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска, која воедно ѝ била професорка и на Костадиновска за време на нејзините студии, ги вклучи овие две книги во програмата за работа со студентите. Таа пред присутните го претстави своето стручно „читање“ на двете книги.
– Тргнувајќи од потребата да се раскажуваат вистински приказни во кои детето ќе се огледа и толку лесно ќе биде или Хана и Фран или Ведран и Мила, Костадиновска создава една приказна за две кралства и друга приказна за еден извонредно интересен Гушкоград. Во двете книги детето е центарот на случувањата, тоа е она што промислува и она што само доаѓа до одредени решенија и заклучоци. Нему никој не му кажува како треба да постапи за да излезе од непријатната ситуација. Исто онака како што Шеќерното дете само доаѓа до тоа да го ослободи заробениот славеј, исто онака како што Маша преку секојдневните згоди и незгоди со својот пријател Медо ги открива тајните на животот, така и Хана и Фран успеваат да си ги повратат изгубените кралства, така и Ведран и Мила успеваат да ја вратат вербата во прегратката и радоста во Гушкоград... Костадиновска со леснотија успева да ја развие својата авторска приказна врз фонот на народната. Така чудесниот, сказновитиот свет го развива низ постојаното поигрување на реалното и нереалното и притоа, тоа нивно спојување го остварува без страв и морбидност (и покрај тоа што противниците се именувани како Лошотилак или како Госпоѓа Злоба, и покрај тоа што завладува кралството Лошотилија, а и Гушкоград веќе не е тоа зашто прегратките или гушките секнуваат)... Двете приказни имаат среќен крај. И во тој поглед, Костадиновска останува на ниво на народната приказна. Затоа, кога ќе се совлада сиот лошотилак, Костадиновска им дозволува на Хана и Фран да го создадат и новото кралство на среќата – вели проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска.
Двете книги се достапни во сите книжарници на „Литература.мк“ и за нарачување онлајн преку интернет-страницата http://www.literatura.mk
Двете книги се достапни во сите книжарници на „Литература.мк“ и за нарачување онлајн преку интернет-страницата http://www.literatura.mk
* ПР - објава