Наградата „Стале Попов“ за „Боксерот од Ново маало“ на Владимир Плавевски

Наградата „Стале Попов“ за „Боксерот од Ново маало“ на Владимир Плавевски

Објавена во: После „Школо“ // PR

Романот „Боксерот од Ново маало“ од авторот Владимир Плавевски, во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“, ја доби престижната награда „Стале Попов“ за најдобра прозна книга во 2020 година. Наградата е дел од годишните награди што ги доделува Друштвото на писатели на Македонија, а одлуката ја донесе тричлено жири во состав: Игор Станојоски (претседател), Петре Димовски и Трајче Кацаров.

Во „Боксерот од Ново маало“ е прикажан животот и духот на Ново маало во старото Скопје и уникатната приказна за вистинскиот лик со измислено име, Ангел Тотевски или Шуре Катиљ, кој од уличен тепач станува успешен боксер во клубот „Вардар“ и маалска легенда. Голем дел од книгите на Плавевски гравитираат околу секојдневието во маалото каде што го минал детството, а таков е и случајот со „Боксерот од Ново маало“.


 
– Израснат сум во Ново маало каде што го минав детството и основното образование го завршив во „Браќа Миладиновци“. Во тоа време, соседот ни беше поблизок и од роднината. Живеевме во една социјална маалска заедница. Ние знаевме сè за соседите и тие знаеја сè за нас. Сите маала имаа маалски банди кои ги бранеа од други маала. Тука беа и главните кабадахии, водачи. На пример, ако ме истепале некаде ќе му кажев на Шуре Катиљот и кога ќе ги начекаше тие што ме тепале ќе им возврати со иста мера. Но, Шуре Катиљ од тие тепачки имаше здобиено алексија. Беше високо, силно момче, како Херкул. Повремено ќе го собереше милицијата, ќе поседеше еден месец во затвор и ќе се вратеше. Еднаш беше шест месеци во „Идризово“ каде го советувале да се запише на бокс за да го смири тој свој нагон и следниот пат да не заврши во затвор со години. Тој тоа го сфати сериозно. Кога излезе од затвор дојде кај мене. Заедно отидовме во боксерскиот клуб, тренерот го провери и го прими. Уличните тепачки престанаа и со текот на времето стана дел од тимот на „Вардар“ – вели Плавевски.
 
Романот е достапен во продажба во книжарниците „Литература.мк“ и за нарачување онлајн на линкот: www.literatura.mk


Објавена во: После „Школо“ // PR

Можеби ќе ве интересира: