Од 118.000 апликанти, Јана Митревска влезе на Универзитетот Сан Диего: Еден ден знаењето ќе го пренесам во нашиот здравствен систем
Јана Митревска е уште една млада, амбициозна и девојка која е желна за знаење. Оваа 19 - годишна матурантка потрагата по квалитетно образование ја заврши со добивањето на потврден одговор и прифаќање на апликацијата од страна на реномираниот универзитет Сан Диего.
Матурираше во приватната гимназија НОВА, а веќе наесен ќе замине во Калифорнија, САД по нови знаења, искуства и авантури. За Хаштаг раскажа дел од процесот на аплицирање, но и причината зошто се одлучила да студира преку океанот.
# Ти си една од ретките која доби можност да се запише на реномираниот универзитет во Сан Диего. Што те поттикна за да студираш надвор од Македонија?
И покрај можностите кои ги нуди нашата држава, како и големиот број на смерови и постручни насоки, сепак образованието во странство не само што ме привлекува поради смерот кој сакам да го изучувам, истовремено овозможува осознавање на улогата на културната разноликост во денешниот свет на глобализација и општествена прогресивност.
# Како се одвиваше целиот процес, кога е во прашање аплицирањето?
Можам да кажам дека беше напорно, имајќи предвид дека во изминатата учебна година наставата се одвиваше онлајн, имав многу училишни обврски кои што требаше да ги завршам за тековната година за да биде комплетна мојата ИБ диплома, а паралелно со тоа требаше да пополнувам апликации за различни универзитети надвор од нашата земја. Јас конкретно аплицирав на 12 универзитети и тоа во Велика Британија, Канада и САД. Сето ова беше проследено со полагање на приемни испити по математика, биологија и хемија, потоа пишување есеи на зададени теми од секој универзитет посебно и притоа секој есеј требаше да има од 300 до 2000 збора, а за што беше потребно многу време, трпение, посветеност, вештини и концентрација. Но, морам да потенцирам дека во целата оваа приказна несебична поддршка, насоки и совети за изборот на програмите и универзитетите на кои што конкурирав, добивав од академските советници во моето училиште, за што сум бескајно благодарна и задоволна бидејќи на крајот сето ова заврши токму онака како што посакував.
# Имаше ли некои посебни услови и задолженија кои требаше да ги исполниш?
Секако дека имаше. Најважен беше успехот. За програмата којашто јас ја одбрав невробиологија, потребни беа добри оцени по предметите како што се биологија, хемија и математика, како и солидно ниво на познавање на англиски јазик. Исто така, од исклучително значење се и активностите надвор од училиштето како корисен член на општеството. Јас учествував во повеќе проекти на невладини организации за заштита на животната средина, потоа поддршка за интегрирање во општеството на жените ромки, подучував англиски јазик една група на деца роми, потоа учествував во донаторска хуманитарна акција на социјално загрозено семејство, на кое што му дониравме покуќнина и облека и други такви активности. Можам да кажам дека тоа особено се цени во една апликација при прием на еден ваков универзитет.
# За која насока се одлучи, односно што точно ќе студираш? Зошто?
На Универзитетот Сан Диего во Калифорнија, аплицирав на програмата - невробиологија, и на истата сум примена и многу сум горда на тоа. Тука ја гледам основата на која ќе ги стекнам моите знаења во наредните четири години, за да потоа ги продолжам студиите на медицина и да се реализирам како доктор, односно хирург, што е моја животна желба. За специјалноста сѐ уште не сум одлучила тоа веројатно ќе го покаже времето. На прашањето зошто медицина ќе ви одговорам бидејќи е интересно тоа како јас всушност одлучив дека сакам да станам доктор. Кога завршив втора година во НОВА, добив стипендија и заминав на Универзитетот во Чикаго на тринеделен престој во текот на летото за да посетувам програма психологија. Дел од активностите се одвиваа на универзитетската болница и тоа што го видов и научив таму беше врвно, квалитетно и на крајот пресудно за изборот на мојата идна професија. Бев воодушевена.
# Имаше ли и некој друг универзитет кој му беше конкуренција на овој?
Да имаше. Кога ја добив одлуката од Универзитетот Сан Диего, во исто време бев во oчекување на одлука од престижниот Беркли кој што е петти рангиран универзитет од 100 најдобри универзитети на Шангајската листа, за кој што можам да кажам дека беше мој фаворит и дека сѐ уште немам одговор од администрацијата таму, односно ставена сум на листа на чекање. Сепак мојата одлука за избор на Универзитетот Сан Диего беше донесена без размислување и повеќе од практични причини. Имено, после првите четири години од студиите ќе можам да продолжам со моите студии на медицина на истиот универзитет кој што нуди прекрасни услови и можности за доусовршување, врвна едукација и богато искуство кое се надевам дека еден ден несебично ќе го пренесам во нашиот здравствен систем, кој што во оваа пандемија се покажа како многу кревок, имајќи предвид дека ќе бидам корисник на државна стипендија што ја доделува нашето министерство за образование.
# Можеш ли да се сетиш на реакцијата кога доби потврден одговор? Што прво ти прелета низ глава?
Некои универзитети одлуките ги носат порано некои подоцна. И покрај тоа што имав потврдни одговори од Велика Британија и Канада, сепак целата моја енергија беше насочена кон универзитетите во САД, поконкретно Калифорнија како држава која има еден од најдобрите едукативни системи. Овие универзитети најдоцна ги известуваат апликантите некаде на крајот на месец март. На денот на одлуката, чувствата на неверување и радост беа измешани, бидејќи во истиот момент бев пресреќна, најсреќна, а сепак неможев да поверувам дека од 118.000 апликанти од целиот свет јас сум една од избраните на што бев многу горда, исполнета и задоволна. Целиот труд и време што го вложив не беше за залудно, вредеше.
# Дали имаш информации како ќе се одвива наставата, со оглед на тоа дека пандемијата на коронавирус не е завршена?
Веќе сме известени дека наставата ќе започне на крајот на септември, почеток на октомври месец и едвај чекам да започне семестарот, очекувањата ми се големи. Предавањата и сите други активнсти ќе се одвиваат со физичко присуство, а сите студенти треба да бидат вакцинирани.
# Кој ти беше најголема поддршка во донесувањето на оваа одлука?
Најголема поддршка во сите овие години низ средното образование беше и сѐ уште е моето семејство, моите родители и мојот брат, кои целото свое време и енергија ја насочија кон тоа јас да успеам во тоа што го сакам, а се надевам дека така ќе биде и во иднина.
И.М.