Момчиња и девојчиња: Како девојчињата покажуваат дека ги интересираш?!
„...и така, само не знам дали му се допаѓам!“ - завршува Ина и се врти накај Филип, кој си црта нешто во тетратката и изгледа како да нема ама баш никаква намера да ѝ одговори.
„Ти ме слушаш ли мене или слушалките од мобилниот ти се пикнале во мозокот????“ - малку луто, малку со смеење го прашува разбушавениот Филип, кој наместо одговор, само со прстот ги поткрева слушалките кои му висат на вратот, за да покаже дека слушал.
„Ина, со мене ли најде да зборуваш за симпатии“ - мачно воздивнува - „Што не си зборуваш со девојките, тие сигурно повеќе се разбираат од мене“.
„Зборував, ама сакав да слушнам машко мислење, сепак ти си ми најдобриот машки другар“ - важно вели Ина и го удира по главата, ама нежно и со намигнување.
„Вака, како другар ќе ти кажам дека е глупав ако не му се допаѓаш... а знае дека ако нешто тргне на лошо, ќе си има работа не само со мене, туку и со Јован, Сергеј и Борјан?“ - подзамижува со очите Филип.
„Што жмиркаш бе, да не ти требаат очила?“ - им се приближува Нина и ги подместува своите.
Во тој момент, покрај нив поминува Јована од 7-мо Б, а зад неа и Мила. Нина ја стрела Мила со поглед, додека Јована срамежливо му се обраќа на Филип:
„Сакаш да видиш после часови како нацртав еден портрет?“
Филип само климнува со главата како одобрување и двете девојчиња си заминуваат, испратени од намуртеното лице на Нина.
„Ич не знам што запнала оваа Јована со цртежите кога не знае да црта. Пее убаво, сум ја слушнал, ама за цртање е тапа. Та - па!“ - мрмори Филип и се сепнува, кога Ина и Нина почнуваат да се смеат на цел глас.
„Не е таа тапа, туку ти си“ - се кикоти Ина
„Е, многу си смотан, ама многу. Не ти паднало на памет дека ѝ се допаѓаш?!“ - прашува Нина целата зачудена.
Филип не знае каде да погледне и почнува да се препотува, кога еве го спасот. Наближуваат Јован и Борјан, а зад нив, зачитан во новиот број на Наш Свет, доаѓа Сергеј.
„Опаааааааааа, седнат со најубавите девојчиња во училиштето“ - му вели Борјан на Филип и им намигнува на Нина и Ина.
„А ние?“ - зад грб му се појавуваат Теди и Марија, носејќи крем банани за сите. Борјан само ги гледа крем бананите, ама е решен да остане денес на круша за десерт.
„Абе брат“ - зачудено зборува Сергеј и не ја крева главата од текстот кој го чита - „Навистина девојчињата се однесуваат како да не ги интересираш кога ги интересираш?!“.
„Не знам кого прашуваш, ама Јован најдобро ќе знае да ти каже“ - се смее Филип. Останатите се кикотат и се вртат накај Јован, прашувајќи се што ќе одговори.
„Види брат“ - се подискашлува важно Јован - „Јас го немам тој проблем, пред мене паѓаат како крушката што му падна на Борјан од уста во моментов“.
„Чекај, чекај, ќе те видиме кога еднаш ќе се вљубиш до уши“ - се смее Марија.
„Овде пишува дека ако си ѝ симпатија, а се знаете од порано, ќе глуми незаинтересираност и дури и ќе се скара со тебе!“ - сериозно зачуден чита Сергеј.
„Доста бе па ти, колку си досаден... ќе се скарала. Можеби и ќе ти вика“ - му подвикнува Нина на Сергеј.
Наеднаш сите замолчуваат, а Сергеј полека ја крева главата од она што го чита и се загледува во Нина. О не - помислува во себе Нина и посакува земјата некако да се отвори и да пропадне внатре. Во тој момент, Филип извикува:
„А како јас ќе знам дека мене ми се допаѓа некоја?“ - и самиот се зачудува колку глупаво прашање постави, ама беше неопходно. Кришум ја погледнува Нина и ѝ намигнува, а таа воздивнува со олеснување и безгласно ја движи устата, оформувајќи едно „фала, ме спаси“. Останатите се превиткуваат од смеење, додека Ина ги замолчува: - „Шшшшшш, еве ја Јована, доаѓа со Мила повторно“.
Јована застанува до Филип и го отвора блокот за цртање. Филип го гледа цртежот и нема срце да ѝ каже дека неговиот мал брат кој има 6 години црта поубаво од неа. Сите молчат, а Филип наеднаш се сепнува и вели:
„Знаеш што? Сакам да те нацртам како пееш, сум те слушнал и многу ми се допаѓа“ - ѝ се насмевнува. Јована се зацрвенува и очите ѝ светнуваат. Двајцата не ни приметуваат дека сите зјапаат во нив. Пааааа, скоро сите... освен Мила која упорно го гледа Сергеј, Нина која со споени веѓи гледа во Мила.... и Сергеј, кој со насмевка гледа во Нина.
-ПРОДОЛЖУВА-
Може да ве интересира:
Момчиња и девојчиња: Вирус и љубов
Момчиња и девојчиња: Најважниот натпревар