Наградите им се доказ за љубовта кон класичната музика: Интервју со Горјана и Горјан Стојановски

Наградите им се доказ за љубовта кон класичната музика: Интервју со Горјана и Горјан Стојановски

Објавена во: Stars // Интервјуа

На неодамна одржаниот Mеѓународен музички натпревар во Малезија, Персатуан Шопен, битолчаните Горјана и Горјан Стојановски ги освоија високите втори места. 

Натпреварот е рангиран како еден од позначајните помеѓу натпреварите од класичната музика, на кој оваа година учествуваа над 560 натпреварувачи од 38 земји и 5 континенти.

На листата освоени домашни и светски награди, Горјан и Горјана ги додадоа и овие. Сите тие се доказ за љубовта кон класичната музика, љубов која е присутна во животот на младите уметници.

Горјана се натпреваруваше во категоријата „OpenAge“ или професионална возрасно неограничена категорија и ја освои втората награда, а Горјан се натпреварувашево категорија „Junior School“ или 2003 - та и помлади и освои втора награда.

„Оваа награда за мене претставува потврда за тоа што јас го правам. Овој пат  заради целокупната ситуација, натпреварот се одржа онлајн, што значеше многу повеќе учесници и конкуренција. Кога меѓу толку луѓе, вашата изведба ќе привлече внимание и е наградена, тоа е навистина голема мотивација и сатисфакција“ - истакна Горјана во разговорот за Хаштаг, а на тоа Горјан додаде:

„Оваа награда за мене претставува еден вид на потврда за трудот и напорот кој го вложував изминатитве неколку години и голем поттик да продолжам и понатаму да го правам тоа што го сакам и што е дел од мене, а тоа е музиката и самиот чин на музицирањето.“

Натпреварот беше од меѓународен карактер, со над 560 учесници од 38 земји меѓу кои Германија, Швајцарија, Италија, Норвешка, Данска, Русија, Украина, Полска, Србија, Кина, Кореа, Малезија, Индија, Индонезија, Виетнам, секако Македонија и други.

Критериум за апликација било исполнувањето на програма со бараната минутажа која е во зависност од возрасната граница на секоја категорија.

Барањата за програмата беа различни во секоја категорија. Во мојата „Open age“ или професионална категорија  беше потребна програма до 20 минути. Мојот репертоар за овој натпревар се состоеше од дела на Бах, Брамс, Франк, Рахмањинов.“ – ни откри Горјана, а по неа се надоврза и Горјан:

Програмата се состоеше од повеќе дела како: Бах: Прелудиум и фуга во е-мол, Бетовен: соната бр. 6 оп.2 бр.2, Шопен: Фантазија Импромпти оп.66 и Етида во ф-мол од неговиот постхумен опус и Мошковски: Етида бр.6 во Ф- дур.“

Како што веќе кажавме, ова не се единствените награди, кои ги имаат овие млади музичари.

Награди сум освојувала уште од основно музичко училиште, кога прв пат почнав да свирам клавир. Тука се наградите на државни натпревари, EMCY наградата, награди во рамки на ФМУ-Скопје, меѓународни натпревари.“ – посочи Горјана.

Сум освоил голем број на награди во текот на моето музичко образование, но една од поновите, покрај онаа во Малезија, е прва награда на меѓународниот натпревар „Полихимнија“ во Скопје, како и наградата за најдобро изведено дело од Л. ван Бетовен на истиот.“ – не ги криеше ниту Горјан.

Еден од позначајните концерти е и оној за 4 раце, кој заедно со проф.Маја Божиновска, Горјана го ималапред Новата година.

Таа идеја беше нешто кое потекна пред се од блиското пријателство со Маја. Минатата година направивме скица за нашите желби за програма коај би сакале да ја изведуваме, а летниот период го искористивме за интензивни подготови на материјалот, што воедно беше и содржински исполнето време кога секојдневниот живот на кој бевме навикнати беше, благо кажано, изменет.  Програмата се состоеше од Суитата Заспаната убавица на П. И. Чајковски, а во преработка на С. Рахмањинов и Славонски танци на А. Дворжак, што се покажа и како многу привлечен за публиката.“

Оваа година Горјана си постави една интересна цел пред себе: во текот на целата година секој месец да изведува по една пиеса од Годишните времиња на Чајковски.  

Мило ми е што оваа идеја наиде на слух и на внимание. Чајковски е еден од моите омилени автори и неговите минијатури кои се навистина ингениозни, се како скапоцени камчиња во пијано литературата. Годинава се чинеше логично да се отпочне нешто вакво, 2021 година е секако нешто кое светот го поздрави со голем ентузијазам и во надеж за подобра година. Повеќе од било кога сфативме кои биле убавините на секојдневниот, нормален, обичен живот. Секој ден, секој месец има богатство во себе со самото тоа што е, со неговите природни промени, а Годишните времиња на Чајковски се токму тоа – музичка слика за секој месец во годината со сите посебности. Месецов секако следува минијатурата за Февруари Карневал или Масленица на руски.“

Стојановска има дипломирано и магистрирано на Факултетот за музички уметности - Скопје, неодамна специјализираше во класата на врвниот пијано-мајстор од Ерменија Рубен Далибалтајан, при Talent Music Master Academy во Бреша, Италија.

Покрај тоа таа предава и во музичкото училиште Пијано форте.

Улогата на професор е нешто кое допринесува кон мојата изведувачка дејност, заклучоците до кои се доаѓа со долгогодишна работа и посветенст на нешто се дефинираат и стануваат сопствен осврт кон својата професија. Тоа е нешто кое е природно доаѓа кога човек може сам да се ориентира во своите истражувања.“ – беше искрена Стојановска, а потоа се осврна и на тоа како се одвиваше наставата во минатата година во училиштето во кое предава:

Минатата година не стави пред нов предизвик, наставата да се пренесе online што со оглед на природата на индивидуалната настава е необично. Но, треба да се адаптираме на секоја ситуација и да гледаме што добро таа може да понуди, на пример, учениците мораа многу поактивно да бидат вклучени во наставата и сами да го наоѓаат и пробуваат она што наставниот инаку би им го кажал без тие да трагаат.“

Кај Горјана и Горјан музиката е присутна целиот живот, со оглед на тоа дека се деца на реномираниот оперски пејач Цветан Стојановски,првенец на Операта при МНТ, а братот и сестрата открија кои совети поврзани со музиката им ги дал нивниот татко:

„Тоа е советот дека на сцена треба да се „заборави“ техничкиот дел од работата и само да се дозволи на сцена моментот и креацијата на атмосферата да ја понесе изведбата. Тоа е едноставно и разбирливо за секој, но потребен е пат за да се стигне до вистинската свесност за моќта и слободата на тој момент-вели Горјана, а Горјан додава- Сум добил многу совети во однос на музиката од татко ми, но оние кои би сакал да ги издвојам се: ‘Секое дело треба одново да се доживее со секое неговоизведување. Секогаш да има нешто ново во изведбата.’ и ‘На сцена биди дете’.“

Горјан е ученик во трета година во средното музичко училиште ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“ - Скопје во класата по пијано на проф. Катерина Ќетковиќ-Фидановска. Тој ни откри и како ја надминал идејата за да се откаже од музиката:

Мајка ми со нејзината силна верба во мене. Кога ми беше најтешко таа беше онаа која ме бодреше и онаа која работеше со мене на надминување на сите проблеми. Освен мајка ми, мислам дека љубовта кон музиката беше посилна отколку искушението за откажувањето од неа.“

Стресните ситуации се присутни во секое поле во животот, а еве на кој начин се опуштаат овие млади музичари:

Во стресни ситуации можеби би свирела нешто сосема ново, надвор од мојот репертоар и нешто што не е дел од дневната работа. Но, кога денот е исполнет со фокус на музика,  релаксацијата е најчесто нешто сосема различно, книга, филм, пријатели...“ – започна Горјана, а потоа Горјан ја надополни:

Тешко е да изберам кој композитор или некое дело кое најмногу сакам да го изведувам. Секогаш излегува некое ново дело кое ми е поомилено, и без разлика колку и да се стресни  ситуациите, морам да ги изведам оние дела на кои во дадениот момент работам и едноставно да уживам што е можно повеќе во нивната убавина. А за релаксација најчесто слушам музика, гледам филмови, читам книги...“

Неда Маретиќ 


Објавена во: Stars // Интервјуа

Можеби ќе ве интересира: