Ние сме далеку од инклузивно општество: Ема Ананисиева на дебатата „Инклузивност во образованието и работата“
На тема „Инклузивност во образованието и работата“, а во рамките на 9 - тата меѓународна конференција „Новите парадигми на општеството“, вчера во просториите на Европскиот универзитет се одржа дебата.
Во дебатата учествуваа лица од најразлични профили и професии, кои ги засегнува оваа тема - Ребека Јанковска Ристески активист и родител, Марјан Петров социјален работник и сопственик на ресторанот „Umbrella“, Душан Томшиќ координатор на развојна социјални услуги при Министерството за труд и социјална политика, Анастасија Чадо дипломиран моден дизајнер, Ема Ананиевска дипломиран музичар и Дивна Видиниќ директор на ДСУ за рехабилитација и образование.
Како модератор на оваа дебата се јави проф. д-р Гордана Вренцоска од Европски универзитет.
Оваа дебата ја отвори Ребека, која иако имаше најдолго обраќање, а како една од најзасегнатите страни, често знаеше да ги прекине другите учесници со прашање.
„Не се сите училишта лоши во инклузијата. 90% од тоа што јас го имам како информација инклузијата не се одвива како што треба. Да тргнам од својот пример. Ние тргнавме во едно училиште па го сменивме, затоа што сите процедури што требаше да се запазат од инклузивен тим, каде седи моето дете во училницата, како е прифатено, начинот на комуникација, односно сите тие работи кои треба да се запазат за едно дете за влезе во образовниот процес не беа навреме направи. По првото полугодие го напуштивме тоа училиште и го запишавме Маркијан во друго училиште. Во тоа друго училиште „Димо Хаџи Димов“ во Влае, се направи подготовка. Две недели се подготвуваа дечињата, се подготвуваа наставниците, се разговараше, се бараше историја на Маркијан со што ќе се соочат сите луѓе таму и на време се подготвија сите тие деца, зошто за жал стравот е причината зошто не ги прифаќаат дечињата како Маркијан.“ - раскажа дел од својата приказна Ребека.
Секој од свој агол даде свое мислење на проблемите со инклузивноста, но она што го раскажа Ема, навистина ги трогна сите присутни.
„Јас уште од градинка сум интергрирана во редовниот образовен процес. Можам да кажам дека се што сум постигнала до завршување на факултетот е благодарение на упорноста и можностите на моите родители. Ние сме многу далеку од инклузивно општество, сето тоа е само на хартија. Се имам соочувано со многу потешкотии во однос на препреките и со тоа како се одвивало моето образование. Немав никаква литература на брајово писмо или во аудио формат за да можам самостојно да учам, па мораше мајка ми целиот материјал да ми го чита на диктафон за да можам да учам.“ - ја започна својата приказна дипломираната музичарка Ема.
Приказните и мислењата се редеа, се дебараше долго, а заклучокот беше идентичен. Имено, во Македонија треба уште многу да се работи на темата Инклузивност во образованието и работата, но дека со ваквите дебати, како оваа што ја организираше Европскиот факултет ќе се подигне свеста кај граѓаните и кај надлежните институции, со цел да им се олесни животот на лицата со попреченост. На крајот од денот сите сме еднакви и сите заслужуваме еднакви услови.