Мора да престане наплаќањето на свидетелствата: Лука Павиќевиќ, новиот претседател на Сојузот на средношколци за Хаштаг
Невладината организација Сојуз на средношколци на Република Северна Македонија на 29 мај го одбра новиот претседател, кој ќе ги застапува правата на средношколците ширум државата. Лука Павиќевиќ на изборите ја доби поддршката од 69% од присутните и на 10 јуни го презеде мандатот од својот претходник, Бленди Ходаи.
Новиот претседател уште во првите денови на својот мандат, заедно со неговиот тим има составено листа на приоритети, на кои уште веднаш почна да работи. За Хаштаг открива кои се приоритетите на Сојузот, потоа кои промени ќе ги направи, но и откри кој е неговиот став, кога е во прашање дигитализацијата во образованието.
# Што е првото нешто на листата на приоритети што ќе ги направиш откако стана претседател на Сојузот на средношколци?
Првично јас и мојот тим имавме два приоритети за нашиот двегодишен мандат, односно за ова лето поконкретно. Прашање од најголем интерес за сите средношколците е враќањето во училишните клупи од септември. Ќе работиме оваа година да се оствари заложбата на Сојузот за воведување на комбинирана настава во средните училишта за време на пандемијата.
Второто прашање е донесувањето на Законот за средношколско организирање кој за првпат ќе создаде демократски, легитимни и релевантни ученички заедници на сите нивоа ширум земјава.
Меѓутоа, овие две точки станаа три. Секогаш нешто искрснува. И оваа година, како и лани, некои училишта им наплаќаат на учениците за свидетелства. Ова мора да престане! Го известивме Државниот просветен инспекторат. Ќе го чекаме нивниот одговор.
# За што најмногу ќе се залагаш?
Во мојата програма има 7 идеи кои сакаме да ги спроведеме. Сите седум имаат нешто заедничко. Најмногу ќе се залагам средношколците да станат еднакви партнери во донесувањето на одлуки кои нив ги засегаат и во формулирањето на образовните политики.
# Ќе направиш ли некои промени, кога е во прашање досегашното функционирање на Сојузот?
Генерално сум задоволен од сегашната структура на Сојузот. Имаме сеопфатен и демократски модел. Нејсе, јас ќе работам на зголемување на бројот на активистите во Сојузот. Themore, themerrier! Исто така, Генералното собрание создаде и нов механизам во Сојузот, кој ќе им даде шанса на младинските амбасадори еднаш месечно да ми поставуваат прашања во посебна сесија. Впрочем, налик на PMQsво Обединетото Кралство. Сојузот отсекогаш се стремел кон подобро. Така ќе продолжиме.
# Кој е твојот став кога е во прашање дигитализацијата на учебниците?
Во Сојузот секоја одлука е производ на долга дебата, дискусија и постигнат компромис меѓу различните гледишта. Токму затоа сум изнедаден дека мојот став е потполно ист како и официјалниот. Ние ја поддржуваме дигитализацијата, но сметаме дека секоја реформа треба да биде постепена и внимателна.
И.Мисајловска
фото: Фејсбук профил на Сојуз на средношколци на РСМ