Нашите учениците се привилегирани да имаат пракса во капацитети како Македонски железници: Интервју со директорот Александар Сибиновски

Нашите учениците се привилегирани да имаат пракса во капацитети како Македонски железници: Интервју со директорот Александар Сибиновски

Објавена во: Интервјуа, School zone

Александар Сибиновски е лидерот, односно директорот СУГС „Владо Тасевски“. Пред претстојните уписи тој ни раскажа што ова училиште им нуди на сите оние кои сакаат и имаат желба да бидат идни ученици. Откри некои од идните планови и цели на училиштето, но раскажа и нешто за разликите кои ги има во дружба денес и онаа во годините кога тој бил средношколец.

# Уписите за новата учебна година само што не започнале. Што СУГС „Владо Тасевски“ им нуди на младите кои сакаат своето образование сака да го продолжи во ова училиште?

СУГС „Владо Тасевски“ се наоѓа во урбаниот дел на населба Аеродром. Ние сме училиште кое ужива 60 годишна традиција и она што им го нудиме на нашите ученици е пред се квалитетното образование кое се стекнува преку стручноста на наставниците. Располагаме со модерна училишна зграда, спортска сала, кабинети за изведување на практична настава, кои се опремени со најсовремена опрема и училници кои се опремени со последна генерација на компјутери.

# Со колкав капацитет располагате оваа година и кои насоки ќе бидат опција за младите?

СУГС „Владо Тасевски“ и годинава ширум ги отвора вратите за 9 – то одделенците. Она што ние како училиште го нудиме и по кое сме уникатни е насоката СООБРАЌАЈ, во која има два профили, а тоа се Техничар за транспорт и шпедиција и Техничар за железнички сообраќај. Велам уникатни затоа што овие два профили се изучуваат само во нашето училиште. Патем сакам да потенцирам дека покрај сообраќајната насока имаме и насока ЕЛЕКТРОТЕХНИКА, во која имаме профил – Електротехничар за електроника и телекомуникации. Секако ни малку не се разликува и оваа насока по атрактивноста за 9 – то одделенците, затоа што живееме во време на компјутеризација на секое ниво од нашето живеење. Токму затоа оваа насока нуди основа за понатамошно усовршување во светот на телекомуникациите и компјутеризацијата. Третата насока е МАШИНСКАТА каде како профил се изучува машинско – енергетски техничар.

# Насоките некако се повеќе за момчињата, но и бројот на девојчиња е солиден. Кое е Вашето мислење од неколкугодишната пракса во ова училиште. Дали треба да се делат професиите на професии кои се за момчиња и професии за девојчиња?

Не можам да се согласам со вашата констатација дека струките се повеќе за момчињата. Еве на што се темели моето несогласување. Во учебната година што измина вкупниот број на ученици во нашето училиште беше 1180. Вкупниот број на ученички е 340 или процентуално некаде околу 30%. Можам да се согласам дека машинската струка е повеќе за момчиња, зборувам за машински – енергетски техничар, тука навистина имаме помал број на девојчиња.

# Има ли некои програми или пракса кои на младите им ги нудите како олеснителна околност во изучувањето на струката?

Дуалното образование кое всушност претставува учење преку изведување практична настава кај нас е веќе во напредна фаза. Нашите ученици ja имаат таа привилегија да изведуваат пракса во големите капацитети на Македонските железници, Мак стил, Цементарница – Усје. Ова се фабрики кои максимално го валоризираат трудот на учениците кои покажуваат солидни резултати и нудат палета на опции кои би придонеле по завршувањето на средното образование, да бидат задржани како нивни работници, дури и нудат паралелно студирање и работа кај нив. Тоа за нас како училиште е од огромно значење, бидејќи придонесува секогаш да бидеме опција која би ја одбрале основците, а воедно за нив да биде опција за сигурен пласнам на пазарот на трудот по завршувањето на образованието.

# Кои се Вашите идни планови и цели во врска со училиштето и новата учебна година?

Плановите за следната година... уфф... ги има повеќе и ќе треба одговорот да биде предолг доколку зборуваме за сите. Накратко ќе кажам збор – два за приоритетните цели.

Најпрво очекуваме на уписот да го задржиме трендот на едно од најбројните училишта (според бројот на запишани ученици). Очекуваната бројка е да запишеме 350 ученици во прва година кои ќе бидат сместени во 14 паралелки.

Компјутеризацијата на училниците каде се изведува настава беше и се уште е една од моите најголеми цели од почетокот на мојот мандат како директор. Минатата година беа оспособени 3 училници со вкупно 36 компјутери, а оваа учебна година ќе се оспособат уште 3. Со тоа ќе го завршиме процесот на компјутеризацијата на нашето училиште, согласно потребите на предметите каде се користат компјутери.

Исто така еден од поголемите проекти за следната година е тоа што ќе изградиме фудбалско игралиште со вештачка трева, кое ќе биде во склоп на училишниот двор и на тој начин всушност започнуваме со процесот на изградба на еден комплетен спортски центар кој во следните две години ќе биде финализиран. Тоа подразбира дека ќе имаме две тениски игралишта, едно фудбалско и едно кошаркарско игралиште, сите со најквалитетна подлога и потребно осветлување за користење и навечер.

# Кога ќе Ве навратиме во вашите средношколски денови, колку е поразлично школувањето и другарувањето од тоа време и од денес?

Малку смешно ќе звучи ова, но не мора да се потсетувам на тие денови, тоа беше неодамна за мене. Годинава навршуваат 15 години од матурата на мојата генерација. Кога ние бевме средношколци, дури и за да препишеме на тест по цела вечер се мачевме да направиме малечки ливчиња и на тој начин ќе го совладавме потребниот минимум. За сегашните ученици тоа е лесно како 2 и 2, отвораш „гугл“ на телефонот и имаш се што ти е потребно.

Мислам дека нема драстични промени во однос на моите средношколски денови и овие сега. Можеби по однос на другарување има промени, а за тоа придонесуваат паметните телефони и социјалните мрежи. Ако низ пример би треба да го кажам ова, би изгледало вака:

Во нашето време моравме да одиме до кај другарчето пред куќа за да направиме план во однос на вечерното излегување. Сега сето тоа е на многу пософистициран начин. Се прави група на Вибер, WhatsApp и сл. и сите заинтересирани страни се информирани.


И. Мисајловска

Објавена во: Интервјуа, School zone

Можеби ќе ве интересира: