Ме исмејуваа и критикуваа ама не се откажувам од блогерството: Мартин од Струмица за желбата да биде прифатен
Мартин Божинов има 18 години и веќе неколку години е активен на социјалните мрежи, посебно на Инстаграм. Се занимава со модно блогерство. Вели дека има соработки со познати модни куќи и од хоби блогерството преминува во негова посериозна занимација за која открива дека честопати бил исмејуван и критикуван од околината.
„Живеам во Струмица, а со блогерство започнав да се занимавам уште во 2015 година, кога имав само 13 години. Но, за жал потекнувам од една таква средина каде што ваквиот вид на работа тешко, или речиси воопшто не се прифаќа. Луѓето од мојата средина воопшто не се информирани што всушност е тоа, па често бев исмејуван, добивав разни критики. Но, ваквите навреди не успеаја да ме запрат во тоа што го сакам и уживам да го работам.“
Мартин раскажува дека на почетокот се соочил со голема несигурност, која со текот на годините ја победил.
„Немав доволно самодоверба, но како што растам и созревам сфаќам дека коментарите од другите не се воопшто важни ако го сакаш тоа што го работиш, ќе вложуваш напори и нема да дозволиш ниту еден коментар да те сопре“ - истакнува нашиот соговорник.
Тој посочува дека фотографирањето во оваа работа најмногу го исполнува.
„На почетокот беше само хоби, но сега тоа го сфатив посериозно и започнав попрофесионално да се занимавам. Иако сега сум четврта година средно и следната година планирам да се запишам на Факултетот за психолохија, сепак нема да го напуштам блогерството и со што и да се занимавам во животот ќе се посветам и на таа професија.“
„Пред неколку месеци започнав да соработувам со позната скопска модна куќа,од чија соработка сум премногу задоволен“ - открива Мартин, додавајќи дека во Македонија и нема потенцијал модното блогерство.
„На почеток е секогаш малку чудно затоа што ќе добиваш секогаш лоши коментари... Еден совет од мене до сите... ако тоа го работиш за пари подобро да се откажеш бидејќи парите не доаѓаат преку ноќ туку е потребно време“ - ни посочи Мартин, кој ни откри дека инспирација наоѓа од странските блогери.
„За да се живее од оваа работа во Македонија тоа е многу тешко, како што реков ние сме во една многу чудна средина каде постојано се исмејуваат луѓето. Но, сепак треба да сфатиме дека животот не е Инстаграм. Искрено некои мислат дека е многу лесно да бидеш блогер во денешно време, но не е затоа што постојано треба да избераш модни комбинации во кои ќе бидеш облечен за секоја реклама посебно, потоа каде да се фотографираш и слично. Сепак јас не планирам да останам да живеам овде, мојот план освен блогерството е да студирам и да одам во Америка“ - вели за крај Мартин.
Х.Р.