Од кабинетот се однесуваа како да сум голем професионалец, а не дете од 10 години: Анастасија за посетата кај претседателот Пендаровски
Анастасија Анастасова е девојчето кое пред скоро една година ѝ стана позната на македонската јавноста. Иако има само 10 години, таа на сите им покажа како се сака татковината. Веќе неколку години со своето семејство живее во Хамбург, Германија, но никогаш не заборавила на Македонија.
Имено, таа снима видеа преку кои ги покажува убавините на нашата земја, како и нашата традиција, обичаи, културни обележја, за што подетално зборуваше во едно од претходните интервју за Хаштаг.
Сега, таа одите еден чекор напред и доби можност да влезе во претседателската вила и одблизу да се запознае со работата на претседателот Стево Пендаровски. Посетата е реализирана по нејзина иницијатива, а од кабинетот на претседателот со задоволство ѝ овозможиле реализација на идејата.
„Многу е интересна приказната за снимањето на ова видео. се договаравме со моите родители што следно ќе снимаме за моите видеа. Секогаш планот го правиме однапред, пред да се дојде за Македонија. Во еден момент мојата мајка ме праша која е мојата желба - каде и со кога сакам да снимам следно видео? Јас им одговорив на моите родители иако е невозможно да снимам видео со претседателот на Македонија за тоа „Како изгледа неговиот работен ден“. Но, сепак моите родители одлучиле да се обидат да ја остварат мојата желба да пробаат. Така испратиле е-маил до Кабинетот на претседателот каде што што ме претставиле мене и мојата идеја. Од Кабинетот експресно им пристигнал позитивен одговор.“ - ни откри 10-годишната Анатасија, која потоа се осрна и на тоа што најмногу ја воодушевило, но и што научила:
„Најмногу се израдував што мојата желба ќе се оствари. Приемот од целиот Кабинет кој што ме прими во „Вила Водно“ ме воодушеви со тоа што се однесуваа како да сум голем професионалец, а не дете од 10 години. Најголемото воодушевување беше кога го запознав Претседателот Стево Пендаровски. Тој ми покажа дека е една обична личност како сите нас и рече разговорот да го водиме со „Ти“.
Научив дека постојат зборовите: протокол, агенда, висока делегација, мозаик, гарда - почесна стража, артефакти, Устав и Закон, црвен телефон, Нато и ЕУ, „Отворен кабинет“ и дека претседателот може да додели Орден на заслужни граѓани.“
Посетата кај претседателот ја подели во три видеа, кои имаат различни содржини. Првото веќе е објавено, а Анастасија за Хаштаг накратко открива што може да видите и научите од него.
„Во првиот дел претседателот Стево Пендаровски ми раскажува за тоа како изгледа протоколот при посета на највисока делегација, ме запознава со кучето Рок и за прв пат ја раскажува приказната за германскиот претседател Herrn Steinmeier како најголем хуманист, кој што донирал еден свој орган, додека во вториот и третиот дел сигурно ќе слушнете уште повеќе.“
Ова младо и талентирано девојче направи и една ретроспектива на изминатата година, а еве што кажа за тоа што се променило во нејзиниот живот.
„Во училиште ништо не е променето, сѐ уште сум меѓу најдобрите ученици. А, со видеата можам да кажам дека учам сѐ повеќе и повеќе, учам нови места, запознавам многу нови луѓе и навистина ми е многу убаво. За Youtube Kanalot се грижат моите родители кои што ме учат дека во животот сѐ се постигнува „чекор по чекор”. Очигледно е дека минатата година многу малку луѓе ја препознаа мојата идеја, но оваа година ме радува што сѐ повеќе и повеќе ја прифаќаат и ми помагаат во остварување на истата.“
На самиот крај, Анастасија ни откри и како нејзините другари од Германија реагираат на оваа нејзина активност и колку се воодушевени од нашата држава.
„Од кога почнав да снимам видеа за Македонија тие се воодушевени. Моите другари и другарки редовно ги гледаат моите видеа и секогаш имаат дополнителни прашања. Сите би сакале да ја посетат Македонија, а за моето последно видео целото мое училиште е пријатно изненадено.“
Ивана Мисајловска