Најмладите ученици се најодговорни: Наставникот Гоце Бумбароски за предзвиците со кои се соочува образованието
Гоце Бумбароски е наставник во ООУ „Кочо Рацин“ во Прилеп и магистер по менаџмет во образованието. Тој е омилен помеѓу своите ученици, а тоа е така затоа што преку креативни начини им ги предава лекциите и им го пренесува знаењето.
Моментално тој е наставник на ученици од второ одделение, кои наставата ја следат со физичко присуство. Со него разговаравме за предизвиците со кои се соочува образованието во овој момент, за личниот став околу целата оваа ситуација, но и за тоа како неговите ученици го прифатија „новото нормално“. Без влакна на јазикот и искрено, тој ги искажа сите позитивни, но и негативни страни од моменталната ситуација со која се соочува образованието.
# Работите како наставник на ученици од 1 до 5 одделение. Како најмладите го прифатија новиот начин на следење настава?
Најмалите всушност се и најодговорни. Иако ограничени и опколени со безброј правила на однесување, учениците се среќни што секој ден доаѓаат во училиште.
# Сега вашите ученици се второ одделение и имаат можност наставата да ја следат со физичко присуство. Дали сите се вратија во училишните клупи или имаше и дечиња кои наставата ќе ја следат онлајн?
Оваа учебна година имам второодделенци во клупите пред мене. Започнавме настава со физичко присуство и можам да кажам дека сум пријатно изненаден од нивната одговорност и почитување на пропишаните протоколи. Тоа се должи на доброто воспитување кое тие го имаат дома, од нивните родителите. Тие ги подготвиле за новите предизвици со кои ќе се соочат надвор од дома. Исто така, имам неколку ученици кои се спречени физички да ја следат наставата, па со нив функционираме онлајн.
# Колкав предизвик е сето ова за еден наставник? Некои знаат да кажат дека сето ова на наставниците им ја олеснува работата, но каква е ситуацијата на терен? Дали сега работите повеќе?
За нас (наставниците) предизвиците се секојдневие. Оваа учебна година зголемени се одговорностите и здравствените ризици на кои што сме изложени. Целата процедура за одржување на наставата со физичко присуство, проследена со многу безбедносни протоколи ни малку не ја олеснуваат работата на наставниците, баш напротив ја отежнуваат.
За да Ви доловам дел од сликата во училиштата ќе се посочам себе како пример, па на Вас оставам да судите дали сега е полесно или потешко од претходно.
Имено, имам 24 ученици во моето одделение од кои 21 се со физичко присуство, поделени во две групи и 3 ученици посетуваат онлајн настава. Работниот ден ми започнува со првата група во 7ч наутро (30 минути пред почеток на првиот час). Втората група доаѓа во 11:30 часот во училница.
Работниот ден во училница ми завршува нешто пред 15 часот, но со тоа не завршуваат моите работни обврски. Организирам онлајн средба со учениците кои се од третата група. Таа може да биде во текот на целиот ден, во зависност од можностите на нивните родители, затоа што станува збор за седумгодишни деца на кои им е потребна поддршка за непречено следење на наставата од дома.
За крај, важно е да се напомене дека ние наставниците дома трошиме од два до четири часа на подготовки за наредниот работен ден.
Ако во нормални услови одржував од 22 до 25 часови неделно, сега одржувам повеќе од 60.
# Што мислите - дали Националната платформа е добар начин за следење на наставата и дали би можеле најмалите истата да ја користат самостојно?
Доколку националната платформа беше успешна приказна – таа можеше да биде добра алатка за онлајн настава. Но, во нашиот случај таа испадна неуспешна, па надлежните мудро ја префрлија топката на Microsoft teams. Преку оваа светски позната алатка онлајн наставата функционира без проблем и тоа само на местата каде што има услови за истата (компјутери со добри перформанси и стабилен и брз интернет). Учениците од погорните одделенија во основно и оние од средно образование без проблем можат да следат онлајн настава на Microsoft Teams. Но, на помалите ученици (четврто и петто одделение) неопходна им е помош од родителите.
# Кога е образованието во прашање, што е она што најмногу ве иритира во овој момент, а што би издвоиле како позитива од целата ситуација?
Образованието е столбот на едно општество и мора да биде приоритет на секоја влада. Она што искрено ме иритира е поставување на несоодветни лица на менаџерски позиции, започнувајќи од МОН, па сѐ до последниот сегмент на секторот образование.
Образованието се води застанат на нозе, пред табла, меѓу наставници и ученици, меѓу помошен персонал и стручна служба, а не седнат во удобната фотеља со розови очила и несоодветно образование за позицијата што ти е доделена.
Единствената позитивна работа за мене во целава ситуација е тоа што секојдневно ги гледам моите ученици пред мене. Нивните погледи ме полнат со енергија.
# Кога би Ве вратиле неколку месеци наназад, што можете да кажете за последните месеци од претходната учебна година. Може ли да кажете дека истата се заврши успешно?
Претходната учебна година заврши во вонредни услови, а кога имаме такви услови дозволено е одредено отстапување од нормалните текови. Таа учебна година заврши поуспешно отколку што оваа 20/21 учебна година започна, за жал.
# За крај, може ли да ни го споделите Вашиот личен став во врска со наставата. Што мислите, дали истата треба да се одржува со физичко присуство или пак треба да биде онлајн?
Без сомнение на секој ученик и на секој просветен работник местото му е во училиште. Знам ќе речете дека здравјето е пред сѐ, но зарем досега не беше? Отсекогаш сме се грижеле за здравјето на учесниците во воспитно – образовниот процес. Движењето е многу важно за децата. Затоа не смееме да им дозволиме да седат и да гледаат во екранот седум или осум часа.
На 27-ми Јули 2020г. го напишав следново:
И. Мисајловска