Најпотресната фотографија во историјата на војните: Како денес изгледа девојчето кое помогна да се заврши војната во Виетнам?
Пред скоро половина век, светот на само една фотографија го виде целиот ужас од војната: болка, страв од смртта, паника, тага... Сето тоа на лицето на едно дете.
Покрај тоа што помина половина век од кога фотографијата од 9-годишното голо виетнамско девојче Фан Ти Ким Пук ја здогледа светлината на денот, оваа драматична глетка и денес остава подеднакво силно и потресен впечаток на оние што ја гледаат.
Фотографијата во 1972 година го заобиколила светот појавувајќи се на насловните страници на скоро сите печатени медиуми, а многумина сметаат дека таа допринесе за крајот на војната во Виетнам.
„Секогаш ќе го паметам тој ужасен ден, кога бегавме од смртта“ - вели 52 - годишната Ким Пук која денес живее на периферија во Торонто и е мајка на две деца, пишува „Б92“.
„На почетокот ја мразев таа фотографија. Ми беше срам. Не ми годеше публицитетот кој следуваше по нејзиното објавување“ - објаснува Ким.
Тој ден, селото на Ким Пук било преплавено со напалм, запалива течност која се лепи за кожата, предизвикувајќи изгореници и неподнослива болка. Нејзината облека почнала да гори, па девојчето ја соблекло најбрзо што можело и почнало да бега.
Неколку минути подоцна, ја здогледал 21 - годишниот новинар Ник Ут, кој во тоа време работел за „Associated Press“. Тој ја искористил можноста и ја направил најдобрата снимка во својот живот и една од најдобрите фотографии на светот.
„Здогледав црн чад и девојче... како голо истрчува од него. Инстинктот преовладеа“ -изјави Ут оваа година за Си-Ен-Ен.
Како што се приближувала Ким, така делови од нејзината кожа почнале да паѓаат - напалмот веќе го оштетил нејзиниот врат, поголемиот дел од грбот и нејзината лева рака.
„Помислив: „О, мој Боже, не можам да верувам дека изгорениците се толку страшни“. Веднаш го одложив фото - апаратот и се обидов да ѝ помогнам“ - кажа Ут.
Раните ѝ ги полеав со вода, а девојчето го покрил со капут. Ја сместив со останатите деца во комбе кое ги однесе во болница.
Ким таму поминала повеќе од една година, а нејзиното семејство мислело дека нема да преживее. Поминала низ бројни интервенции на кои ѝ пресадувале кожа, но покрај тоа што раните на телото задравувале, девојчето никако не можело да најде душевен мир.
„Сакав да исчезнам, да ме нема, па дури и да умрам. Знаев дека тогаш повеќе не би морала да го проживувам онаа емоционална, ментална и физичка болка која ме јадеше“ - вели Ким.
фото: PROFIMEDIA/SHUTTERSTOCK