Модната дизајнерка Натали Наумова: „Моите креации се наменети за млади девојки кои се нежни, но бунтовни и со силен став.“

Модната дизајнерка Натали Наумова: „Моите креации се наменети за млади девојки кои се нежни, но бунтовни и со силен став.“

Објавена во: Интервјуа, Таленти

Натали Наумова е дипломиран инженер технолог по дизајн и инженеринг на облека и freelance модна дизајнерка. Оваа година таа по втор пат учествуваше на Fashion Weekend Skopje во групната ревија на студентите од Академијата за моден дизајн на Djolev & Arts и Seavus Education & Development Center. Веќе неколку години дизајнира и изработува облека, а како што вели и самата втора љубов ѝ е цртањето и модната илустрација, па моментално работи како CAD дизајнер во Bella.

Еве како оваа млада, модна дизајнерка, која е на почетоците на својата кариера гледа на модата, секојдневните “униформи” што ги гледаме по улиците и остварувањето на нејзиниот моден сон.

Photo credits: Александар Трајчески, Дејан Џолев

Модел: Mатеа Трајковска

Kолекција: Still

# Како започнува твојата модна приказна?

Уште од многу мали нозе бев заинтересирана за модниот дизајн. Доказ за тоа се цртежите со модели во тефтерот со рецепти на мајка ми хаха :D Секогаш сум била во тек со модните случувања и цртам креации откако знам за себе, но мојата приказна вистински започнува со запишувањето на Технолошко-металуршки факултет на отсекот за дизајн и инженеринг на облека. Иако имаше доста негодувања од страна на моите родители, сепак успеав да се изборам за она што вистински ми беше желба да го студирам и работам во животот.

# Што најмногу те инспирира за создавање на твоите уникатни парчиња?

Инспирацијата ја црпам буквално од секаде. Најчесто како инспирација ја користам природата и природните појави, но некогаш знаат да ме инспирираат и одредени личности и карактери. Личните чувства исто така играат голема улога во процесот на креирање. Иако тие се апстрактни, со игра на бои, форми, силуети може да се долови одредена состојба на умот и да се создаде специфична атмосфера на една колекција.

# Од цртеж – до реализација, колку време е потребно?

Креативниот процес започнува со истражување на одредена тема на интерес, собирање фотографии, креирање moodboards и цртање на првични илустрации. Овој процес нема одредено време на траење бидејќи инспирацијата секогаш доаѓа неочекувано, дури некогаш во последен момент. По ова следува изборот на финални дизајни кој е прилично брз, но изработката и моделирањето на шаблоните е сложен процес кој бара многу концентрација, мерење и логичко размислување и одзема доста време. По изработката на шаблоните следува кроењето и шиењето и нивното времетраење зависи од комплексноста на моделот. Секој дизајн е своја приказна сам за себе.

Photo credits: Fashion Weekend Skopje

# Со какви материјали најчесто сакаш да работиш?

Работам со секакви типови на материјали, сакам да испробам сѐ бидејќи сѐ уште експериментирам со дизајните и пробувам да ги пронајдам оние материјали кои најмногу би ми одговарале на мојот личен стил, но никогаш не би работела со природна кожа и крзно бидејќи сум против убивањето на животните за оваа цел. Со напредокот на технологијата се создаваат многу нови неконвенционални материјали и навистина би сакала во иднина да пробам да работам и со такви материјали.

# На колку ревии ги имаш претставено твоите креации?

Досега имам учествувано на три ревии за време на моите студии, кои се одржуваат секоја година на Технолошко-металуршки факултет, на една ревија во Ниш, Србија, минатата година на модниот викенд во Скопје како дел од групна ревија, минатиот месец во Штип, како дел од проектот #sustainablestorymk и сега повторно на Модниот викенд Скопје на две ревии.

Photo credits: Fashion Weekend Skopje

Модел: Марија Бабамова

Колекција: Still

# Деновиве твои креации беа претставени и на Модниот викенд Скопје, какво е твоето искуство од учеството на вакви случувања?

Оваа година по втор пат учествувам на Fashion Weekend Skopje во групната ревија на студентите од Академијата за моден дизајн на Djolev & Arts и Seavus Education & Development Center. Целиот процес на подготовка и реализација е навистина напорен и бара многу време и работа, но истовремено е многу интересен. Со учеството на овие настани стекнувам големо искуство за организацијата и реализацијата на еден моден настан од овој тип, но и дружбата и контактот со креативни луѓе од оваа професија се незаменливи и навистина ме исполнуваат.

# Каква порака сакаш да им пренесеш на девојките преку твоите креации?

Моите креации се наменети за млади девојки кои се нежни, но бунтовни, со силен став и малку “on the dark side”. Сакам девојките кои ги носат моите дизајни да се чувствуваат пред се удобно, но и моќно. Да отстапат од секојдневните “униформи” кои ги гледаме на улиците, да не се плашат да ги соберат погледите од околината и да бидат самоуверени, без разлика на величината на облеката која ја носат.

# Со кого најчесто соработуваш за да ги реализираш твоите креации?

Креациите ги создавам сама, но покрај мене е и мојата мајка која ми е најголема поддршка и помош во она што го работам. Изработката и шаблоните ги правам јас, а за рачните доработки е задолжена таа, бидејќи тоа одзема многу време (кое мене ми недостасува), а морам да ја пофалам дека е навистина вешта и прецизна во изработките.

Photo credits: PS Visualart

Moдел: Оливера Младеновска

Колекција: Еscape

# Кој е твојот неостварен моден сон?

Да имам свој успешен моден бренд е мојата крајна цел. Секако за да се создаде нешто квалитетно треба многу учење, работа, искуство и надоградување, така што се надевам за неколку години ќе успеам да го остварам овој сон.

# Кои се твоите следни планови, работиш ли на некоја нова колекција?

Во план ми е нова колекција за следната година, се надевам ќе успеам да ја реализирам онака како што ја замислувам и сметам дека после толку групни ревии, веќе е време да се претставам со своја самостојна ревија и со многу повеќе парчиња од досега.

Б.М.


Објавена во: Интервјуа, Таленти

Можеби ќе ве интересира: