Од девојката зад Парис Хилтон до онаа која ја засени: Како Ким Кардашијан стана најголема ѕвезда на денешницата?

Од девојката зад Парис Хилтон до онаа која ја засени: Како Ким Кардашијан стана најголема ѕвезда на денешницата?

Објавена во: Мода // Moj стил

Четиринаесет години подоцна, Ким Кардашијан е таа која чекори пред Парис Хилтон и носи златна чанта...

Без разлика дали ни се допаѓа тоа или не, едно е сигурно - семејството Кардашијан - Џенер го промени светот, поимот за убавина и дефиниција на популарноста и се уште продолжува да го прави тоа. Секоја од сестрите без сомнеж е ѕвезда и многу очи ширум светот се вперени во нив: девојките од целиот свет се шминкаат и облекуваат како што ќе кажат тие, брендовите се тепаат за да соработуваат со нив, а интересот за било кој настан во Холивуд значително расте, доколку на црвениот килим се прошетаат Кортни, Ким, Клои, Кајли или Кендал. Сепак, ништо од тоа не би се случило доколку ја немаше средната сестра - Кимберли и секако малку од магијата на нивната мајка Крис Џенер.

Семејството Кардашијан беше неверојатно богато и пред популарните сестри да потпишат договор со каналот Е! за емитивање на нивното реално шоу „Во чекор со Кардашијанс“. Како и да е, нивниот татко беше Роберт Кардашијан, угледен адвокат, кој како трета генерација од ерменското имигрантско семејство, реши да не го продолжи семејниот бизнис за продажба на месо и ризикуваше со тоа што се одлучи да биде адвокат. Долгите години учење и вредна работа му се исплатеа, па Роберт стана неверојатно богат човек, кој на семејството му овозможи живот во престижниот дел на Беверли Хилс. Таткото на сестрите Кардашијан доби и огромна популарност кога стана дел од адвокатскиот тим на својот пријател О. Џеј Симпсон, обвинет за убиството на својата сопруга, но тој не се грижеше за популарноста. Сепак, неговиот живот беше беше нераскинливо поврзан со познатите личности, па Ким, Кортни и Клои растеа во вилата која беше позната по тоа што често беше место за најлуксузните забави. Базен, огромен шанк во базенот, терен за тенис, џакузи и бројни ѕвезди кои се составен дел од секојдневиото на Кардашијанс, па не чуди што првите блиски пријателки кои ги имала Ким беа наследничката на познатиот ланец на хотели Парис Хилтон и Нина Ричи, ќерката на Лајонел Ричи.

Токму со Парис почнува деловниот живот на Ким - кога контроверзната русокоса „парти девојка“ почна да го привлекува вниманието на медиумите и да го снима реалното шоу „Едноставен живот“, ангажирајќи ја својата стара другарка од училиште, Ким Кардашијан да ѝ биде асистент. Таа се грижеше за гардероберот на Парис, повремено и помагаше и како стилист, а судејќи по некои извори, Хилтон умеела да се однесува многу лошо кон неа. Во еден момент, кога медиумите се заситија од присутната наследничка, ја забележаа бринетата со раскошни облини која секогаш била во нејзината близина. Како што Ким подоцна призна, било чудно кога папараците почнале да го извикуваат нејзиното име покрај популарната Парис.

Како ѝ успеаа на средната сестра Кардашијан за од онаа која носи чанти и се труди на својата другарка и шефица „да не и влезе во кадар“ да стане онаа која денес по популарноста ја надминува дури и Парис Хилтон?

Не е тајна дека вртоглавиот успех го запозна со едно експлицитно видео - во 2007 година во јавноста се појави домашно видео од младата сестра Кардашијан и раперот Реј Џеј, а од некоја причина тоа стана неверојатно популарно. Поради тоа што Хилтон своевремено беше во центарот на скандалите поради објавувањето на нејзиното приватно видео, до денес останува сомнеж дека мајката и менаџерка на Ким, Крис Џенер ги има вмешано прстите за да може нејзината ќерка да добие популарност како својата пријателка. Како и  да е, Кардашијанс повеќе немале контрола над видеото, кое веќе го видоа многу луѓе, па Ким потпиша договорот со шефот на франшизата „Диви девојки“, Џо Френсис, во кој стои дека ќе добие 300.000 долари и процент од секое наплатено емитување и продажба на нејзиното видео. Во следните месеци се потпиша и договорот за снимање на реалното шоу, кое многу брзо стана глобална сензација. Следуваа врските на Ким со познати мажи, бракот со кошаркарот Крис Хамфриз, кој траеше 72 дена, многу црвени килими, многу интриги, многу комични, но и контроверзни изјави, појавување во филмови и спотови, фотографирање на „Плејбој“... 

Сепак, семејството, на чело со Ким, во очите на светската јавност е синоним за „ѓубре“. Таа ниту добивала покани за престижните настани кои ги собираат кремот на Холивуд, нејзиниот стил е опишан како провокативен, но никако нешто што вреди да се следи, а голем број познати личности јавно се згрозуваа од фактот дека таа станала позната без ниту еден докажан талент. Јавна тајна е дека Ким се обидува да се најде на насловната страница на „Вог“, што би било уште еден печат на нејзината популарност и посветеност на модата, како и дека копнее да се прошета на црвениот килим на Мет гала. Вратите ѝ останаа затворени се додека во нејзиниот живот не зачекори Канје Вест.

„Ким не беше секогаш прифатена во модната заедница, а таа е прекрасна девојка. Канје и јас, ние успеавме во тоа. Секој дизајнер сега умира за да ја облече. Мене не ме интересираше што луѓето мислат за Ким“ - раскажа неодамна нејзиниот пријател и дизајнер Рикардо Тиши, кој долго се грижеше за нејзиниот изглед.

Потоа следуваше венчавката за Вест, раѓањето на нивните 4 деца, но и бројните деловни проекти на кои Ким напорно работеше.

Денес Ким може да се пофали со богатство кое се проценува над 900 милиони долари, а наводно во овој момент заработува по 80 милиони годишно. 


Објавена во: Мода // Moj стил

Можеби ќе ве интересира: