На „Саемот на книга“ промовиран романот „Курвински хроники“ од Александар Русјаков

На „Саемот на книга“ промовиран романот „Курвински хроники“ од Александар Русјаков

Објавена во: После „Школо“ // PR

Романот „Курвински хроники“ на авторот Александар Русјаков, вчера (9 септември) беше промовиран на „Саемот на книга“ во Скопје, а авторот посочи дека станува збор за книга чија цел е да го разголи лицемерството за етикетирањето на другите луѓе. По претставувањето на делото, голем број обожаватели добија потпис и се дружеа со Русјаков на штандот на издавачката куќа „Арс Ламина“. Минатата година, делото беше пријавено на конкурсот „Пегаз“ организиран од „Арс Ламина“ и Фондацијата за унапредување и промоција на културните вредности „Славко Јаневски“, а доби и позитивни критики од жири-комисијата. Романот од пред неколку месеци е достапен во сите книжарници „Литература.мк“ и воедно може да се нарача онлајн на www.literatura.mk. Промоцијата на „Саемот на книга“ ја водеше уредничката на романот, Бисера Бендевска од „Арс Ламина“.

 – Во „Курвински хроники“ главен лик е курвата, но не како жена која го продава своето тело, туку како поим кој ние секогаш го користиме за да го посочиме она што не ни се допаѓа кај другите. Користиме зборови за да препознаеме кај другиот нешто што не сакаме да препознаеме кај себеси и полесно ни е да го посочиме кај другиот отколку да го прифатиме своето – истакна авторот Александар Русјаков.


 Воедно, тој додава дека овој роман не е за жените што го продаваат своето тело, туку дека се осврнува кон мисловниот и чувствителен „курварлук“ и искреноста на оние кои го промовираат својот висок морал.


 – Романот сака да го покаже лицемерството на етикетирањето. Во библиската мисла „Тој што е без грев нека го фрли првиот камен“ е кажано сè, но ние никако да го научиме – посочува Русјаков.
 
Александар Русјаков има дипломирано на Факултетот за драмски уметности во Скопје, на Катедрата за филмска и ТВ-режија, но одлучил никогаш веќе да не се занимава со снимање филмови, затоа што вели дека многу подобро ја познава граматиката на книжевноста, отколку онаа на филмот. Во моментов пишува поезија и проза, колумни и дијагнози, филмски и телевизиски сценарија. На едни им пишува на срцето, на други им чкрта по нерви. Досега од него имаат ’побегнато‘: збирката песни „Голтка восхит од солзите на вечноста“, расказите „Ме сакаш ли под дождот?“, како и романите „Тринаесеттиот месец“ и „Атена со пенис“. „Курвински хроники“ е негова петта книга.


Објавена во: После „Школо“ // PR

Можеби ќе ве интересира: