(ФОТО) „Млади бунтовници“ 15 години подоцна
Веројатно не постои некој кој бил тинејџер пред 15-тина години, а да не слушнал за аргентинската тв-серија „Rebelde Way“, односно Млади бунтовници. Ова беше серија заради која се бегаше од 6-ти и 7–ми час за да се „фати“ репризата на телевизија. Секој голем одмор момците „дебатираа“ околу тоа која е поубава Миа или Марица, а девојчињата лепеа постери во своите соби од Пабло и Мануел.
Младите бунтовници 15 години подоцна веќе и не се така млади. Еве како изгледаат и што прават денес членовите од бендот Erreway.
Миа беше најпосакуваниот женски лик од серијата особено кога станува збор за момчињата. Ликот на најпопуларната девојка во училиштето го толкуваше Луисана Лопилато. Актерката по серијата продолжи да се занимава со актерство и манекенство, но стана актуелна и по тоа што стапи во брак е канадскиот пејач Мајкл Бубле со кој има две деца.
Mарица беше вечниот бунтовник и најголемиот сплеткар во приватното училиште Елит Веј. Ликот на Марица го толкуваше Камила Бордонаба. Камила пред 8 години одлучи целосно да ѝ се посвети на уметноста и со својот патувачки караван „Arcoyrа“ посетува различни земји.
Мануел беше момчето со статус на вечен отпадник и оној кој постојано се бореше со неправдите. Фелипе Колумбо го толкуваше ликот на Мануел. Актерот по завршување на серијата ја продолжил својата актерска кариера во многу театарски претстави и телевизиски серии.
Пабло беше симпатија на сите девојчиња. Русокосиот заводник од училиштето го глумеше Бенџамин Рохас кој по завршувањето на серијата одлучи да му се посвети на пеењето, пред неколку години го формираше бендот „Роко“, а потоа започна и соло кариера.
Фото: Инстаграм