Нашиот тим добро се координираше и со тимска работа успешно го направивме роботот: Горијан, Горазд, Горјан, Виктор и Јаков за успехот на Меѓународниот натпревар по роботика
Минатата недела тие беа во центарот на вниманието. Пет средношколци од Македонија го освоија третото место на Меѓународниот натпревар по роботика, кој се одржа во Женева, кон средината на месецот.
Горијан Стаматовски од средното училиште Никола Карев, Горазд Петковски, Горјан Анѓушев, Виктор Ванчов и Јаков Спиров од средното училиште „Георги Димитров“ на сцената го развеаја македонското знаме и на светот му покажаа колку генијални умови има и во нашата држава.
Виктор и Јаков се ориентирано кон програмирањето и програмските јазици, додека пак остантите три члена повеќе се инволвирани во хардверскиот дел од роботиката, па со самото тоа уште од старт им биле поделени обврските за време на натпреварот.
Тие за Хаштаг откриваат како се создаде овој тим и секако на кој начин, токму тие го сочинуваат истиот.
„Тимот беше создаден со помош на нашата менторка Алма Кецап. Од нас беше побарано да на одредена тематика дадеме свое решение за да подоцна се изберат најдобрите идеи и така се оформи тимот.“
Овие 5 млади луѓе имаа само 7 дена да создадат робот, а тајната за успехот истакнаа дека е добрата координација, како и тимската работа.
„ Роботот успеавме да го создадеме во рекордно време од само 7 дена! Нашиот тим добро се координираше и со тимска работа успешно го направивме нашиот робот.“
Нивната менторка, Алма Кецап, која е инженер за телекомуникации им била од голема помош, но и покрај тоа таа смета дека децата сами си ја завршиле работата.
„ Задачата на техничкиот ментор беше да му помогне на тимот при било какви потешкотии во врска со роботот, но нашиот тим брои генијални умови па така можам да кажам дека децата си ја завршија сами својата работа.“
Најголема поддршка добиле од меторите и семејствата, кои постојано ги бодреле.
„Најголемата поддршка беше стекната меѓу самите членови, сите имавме меѓусебно разбирање и благодарение на тоа успешно го создадовме роботот. Нашите ментори и нашите семејства исто така ни пружија огромна поддршка со нивното бодрење.“
Од сите 5 членови, претходно искуство имал Горијан Стамотовски, кој вели дека оваа Олимпијада му го отворила патот за ова поле.
„ Пред натпреварот имав искуство со програмирање, но не и во роботика. Оваа олимпијада ми го отвори патот и интересот на ова поле.“
Никако не смее да се заборави фактот дека тие во конкуренција од 180 земји, нашите претставници го освоија третото место и со бронза се вратија дома. Тие велат дека овој успех ги прави особено горди затоа што успеале да ја претстават својата земја во најдобро светло, но дека истиот е само почеток на сите нивни идни остварувања.
Освен медалите не добиле никаква друга награда, но тоа не ги разочарува, а ни открија и зошто.
„Не постои поголема награда од пријателствата стекнати со целиот свет на оваа олимпијада.“ - велат овие генијални умови.
За крај, нивната менторка ни откри каде ги гледа за 10 години од сега:
„За 10 години овие генијални умови ги гледам на врвот во нивните кариери, успешни и паметни.“
И. Мисајловска
фото: Принтскрин / Инстаграм