Ние сме последна генерација која може да ја спаси земјата од климатските промени: Интервју со младата амбасадорка Василиса Шашкова

Ние сме последна генерација која може да ја спаси земјата од климатските промени: Интервју со младата амбасадорка Василиса Шашкова

Објавена во: Stars // Интервјуа

Василиса Шашкова е 18 - годишна тинејџерка, која поради својот активизам надвор од училишните клупи се издвојува од останатите свои врсници. Ученик е во гимназијата „Нова“, а воедно е и посветена амбасадорка за климатски промени, како и член на здружението „Гоу Грин“.

Со неа поразговаравме за нејзиниот активизам, за тоа што значи да се биде млад амбасадор, но и за тоа што може да направат младите кога е оваа тема во прашање.

# Што значи да се биде млад климатски амбасадор?

Да се биде климатски амбасадор дава можност и платформа да се направи нешто навистина позитивно во сопствената заедница. Климатските амбасадори имаат одлична можност да станат лидери во училиште,  работно место или заедница и да промовираат позитивни климатски активности локално. Во глобала да се биде амбасадор значи да се подига  свеста за глобалните и локалните климатски проблеми при истовремено обезбедување факти и решенија. Лично јас научив многу за климатската дипломатија и преговорите за решавање на климатските промени.

# Која е улогата на младите во климатските промени?

Улогата на младите е информирање, подигањето на свеста за последиците од климатските промени и барањето на промени. Ние сме гласот на младите кој мора да биде слушнат затоа што ние активно придонесуваме кон креирањето и променувањето на меѓувладините политики за климатски промени.

# Како може да ги спречиме катастрофалните последици од климатските промени?

Постојат неколку начини на кои индивидуите можат да се борат против климатските промени.  Најважниот начин е да се залагаат и да се едуцираат за причините и влијанијата на климатските промени.  Друг начин е да се садат дрвја.  Користење алтернативни методи на транспорт и оддалечување од фосилните горива. Јадењето месо исто така придонесува за емитирање стакленички гасови, така што диетата на порастителна основа исто така би имала влијание.

# Како ти придонесуваш за намалување на климатските промени?

Како индивидуа се едуцирам себеси и луѓето околу мене.  Исто така имам растителна исхрана и се грижам ригорозно за околината. И пред сѐ поддржувам и мотивирам организации и проекти како овој на здружението „Гоу Грин“.

# Како млади амбасадори ќе учествувате во првата симулација на Конференцијата за климатски промени, кажи ни нешто повеќе околу тоа?

За симулацијата се подготвуваме подолго време, најпрво следевме курс за климатска дипломатија, сега сме во процес на подготовка на ставовите за учество на симулацијата. 26 - тата Конференција за климатски промени ќе се одржи во Глазгов, Обединетото Кралство, а ние ќе се обидеме да ја симулираме истата. Ќе има дебата со различни претставници на групи, како на пример невладини организации и земји во развој.  Целта на дебатата е да се дојде до согласување во врска со политиките за климатски промени.  Предизвикот е да се испочитуваат услугите на секоја група и да се гласа за заемна корист. Па ќе ја искористам оваа прилика да ги поканам вашите читатели да ја следат симулацијата на 20 - ти февруари со почеток во 11 часот на Фејсбук профилот на Go Green – Биди зелен.

# Која порака би ја пренела до младите читатели?

Мораме да дејствуваме сега.  Секој може да направи разлика.  Започнете со нешто, секој напор и промена е важна.  Ние сме првата генерација што може да стави крај на сиромаштијата и последната генерација што може да преземе чекори за да се избегнат најлошите влијанија од климатските промени.


Објавена во: Stars // Интервјуа

Можеби ќе ве интересира: