Милена Антовска: „ Во моето друштво важам за таа што делува како никогаш да немала љубовен проблем“

Милена Антовска: „ Во моето друштво важам за таа што делува како никогаш да немала љубовен проблем“

Веќе долги години сме навикнати на нејзиниот милозвучен глас,  а богами и секогаш ведар линк пред малите екрани. Но, овој пат водителката Милена Антовска ја навративме наназад во тинејџерските години. Ја поттикнавме да се потсети на љубовните проблеми, идолите од тинејџерските денови, но секако ја прашавме и какви совети би и дала на својата ќеркичка Лана Марија. Во продолжение прочитајте што откри Милена за hashtag.mk!

# Каква беше Милена во тинејџерските денови?

Во принцип не сум многу променета од тогаш. Се’ уште сум ведра, насмеана, комуникативна, дружељубива. Сега сум малку посталожена, што е нормално заради мајчинството, но како и да е детето во мене живее. :)

# Бараше ли тогаш совети од твојата мајка за оние т.н. тин проблеми?

Да, секогаш кога сум имала поголем проблем сум барала совет од моите родители.

# Кој беше твојот идол во животот? Дали нешто се промени во врска со ова прашање откако стана посериозна личност?

Па како и сите тинејџерки сум се огледувала на некои познати личности. Сега не можам да се сетам на некои конкретно, но сигурно биле некои пејачки или актерки. :)

# Каков жарн на филмови сакаше да гледаш и секако дали денес знаеш да си пуштиш некој од тие филмови?

Може не делувам така, но како мала сакав да гледам хорор филмови и воопшто не се плашев. Сега уживам кога гледам добар трилер.

# Омилена случка од тој период од животот?

Уф... има многу, навистина имав прекрасни тинејџерски години. Многу убав период од животот. И во средно училиште и почетокот на студентскиот живот. Мислам дека секогаш ќе тагувам по тие години. Иако имав и тогаш обврски некако бев безгрижна, полетна, ништо не ми беше тешко да направам, запознавав нови луѓе, стекнував нови знаења и искуства.

# Како ги пребродуваше љубовните „тин“ проблеми?

Многу лесно. Во моето друштво јас важам за таа која што делува како никогаш да немала љубовен проблем и секогаш јас сум таа што сослушувала и давала совети. :)

# Сега имаш ќеркичка, која твоја грешка ќе и ја посочиш, за да не ја прави таа во иднина?

Да, имам ќерка Лана Марија. :) Па не би сакала да учи преку моите грешки. Би и посочила се’ што е добро и се’ што е лошо, па сама ќе си одлучува понатаму. Секако, јас и сопругот секогаш ќе бидеме тука за неа кога и да побара совет од помош од нас, но поентата ми е дека секој сам мора да одлучува, па и да згреши некогаш подобро е сам/а да види дека згрешил/а и да си научи од сопствените грешки и да извлече поука.

# Доколку те вратиме наназад на оние несозреаните денови од твојот живот, можеш ли да се сетиш на твоето прво ТВ појавување?

Секако, тоа никогаш нема да го заборавам иако уште малку ќе навршат 10 години од моето прво појавување. Збунета, срамежлива и многу трема. :)

# Од каде желбата за водителството, новинарството? Дали ова ти беше прва опција за идна професија?

Со оглед на тоа дека завршив новинарски студии, значи дека за таа професија бев одлучна, но видителството дојде сосема непланирано и наеднаш. Па сега на мое задоволство со новата емисија успеав да ги спојам и новинарството и водителството во едно.

# Моментално си актуелна со емисијата „Сподели проблем со Милена“, за која вложуваш многу труд, а и време. Како успеваш да ги усогласиш сите обврски?

Со добра организација има време за се. Нормално за нешто имаш повеќе време за нешто помалку. Секој човек сам си ги одредува приоритетите. Семејството ми е најважно, но и работата ми е многу битна. Се надевам успевам да балансирам и да најдам време и за останатите работи. Немам толку многу време за шетање и излегување како порано, но мислам дека така и треба да биде кога некој веќе е реализиран како родител и има многу одговорна работа како мојата.

# Како за крај, можеш ли да ни откриеш каде се гледаш за 10 години. Каква емисија би имала Милена тогаш?

За 10 години се гледам себе си како жива и здрава личност со сите мои сакани и блиски околу мене. :) Тоа ми е на прво место, а кога станува збор за работата, не знам затоа што 10 години е долг период. Ќе видиме, можеби нема ни да бидам веќе во оваа професија, кој би знаел. :)

Ивана Мисајловска

Можеби ќе ве интересира: