Од глума, јавање коњи, сѐ до учење јазици: Најпопуларните детски кампови

Од глума, јавање коњи, сѐ до учење јазици: Најпопуларните детски кампови

Објавена во: Совети // School zone

Со традиционалното плискање со вода, учениците од основните и од средните училишта, вчера го прославија 10 јуни, наjрадосниот ден во училишната година. За родителите на средношколците и за оние на основците од погорните одделенија сега е полесно, но оние кои имаат помали деца и немаат помош околу чувањето додека се на работа, се соочуваат со проблем. 

Родителите сѐ почесто се решаваат децата да ги пратат на едукативни летни кампови, во некои од креативните училишта, училиштата за странски јазици или музичките училишта.

Меѓународнoто  училиште НОВА и оваа година се продолжува со својот тринеделен летен камп наречен „FUN“ од 17 јуни  до 5 јули. 

Програмата се фокусира првенствено на спортот и уметноста. Поделен е во три одделни програми за деца од различна возраст. Кампот „Зелени жаби“ е за деца од 4 до 6 години. 

Прошетка во природа, забавен парк , јавање коњ, експерименти, ласерски хант се дел од оваа програма која почнува од 8 а треа до 16 часот секој работен ден. Вклучува три оброка, два наутро и еден попладне, закуски, овошје, пијалоци и сокови.

Групата „Blue dolphins“ е за децата од 6 до 8 години и вклучува посета на аква парк, мечување, карате, игри во вода, пешачење, музички работилници. „Yellow Tigers“ е наречена групата од  9 до 13 години која вклучува различни игри и кампување во текот на ноќта. Цената на камповите е 399 евра, а „Нова“ нуди можност за плачање на рати. 

Летен музички камп, за своите, но и за надворешните членови организира музичкото училиште „Пијано форте“. 

„Наставата ќе почне на 17 јуни и ќе трае до 11 јули. Сите заинтересирани може да се пријават на телефонските броеви 078 309 692 и 02 3066 999. Период од четири недели во кои учениците ќе можат да пробаат инструмент. Децата по желба ќе можат да се вклучат во групните часови за пеење, да се комбинираат различни инструменти во еден поголем состав, значи активности кои ќе им ја разбудат креативноста“, велат Виолета Стефановска-Шуковиќ, академски директор и професорка по пијано и Марина Чадо, професорка по виолина и извршен директор. Во концептот е предвидена музичка работилница и тоа секој ден. Останатото време е забава, со преку 30 спортови во рамките на кампот „Скурас“. Како и претходните години и оваа година има група која што заминува на 17 јуни во популарниот грчки камп.

Виолета Стефановска-Шуковиќ, академски директор и професорка по пијано и Марина Чадо, професорка по виолина и извршен директор во „Пијано форте“

Од 17 јуни до 17 август трае летната школа на училиштето за странски јазици „Хелен Дорон“. 

„По специјална програма по методот на Хелен Дорон ќе работиме секој ден од 9 до 13 часот во повеќе наши училишта во Скопје: во Карпош, Центар, Кисела Вода, Аеродром, Чаир и Капиштец, како и во Битола, Штип, Тетово, Охрид, Струмица и Гевгелија. Програмата е интерактивна и по потреба вклучува и прошетки и надвор од училиштата со цел на децата да им биде забавно“, ни изјави Анита Златкова, франшизер за „Хелен Дорон-Центар.

Цената за една недела е 1.500 денари, или 6.000 денари месечно. 

Три летни филмски кампови организира филмското училиште „Тинтири минтири“. Првиот наречен „Игри без граници“ зпаочнува на 17 јуни и трае до 21 јуни од 9 до 15.30 часот. Децата со организиран превоз од центарот на Скопје ќе поминат најмалку пет часа во природа, во скопското село Соње. Ќе се организираат рекреативно - забавни содржини рекреативен физички и ментален натпревар пред камерите. Неделна цена за овој камп е 4,800 денари со вклучени два оброци и лесна ужина.  Од 24 до 29 јуни ќе се снима вториот дел од филмот „Потрага по загубеното богатство“. Овој камп трае од 9 до 20 часот, а ќе се снима во Скопје и околината, и повеќе градови низ Македонија. Неделната цена е 12.500 денари. Во цената се вклучени 2 оброци, ужина, пијалоци и транспорт до предвидените локации. Снимениот филм ќе има кино и телевизиска премиера. Третиот камп е во периодот од први до петти јули, од понеделник до петок од 9 до 13 часот на повеќе градски локации и во селото Соње. Опфатени се обуката за однос кон камера, основи на сценарио, структура на ТВ скеч, актерски вежби и вежби за јавен настап. Неделната цена е  3.000 ден. Во цената е вклучена една лесна ужина и транспорт до предвидените локации. Сите снимени материјали ќе бидат прикажани во емисијата „Тинтири Минтири Шоу“, а пријавувањето е на телефонскиот број 078302161.

На скопскиот базен „Аеродром“, секој ден од утре до 30 август е организира летниот камп „Авантура спорт“ за групи на деца од 3 до 6 години, 6-12 и од 13 до 18 години, од 9 до 13 часот. Во забавните спортски игри, освен пливање, вклучено е и возење велосипед, кајакарење, вежби за моторика, едукативни игри и читање на книги и лектири. Пријавувањето е на телефонскиот број 071-269-660 кај Маријана Кочовска а кампот ќе се одржува од 9 до 13 часот. Месечната цена за е 6.000 денари, а дневната 600 денари. 

Пливачкиот клуб „Пингвин“ од Скопје и оваа година организира летен одмор за децата во грчкиот камп „Каливас“ во местото Метаморфози на вториот крак на Халкидики во Грција. 

„Тргнуваме на 25 јуни и има уште осум слободни места. Одењето во овој камп ни стана традиција со многу забавни и спортски активности. Родителите по летниот одмор често знаат да ни кажат: ни вративте ново дете“, ни изјави Мишко Мартиновски, тренер по пливање. Цена за седумдневната авантура е 280 евра. Седум полни пансиони, излет со брод до Света Гора и посета на Аква паркот во Солун спаѓаат во цената. Пријавување се врши на телефонскиот број 078-865-005 кај Мишко Мартиновски. 

Посета на истиот камп, организира и танцовото студио „Еурека“ од 24 до 30 јуни. Кампот е отворен и за надворешни членови. Освен забавата на плажа, „Еурека“ организира и танцови тренинзи , а последниот ден, се оди на танцов натпревар во Кавала.  Пријавувањето е кај Катерина Јолакоска, на 070305966. 

(М.Џ.)

Објавена во: Совети // School zone

Можеби ќе ве интересира: