Од другата страна на онлајн училницата: Како професорите го прифатија новиот начин на работа?

Од другата страна на онлајн училницата: Како професорите го прифатија новиот начин на работа?

Објавена во: Совети // School zone

Поради новонастанатата ситуација, како што многупати досега истакнавме се погодени сите. Дел од возрасните започнаа да работат од дома, а оние кои треба да се први на фронтот се уште регуларно одат на своите работни мести. Во првата група се и просветните работници. Тие, како и учениците се изложени на новиот начин на учење (предавање) - од далечина. 

На оваа тема и за тоа како се снајдоа свое мислење дадоа неколку професорки, кои се навистина успешни во својата професија. 

„Човек се адаптира на постоечките услови, па така и ние полека се навикнуваме на новиот начин на работа. Од оваа ситуација можеме да ги извлечеме позитивните, но и негативностите на далечинското учење. Ние и досега применувавме ИКТ во наставата, но ова наметнува еден поинаков пристап кон учењето. Наставниците за да можат да ја реализираат наставата сега им е потребно многу повеќе труд, време, вештини и средства за работа.“ - посочи професорката Наташа Ацевска по Македонски јазик и литература од СУГС „Георги Димитров“.

„Очигледно е дека наставниците брзо се прилагодуваат на новонастанатата ситуација. Љубовта кон професијата е „виновна“ за тоа. Добро е што добивме насоки дека може било кој начин на електронска комуникација да го практикуваме затоа што некои ученици, а и наставници ги немаат подеднакво исти можности. Анкетирањето на учениците покажа дека може да употребуваме е-настава преку фб- групи, вибер- групи, зум, е-пошта и сл.“ - со овој став се сложи и професорката Јасминка Прелевиќ, која исто така предава Македонски јазик во СОЕУ „Јане Сандански“ во Битола.

Професорката Емилија Величкова од скопската гимназија „Јосип Броз - Тито“ имаше малку поинакво мислење: „Одекнува паролата: „Снајди се, како знаеш и умееш“. Учењето на далечина е нешто кое треба да биде предизвик, но во нормално време кога ќе има обезбедени услови, подеднакво за сите. Компјутерот не може да го замени присуството на учениците во училницата, нивниот израз кога нешто не им е јасно или, пак, кога сакаат да го кажат тоа што веќе го знаат. Таблата и кредата се само една алатка со која се служиме во еден мал дел од часот. На сите ни недостасува блискиот контакт ученик - наставник, без енигми и глави полни со прашалници, на кои треба онлајн одговор.“

„Моравме за кратко време да се реорганизираме и да се прилагодиме на новонастанатата состојба и на нов начин на едукација. Со оглед на тоа дека немаме претходно искуство во организирање на ваков тип на настава и нејзина реализација, адаптирањето на новиот начин на работа беше и се уште е вистински предизвик. Работите ги учиме во од. Секој од нас се прилагодува според можностите и според своите информатички знаења и вештини. Сепак онлајн наставата не може да ја замени вистинската училница. Мене лично ми недостасува училницата и учениците, ми недостасуваат нивните досетки, па и нивните контрирања и оправдувања.“ - кон ставот на професорката Емилија, се приклучи уште една професорка од СЕПУГС „Васил Антевски - Дрен“.

На дел од нив им недостасуваат учениците, некои пак се задоволни од тоа како моментално функционира образовниот процес, но во едно сите беа едногласни. За нив оваа година не е целосно пропадната, бидејќи голем дел од наставните содржини им ги предале на учениците во времето кога наставата се одвиваше регуларно. Останатиот дел велат дека доколку е потребно ќе го повторат уште еднаш кога повторно ќе се вратат училниците. За сите нив во овој момент поважни се животните лекции, кои најпрво како родители, а потоа и како наставници може да им ги пренесат на децата (учениците).

И. Мисајловска

Може да ве интересира:

Матурантите не се откажуваат: Матурскиот испит ќе биде само уште еден шамар врз нашиот образовен систем

Објавена во: Совети // School zone

Можеби ќе ве интересира: