Најпродавани книги за 2021 година од издавачката куќа „Арс Ламина“
Секоја година издавачката куќа „Арс Ламина“ ги избира десетте најпродавани книги што го предизвикале вниманието со нивните неверојатни пораки, интересни приказни и исклучителна важност за нашето живеење. Селекцијата ги опфаќа сите жанрови и возрасни групи, од инспиративни книги за самопомош до волшебни приказни за деца.
Марк Менсон втора година по ред е најпродаван автор во издавачката куќа „Арс ламина“. Минатата година со книгата „Е, баш ме заболе“, а во 2021-та со контраинтуитивниот водич за проблемите со надежта – „Сè е за*бано“.
„Зен – уметноста на едноставното живеење“ е на второто место најпродавани книги за возрасни. Во неа, познатиот будистички свештеник Шунмио Масуно евоцира мудрост стара со векови за да покаже како да ја применуваме суштината на зен-будизмот во модерното живеење. Следна е „Торонто експрес“ од Зоран Спасов-Ѕоф, авторот на „Тито, мојот претпоследен херој“, духовит литерарен прирачник за заминување, но и за враќање од Канада. Романот „Дамски гамбит“, на кој е базирана истоимената мегапопуларна серија на „Нетфликс“, е на четвртата позиција, а веднаш зад него е серијалот детективски романи од Агата Кристи.
„Мала книга за хиге“ и годинава е на листата најпродавани, а од истиот автор од печат неодамна излезе книгата „Уметноста на создавање спомени“ во која Мајк Викинг, повикувајќи се на научни истражувања на среќата, нè учи како да создаваме среќни спомени и како полесно да ги задржиме. На седмото и осмото место се два интернационални бестселери од жанрот историска фикција – „Париската библиотека“ и „Седумте мажи на Евелин Хуго“ – приказна за филмската икона Евелин во времето на златните години на Холивуд. Најпопуларната авторка за млади Колин Хувер е на деветтото место со серијалот „Безнадежно“ во кој од различна перспектива ги проследуваме љубовните приказни на Скај и Холдер и Даниел и Сикс. Монолозите на Васко Тодоров алијас Тошо Малерот ја затвораат топ-10 листата најпродавани книги за возрасни за 2021 година.
Листата за деца и млади годинава ја предводи романот за деца и лектирно издание „Збунети години“ од Велко Неделковски – топла приказна за тинејџерските години и првата љубов. Омилената лектира на генерации читатели „Пајажината на Шарлот“ е на второто место, а веднаш зад неа е најпродаваниот серијал во светот – „Хари Потер“. Авантурите на Исидора Мун – девојчето половина самовила, половина вампир и годинава е омилен избор на малите читатели, исто како и лектирата „Хотел за кучиња“. Серијалот „Дина и Додо“ во 2021 година беше збогатен со неколку нови изданија, од кои најпродаван беше насловот „Чорапот на Дедо Мраз“. Најмалите читатели уживаа во серијалот интерактивни (пиши-бриши) сликовници за животните во светот. На осмо место се детективските авантури на Агата Одли, а на деветто „Басни од Македонија“. Учењето на буквите не било никогаш позабавно благодарение на сликовницата „Другарска азбука“ од Снежана Петрова-Џамбазова – издание што се најде на десеттото место.
Најбарани во сегментот образование, што опфаќа дополнителна литература и дидактички материјали што се поддршка на наставно-образовниот процес, во 2021 година беа збирките задачи со активности и тестови од 1 до 9 одд. На второто место се прирачниците и вежбанките по природни науки од 4 до 6 одд., а веднаш зад нив – збирките задачи по физика за 8 и 9 одд. Особено корисни при усвојувањето на наставните содржини се покажаа и Збирката биологија од 7 до 9 одд., вежбанките по македонски јазик и музичките работилници од 6 до 9 одд. На седмото место е Вежбанка за почетно пишување од проф. д-р Јасмина Делчева-Диздаревиќ – систем од графички и мануелни вежби за полесно воведување на децата во техниката на пишувањето. Процесот на усвојување на содржините по математика, хемија и органска хемија за средно образование е олеснет со соодветните збирки задачи по секој предмет одделно. На десетто место најпродавани наслови од едицијата образование се практикумите по македонски јазик 1 и 2 од Билјана Маленко и Елизабета Бандиловска – наменет на студентите од Педагошкиот факултет „Св. Климент Охридски“ во Скопје.
Сите книги можат да се најдат во книжарниците „Литература.мк“ или да се нарачаат онлајн на www.literatura.mk.
ПР објава