На туѓото плукаме, а од тоа собираме милиони: Колку се слушани песните на македонските ѕвездички?
Балканските музички натпреварувања создадоа многу нови ѕвезди и ѕвездички. Во секое имаше барем еден Македонец кој со своите вокални способности ги освојуваше сите. „Ѕвездичките на Пинк“ е едно такво, а од него излегоа неколку сега веќе многу популарни ѕвездички.
Помеѓу нив се вбројуваат Трајче Ѓоргиев, Мартија Станојковиќ, Антониа Гиговска, Лина Пејовска, Сара Гиговска и многу други. Некои од нив веќе наголемо работат на своите кариери, а останатите повремено знаат да ја изненадат публиката со некоја преработка или пак новокомпонирана песна. Но, кај сите овие млади надежи едно нешто е заедничко - имаат барем по една песна, која можеме да ја слушнеме на радио станиците ширум земјава.
Следејќи ја нивната музичка кариера има едно нешто што „боде во очи“. Тоа е гледаноста на видеата на платформата јутјуб. Имено, авторските песни отпеани на македонски на нашите ѕвездички имаат едвај 1/4 од гледаноста која ја имаат на видеата од настапите на „Ѕвездички“ или пак на каверите, а уште поинтересно е тоа што српските верзии или песни отпеани на српски имаат исто така многу прегледи.
За полесно да ви го доловиме она што го зборуваме, време е за примери:
Најгледаното видео од Трајче Ѓоргиев е изведбата од Ѕвездички на „Душо варљива“, која има неверојатни 3.334.924 прегледи, а неговата песна „Си одиш ти“ која отпеа на Макфест пред помалку од еден месец има едвај 2000.
Кај Антониа Гиговска се јавува нов проблем. Покрај милионските прегледи од настапите на Ѕвездички, младата пејачка може да се пофали со ">1.977.189 прегледи на нејзината последно издадена песна „Могли смо у двоје“, која има само верзија на српски. За разлика од овие вртоглави бројки, со 780.954 прегледи може да се пофали песната „Ванила“, која Антониа ја отпеа со Панчо и воедно претставува најслушана песна на македонски на младата пејачка.
Атрактивната Лина Пејовска го има сличниот проблем како Антониа. Кај неа ситуацијата е јасна. Пред две години таа ја објави песната „Ако ме сакаш“, која доби и српска верзија „Ако ме волиш“ која има 1.807.656 прегледи. Македонската верзија со која Лина се претстави на Макфест 2017 година има 421.110.
Овие факти имаат само две објаснувања. Првото е дека македонската публика не слуша домашна музика, а втората опција е дека соседните држави повеќе ги ценат нашите талентирани деца. Па, не е ни чудо што поминуваат толку километри само за да се промовираат. Звучи логично, зарем не?
И.М.