Новиот опасен ТикТок предизвик зема детски живот во САД: Момчето почина откако 19 дена беше на апарати
12 - годишно момче од американската држава Колорадо почина во вторникот, како последица од ТикТок предизвик, кој од луѓето бара да се гушат додека не се онесвестат, потврди неговиот роднина, а пренесуваат тамошните медиуми.
Џошуа Хејлијесус, кој бил пронајден од неговиот брат близнак на 22 март на подот во тоалетот во семејната куќа, почина откако помина 19 дена на апарати.
„Џошуа замина да биде со Бог. Благодарни сме на сите кои се молеа со нас и го делеа нашиот товар во ова тешко време. Вашите молитви и љубов ни беа утеха и благодарни сме на вашата поддршка“ - се наведува во семејната објава на страницата за собирање на донации.
Таткото на момчето, Зерихун Хејлијесус за KCNC кажа дека сака другите родителите да бидат внимателни поради предизвиците кои се популарни на социјалните мрежи како ТикТок и Јутјуб. „Тие ги охрабруваат децата и тинејџерите да го задржуваат воздухот и се снимаат додека не се онесвестат“ - истакна тој.
Роднините на момчето, кое доживеа мозочна смрт и помина 19 дена на апарати, велат дека веруваат дека Џошуа користел врвка за време на предизвикот.
„Никогаш не би претпоставил дека мојот син ќе направи такво нешто. Сега ја плаќам цената за тоа. Го доживувам ова и не би сакал и други родители да минуваат низ ова“ - истакна Зерихун, а пренесува „New Yord Post“.
Роднините велат дека Џошуа бил талентиран јавен говорник кој сакал да стане пастор. Исто така, велат дека планирал да биде и војник.
Локалната полиција започна истрага по повод овој инцидент, јавува весникот „Denver Post“. ТикТок минатиот месец објави соопштение во кое „изнесе најдлабоко сочувство“ до семејството на Џошуа.
„Ние во ТикТок немаме поголеми приоритети од тоа да ја штитиме безбедноста на нашата заедница, а содржината која се промовира или содржи опасно однесување е забранета и веднаш се отстранува за да се спречи да стане тренд на нашата платформа. Исто така ги блокиравме и слободните хаштази и пребарувања само за да спречиме луѓето да учествуваат во тој предизвик или да споделуваат потенцијално опасни содржини“ - се наведува во соопштението на ТикТок.
фото: GoFundMe