Од „Дете Талент“ на Ивце Пивце до Факултетот за музика и театар во Хамбург: Арда Мустафаоглу за остварувањето на својот сон

Од „Дете Талент“ на Ивце Пивце до Факултетот за музика и театар во Хамбург: Арда Мустафаоглу за остварувањето на својот сон

Објавена во: Интервјуа, Таленти

Младиот пијанист за кој светот допрва ќе слуша, а нашата држава ќе биде навистина горда, Арда Мустафаоглу го оствари својот најголем сон. Имено, тој беше примен на реномираниот Факултет за музика и театар на Универзитетот во Хамбург, каде што ќе го продолжи своето понатамошно образование.

Интересен е фактот што приемниот испит го заврши како прворангиран, а за овој голем успех се крие напорна работа, во која од помош му била професорката Милица Шкариќ. Арда за Хаштаг откри како течеле подготовките, како реагирал кога ја слушнал оваа вест, но ни откри и нешто за неговите почетоци.

# Оствари еден од твоите најголеми соништа, примен си на Факултетот за музика и театар на Универзитетот во Хамбург. Колку за тебе беше напорно остварувањето на овој сон?

За да се претставам со пијанистичка интерпретација која е потребна за влез на Факултетот за музика и театар во Хамбург потребна беше подготовка од многучасовно самостојно вежбање и конструктивни часови со професор Милица Шкариќ со која работев до најситни детали на техничка и музичка интерпретација.

Јас не чувствувам никаков напор кога го правам она што го сакам, напротив уживам во секој момент кој го поминувам со клавирот. Тоа е мое најголемо задоволство. Обожувам да се соочувам со нови предизвици, да чекорам кон моите соништа. Секојдневната замисла и желбата за нивно остварување го носи мотивот за неуморно настојување кон нив.

# На приемниот испит заврши како прворангиран. Колку ти значи ова, се надеваше ли на волкав успех?

Студирањето на Факултетот за музика и театар во Хамбург е предизвик кој е тешко достижен, бидејќи конкуренцијата која доаѓа од светските музички центри е огромна, а бројот на студенти кои се примат на студиите е многу мал. Јас сум пресреќен што сум примен на факултетот и особено ми е драго што сум студент во класата на Ана Виницкаја. Подоцна го добив официјалното писмо од факултетот во кое пишува дека сум прворангиран меѓу пијанистите... Тоа чувство е навистина неописливо!

Сигурен сум дека резултатот е поради взаемната вложеност и пред се стручност на професорката. Ова е огромен поттик за мојата понатамошна работа.

# Дали имаше и некој друг Универзитет на листата или 100% беше решен дека своето школување сакаш да го продолжиш на Универзитетот во Хамбург?

Проф. Милица Шкариќ ми предложи да ги продолжам моите студии во престижниот факултет во Хамбург. Според мене тоа беше правилната одлука. Огромно задоволство е да се учи од пијанистичката традиција на Евгениј Корољов и тоа во класата на Ана Виницкаја која е една од најдобрите концертни пијанисти на денешницава.

# Од колку години сфати дека пијаното ќе биде твој другар во текот на животот?

Отсекогаш сум бил опкружен со музиката и со пијаното и не би можел да се замислам себе си без нив.

Енергијата која преовладува додека сум на сцена е незаменлива! Публиката играше голема улога уште од моите први концерти, таа е мојата најголема мотивација и мојот најголем двигател. Со секој настап се обидувам да го усовршам контактот меѓу самиот себе, инструментот и публиката.

# Кој го препозна твојот талент?

Мојата мајка, која умееше да ми ја разбуди љубовта кон инструментот и музиката. Не би можел да го заборавам и Ивце – Пивце (Ивица Маринковиќ) кој беше првиот кој ме претстави на пошироката јавност со емисијата насловена како „Дете Талент“. Потоа следеа меѓународни натпревари во Србија, Бугарија, Италија, Германија, Франција кои ми овозможија на големи сцени да имам солистички рецитали, да свирам со оркестри и камерни состави.

# Имаш ли некој музичар кој е твој идол или пак водилка кога музиката и пијаното се во прашање?

Мојата водилка е самата музика. Секако дека ги следам мастер натпреварите и концертните пијанисти меѓу кои и Ана Виницкаја.

# Кои се твоите планови по завршувањето на факултетското образование? Ќе се вратиш ли во Македонија или си решен да го освојуваш светот?

Ние, уметниците не можеме да се врземе за државата каде што сме родени. Ние припаѓаме на светот! Многу сум млад за да ги предвидам моите планови после студирањето, но секако дека ќе доаѓам во Македонија.

Ивана Мисајловска


Објавена во: Интервјуа, Таленти

Можеби ќе ве интересира: