Мартина од Дупер: Не се мој тип некултурни луѓе и возачи, непочит кон велосипедисти и загадено Скопје!
„Не сум твој тип“, „Тело за на ТВ“ и „Ние сме два“ се заразните нумери кои ги „бомбардираа“ социјалните мрежи и станаа хит меѓу македонската публика. Во тројцата мускетари заслужни за ваквото освежување на музичката сцена, ќе забележите едно женско. Името и е Мартина Баракоска, обична девојка која сака да вози точак и сака Скопје да биде убаво место за живеење. Оваа 20- годишна женска ги „растура“ тапаните во ДУПЕР, кои и се љубов од нејзината 12- годишна возраст. За себе вели дека сака кафе, музика и дружба...
* Од каде се роди љубовта кон тапаните, како почна таа приказна?
- Љубовта кон тапаните ми се роди слушајќи музика. Многу ме интересираше како се свири и размислува на тој инструмент и после некое време решив да си ја остварам таа желба.
* Тапаните се необичен инструмент за девојки. Дали досега сте се соочиле со некои стереотипи или коментари по тој повод? Колку е тешко да ве прифатат како женско тапанар и да ве приклучат во група/бенд? Какво е вашето размислување на поделбата меѓу „машки“ и „женски“ работи?
- Не би рекла дека е необичен инструмент за девојки, има девојки што прават партали на тапани, едноставно не било толку честа појава досега.
На почетокот се соочував со сомнежи (нормално), а и коментари дека не може женската сила да се мери со машката, што е точно, ама не е точно дека за свирење на тој инструмент е потребна таква сила. Во сѐ што правиш верувам дека треба да се докажеш. Секогаш работам на тоа да верувам во себе и да бидам храбра. Ако знаеш да свириш, навистина не е важно дали си машко или девојка, што значи-во бенд тешко дека би те примиле ако не знаеш да свириш.
Очигледна е разликата на машките и женските, нормално, имаме различен сензибилитет и начин на искажување емоции. Но тоа не ги прави едните поважни од другите. Никогаш не сум ја сакала таа дебела граница помеѓу машките и женските што генерално преовладува во сѐ.
* Каква енергија носи Мартина, во каква музика најмногу се внесувате и сакате да слушате, но и да свирите?
- Сакам да носам позитивна енергија во себе, но веројатно луѓето околу мене би можеле подобро да го одговорат ова прашање. Се внесувам во моите идеи, новите работи што ги учам и во свирењето со луѓе, односно авторска музика. Слушам разновидна музика и постојано барам нова која ме тера да размислувам и да научам нешто што не го знам.
* „Не сум твој тип“ е дефинитивно омилената песна на поголемиот дел од македонската публика во моментов. Како се случи ДУПЕР, и оваа заразна песна и видео-запис?
- ДУПЕР се случи многу спонтано и природно, без форсирање, и со долго договарање. Тоа се двајца момци со кои лесно ни оди муабетот, а и создавањето музика. Песната и спотот се случија во наш стил, спонтано, природно и позитивно. Имавме замисла и успеавме да ја реализираме и сме многу задоволни од тоа.
* Кој или што „НЕ Е ТВОЈ ТИП“?
- Некултурни луѓе и возачи, непочит кон велосипедисти и загадено Скопје.
* Со оглед на тоа што студирате на Факлутетот за музичка уметност во Скопје, тоа значи дека музиката ја избирате за своја професија во иднина, или пак станува збор само за хоби?
- Да, музиката ја избирам како професија, но не само затоа што студирам на музичка академија, туку обратно.
* Цитат кој ве опишува/ Мото по кое се водите ?
- Дека секој ден можам да бидам подобра личност и да научам нешто ново. (Не само во музиката)
* Каде и како се гледате за 10 години?
- Сакам да бидам тука и да сменам нешто.
* Опишете се со еден збор.
- Овен
Даница Караташова