Наградена бизнис идејата „MultiBox“ на средношколци од Прилеп

Наградена бизнис идејата „MultiBox“ на средношколци од Прилеп

Објавена во: Совети // School zone

Решение што на потрошувачите им нуди практично и интересно парче мебел „MultiBox“  донесе победа на средното училште Кузман Јосифовски – Питу од Прилеп на натпреварот во претприемнички вештини организиран од Џуниор Ачивмент Македонија. Нивната бизнис идеја е коцка мебел која се трансформира во столче, масичка и фиока за складирање и нуди подобра функционалност и искористеност во просторот. Изработена од специјално обработена и моделирана отпадна пластика на корисникот му нуди практично решение за секој мал простор и може да се собира според потребите на потрошувачите. Димензиите овозможуваат и комбинирање на повеќе коцки.

Второнаградениот тим од гимназијата Никола Карев од Скопје понуди повеќенамески кујнски апарат (тостер, сецко и кафемат), додека третата награда ја доби тимот од гиманзија Раде Јовчевски Корчагин, кој понуди иновативно решение за трпезариска маса. Масата врши дополнителна функција по избор на потрошувачот - уметничко дело, слика, огледало, ѕвездено небо.

Ова се дел од идеите кои петчлената жири комисија имаше можност да ги слушне минатата недела. На натпреварот кој се одржа од 3 до 15 март 2021 година, учествуваа 123 ученици од 16 тима од средни училишта од Битола, Велес, Виница, Гевгелија, Гостивар, Кочани, Охрид, Прилеп, Свети Николе, Скопје, Струмица и Штип.

Џуниор Ачивмент (ЏА) Македонија поттикна вклученост и од бизнис заедницата, со што учениците имаа можност да работат со 16 бизнис волонтери кои ги советуваа и помагаа до целта. Учениците имаа можност преку низа тимски активности, користејќи ги сите придобивки од технологијата, да ги покажат својата креативност, иновативност и знаење во областа на претприемништвото.

На свечената on-line церемонија за доделување награди, кoја што се одржа на 15ти мартдиректорот на Фондот за иновации и технолошки развој, Коста Петров, издвои дека „Минатата година над 500 средношколци и повеќе од 150 наставници беа вклучени во активностите на Џуниот Ачивмент Македонија. ФИТР континуирано го поддржува најголемиот средношколски натпревар за иновации, бидејќи инвестициите во младите таленти, се најголемото богатство и инвестиција во иднината на нашата држава.“

Амбасадорот на САД во РСМ, Кејт Мари Брнз истакна дека „Особено сме горди на  партнерството со Џуниор Ачивмент, организација која ги подготвува младите за работа во иднина, помагајќи ги да станат финансиски независни и храбри во развојот на претприемнички компетенции. Нашата цел е да создадеме можности за младите да бидат ангажирани овде во својата земја. Сакаме да ве охрабриме да станете идни лидери. Ова е особено важно за младите да останат и да придонесат кон економскиот просперитет и демократското јакнење на земјата.“

На присутните ученици и гости им се обрати и Мила Царовска,министер за образование и наука, која потенцираше дека организациите како ЏА се потребни „затоа што развојот на претприемничките вештини кај младите луѓе ќе продолжи да биде и дел од приоритетите на образовните политики кои ги креираме во моментов и ќе се имплементираат во наредниот период. Намерата е да создадеме што повеќе ученици кои покажуваат исклучително голем интерес кон претприемништвото, познавајќи ја моќта на претприемачките вештини за личен успех и просперитет понатаму во животот на секој млад човек.“

Извршниот директор на Џуниор Ачивмент Македонија, Љупка Панчевска заклучи дека „кампот на иновации кој се одвива шести пат по ред претставува место каде учениците можат да научат нови корисни вештини за презентирање и тимска работа како и да ги зајакнат своите компетенци и вештиниза предизвиците на современиот пазар на труд.”

Овој натпревар е дел од Проектот на УСАИД за Поддршка на претприемничко учење во Југоисточна Европа и Евроазија, имплементиран од Џуниор Ачивмент Македонија, кој им овозможува на младите да стекнат практично искуство за водење бизнис и развивање нови вештини како што се тимска работа, лидерство, презентирање, планирање и финансиско работење, потребни за успешно водење на економијата во земјата. Победничките тимови покрај освоените награди ќе имаат можност да ги искористат и стипендиите за студирање кои им ги додели Бизнис Академија Смилевски од Скопје. За повеќе информации за Џуниор Ачивмент Македонија, посетете ја веб страната и на Фејсбук страница на Џуниор Ачивмент Македонија


Објавена во: Совети // School zone

Можеби ќе ве интересира: