Мила Царовска: Секое дете мора да има право на образование за да постигне личен и општествен развој
По повод Меѓународниот ден на човековите права, министерката за образование и наука имаше свое обраќање на социјалните мрежи. Имено, таа на својот Фејсбук профил сподели видео во кое најголемо значење даде на Правото на образование, но и зборуваше за тоа колку образованието е важно за секое дете.
„Секое дете мора да има право на образование, квалитетно, навремено, достапно, со еднакви можности, за да прерасне во граѓанин и граѓанка и со моќта на знаењата да постигне личен и општествен развој. Горда сум што и во време на пандемија, во многу тешки услови за децата, родителите и наставниот кадар, овозможуваме наставата да продолжи и да биде достапна за сите ученици. Работиме и успеваме да изградиме инклузивно образование, кое вложува во младите и во науката и ги подготвува за иднината. Токму затоа, новата концепција за основно образование ќе се заснова на вредности како почитување на човековите права, толеранција, мултикултурализам и родова еднаквост и ќе создава граѓани кои ги почитуваат и живеат со овие вредности. Честит 10 декември -Меѓународен ден на човекови права!“ - напиша министерката Мила Царовска покрај видеото.