Матурантите не се откажуваат: Матурскиот испит ќе биде само уште еден шамар врз нашиот образовен систем
Вонредната ситуација која настана поради коронавирусот ги погоди сите. Возрасните се соочуваат со нови начини на работа од дома или пак остануваат без работа, а учениците, тие во оваа ситуација се како „експериментални глувчиња“. Буквално преку ноќ требаше да се навикнат на новиот начин на учење - од далечина.
Финалните оценки на крајот од годината ќе ги добијат како комбинација на оценките од првото тримесечје, првото полугодие и третото тримесечје, како и од активностите кои ги преземаат за времетраењето на вонредната состојба, односно за време на далечинското учење. Основниците работат со своите родители или пак самостојно, следејќи ги инстрикциите од своите наставници, а средношколците - тие се приказна за себе, особено оние кои оваа година ќе треба да матурираат и да полагаат државна матура.
Министерот за образование во неколку наврати истакна дека полагањето на државната матура нема да се откаже, а изреволтираните матуранти по оваа тема покренаа петиција за откажување на истата.
„Разни гласини се шират по социјалните мрежи. Министерот за образование излегува со изјави, во врска со полагањето на матурата, со кои вешто се крие позади грбот на ДИЦ. МОН е во тотален хаос. Вирусот COVID-19, како пандемија која многу брзо се прошири и зафати голем дел од општествените системски поставености, жестоко започна да ги поткопува темелите и на образовниот систем во нашата држава. Дезориентирани советници, конфузни изјави и министер слепо убеден во успешно спроведен матурски испит. Како овогодишна матурантка секојдневно си го поставувам прашањето „Дали МОН има доволно сила да го понесе целиот овој товар на своите плеќи или ова ќе биде уште еден непромислен чекор, само за да се заврши работата?”… но, по изјавите на нашите избраници заклучувам дека ова е само уште еден преголем залак за нас. Онлајн настава, семинари и обуки за професори и наставници, тестови и оценувања- според мене сето ова е доволно за да се задржи фокусираноста и приземноста на учениците и професорите, во овие тешки, кризни моменти. Но, напори за спроведување на онлајн матура... колкава ќе биде нејзината релевантност?“ - го започна своето изладање на оваа тема Ангела Петровска, матурантка од СЕПУГС „Васил Антевски - Дрен“, а потоа подетално се осврна кон тоа како би влијаело спроведувањето на онлајн матурата на учениците.
„По сите ислушани досегашни изјави и предлози мислам дека спроведувањето на објективна матура е невозможно во овие услови. За учениците би бил само дополнителен шок, стрес и притисок во веќе доволно усложената ситуација. Искрено сметам дека во домашни услови, полагањето на „фамозниот“ матурски испит ќе биде само уште еден шамар и дамка врз нашиот образовен систем, кој секојдневно го осудуваме дека е главен виновик за апатичната општествена поставеност. Мислам дека е крајно време да престанеме да правиме пародија и комични чекори со кои јавно покажуваме и дозволуваме да ни се лизга од раце едукативниот развој на младите генерации.“
Кон овој став се приклучува и Бисера Шегмановиќ, која е матурант во истото училиште, која истакнува дека далечинското учење не може доволно добро да ги подготви за планираното полагање.
„Онлајн наставата е добра алатка за пополнување на времето кое го поминуваме во карантин, но од друга страна не е доволна за нас матурантите да нè припреми за претстојната матура. Овој период требаше да го посветиме на државната матура, да вежбаме со помош на нашите професори и да ги добиеме потребните информации за текот на тестирањето, видот на прашањата, активностите и задачите кои ќе бидат зададени. Како млади личности исправени сме пред голем предизвик и страв од непознатото. Во целава оваа хаотична ситуација и паника која преовладува во светот, младите како нас ги обзема и страв за иднината.“
Бисера смета дека примерот на Холандија, која го откажа полагањето на државната матура е за поздрав и дека истиот ќе треба да го следат повеќето држави.
„Оцените од ова тестирање за нас се многу важни, а ние немаме доволно можности за да се подготвиме за овој предизвик. Додека светот ја губи војната со коронавирусот, нашата држава нема да изгуби голема битка ако ја откаже државната матура.“ - заклучи таа.
Овој став го делат и уште многу други матуранти, кои гледаат надеж и иднина во нашата држава, а кои воедно сакаат без тензии, стрес и дополнителни проблеми да запливаат во академските води. Како ќе заврши оваа голгота за матурантите и дали тие ќе успеат да издејствуваат и да се изборат за откажува на државаната матура, ќе мора да почекаме да пресудат надлежните институции.
И. Мисајловска