Ние сме еднакви со врсниците од најмоќните земји: 19 - годишниот Дамјан Козаров за успехот на Самитот за млади на НАТО

Ние сме еднакви со врсниците од најмоќните земји: 19 - годишниот Дамјан Козаров за успехот на Самитот за млади на НАТО

Објавена во: Интервјуа, Таленти

Дамјан Козаров е битолчанецот чие име го дозна целиот свет. Има 19 години и во моментот е стипендиран студент на универзитетот University of Western Macedonia во Грција, на смерот Сметководство и Финансии.

Имено, Дамјан е тинејџер кој постигна голем успех во светски рамки - тој е еден од 4 - те победници на видео натпреварот за #НАТО2030.

„Целиот проект започна уште од месец Август, кога Генералниот Секретар на НАТО Столтенберг го објави првиот Самит за млади на НАТО и испрати барање до младите од 18 - 35 години да учествуваат на видео конкурсот во Ноември во кој ќе бидат избрани 4 победници. За мене ова е едно ново искуство во мојот живот, затоа што за прв пат учествувам на некој толку голем настан, а посебно задоволство ми е тоа што ова е првиот Самит за Млади кои некогаш НАТО го организирал, и првиот настан која нашата земја учествува како најнова членка на НАТО Алијансата.“ - ја започна својата приказна.

Во истото време заедно со неговиот брат Давид започнале еден канал на Јутјуб (VisualMKD) на кој што објавуваат и се уште ги објавуваат своите аматерски видеа од типот на кратки тајмлепс видеа, дрон видеа и фотографирање.

„Поради ова решив ова мое хоби да го искористам, односно да создадам едно видео со кое што барем малку јас како личност ќе придонесам за оваа наша земја која е една од новите членки на НАТО Алијансата, и барем на кратко да им ја претставам на останатите членки со сите нејзини убавини, но и со еколошките проблеми со кои таа се соочува.“ - открива 19 - годишниот Дамјан.

Видеото го посвети Преспанското езеро, па не можевме, а да не го прашаме зошто изборот падна токму на оваа македонска природна убавина.

„Многу од луѓето ме прашаа зошто баш се одлучив видеото да биде за Преспанското Езеро? Тоа е затоа што токму ова езеро ме асоцира на некаков почеток. Кога го велам ова мислам на моите корени кои дел потекнуваат од оваа убава Преспа, почетокот на членството на оваа земја во НАТО, но и сакам да биде почеток во спасувањето на ова природно богатство.“


Ова видео носи и голема порака, која Дамјан се обиде јасно да ја објасни:

„Сакам да испратам една важна порака до сите луѓе, особено до младите како мене дека мора сите заедно да ја подигнеме нашата свест како би ја спасиле природата и сѐ што таа ни дава за да не награди со подобар живот, а мене со подобри видеа. Јас се надевам дека со помош на НАТО оваа порака ќе биде уште пошироко распространета, и искрено се надевам дека барем во еден момент ве натерав да размислувате за она што треба да ни стане начин на живот. Можеби не е професионално видео, ама е направено од срце.“

Неговиот успех е пример за многу млади луѓе и според него никогаш не треба да се откажеме од она што сакаме да го направиме.

„Сакам да упатам порака до сите луѓе и да кажам дека сите ние можеме да бидеме помеѓу најдобрите, и дека сите ние сме еднакви со врсниците од најмоќните земји, но најважно нешто е никогаш да не се откажеме од она што сакаме да го направиме без разлика на тоа колку невозможно и да изгледа.“ - апелираше Дамјан.

Ивана Мисајловска


Објавена во: Интервјуа, Таленти

Можеби ќе ве интересира: