Од лушпи од портокали до средство за чистење: Учениците од ООУ „Страшо Пинџур“ – Неготино заеднички работат на проектот „Не го фрлај твојот отпад“
Ѓорѓина Димова наставничка по информатика и Велика
Маркова наставничка по хемија од ООУ „Страшо Пинџур“ – Неготино заеднички работат на
проектот „Не го фрлај твојот отпад“, во рамките на кој, ученици од деветто одделение истражуваа како класичните средства за чистење ја загадуваат околината и како влијаат на нашето здравје. По што, дошле до идејата да се изработи средство со лушпи од портокали и оцет, кое не е штетно, отровно и корозивно. А воедно, на 3Д принтер го испечатија и првиот прототип на пакување на средството за чистење.
Инаку проектот е поддржан од ФИТР – Предизвик
на млади истражувачи во 2020 година.
- Со проектот се обидовме органскиот отпад – лушпи од портокали да го искористиме за изработка на средство за чистење, вели наставничката Ѓорѓина.
Во рамките на овој проект ученици од 9-то одделение истражувале како класичните средства за чистење ја загадуваат околината и како влијаат на нашето здравје. Ја проверувале отровноста, корозивноста и pH вредноста на класичните средства за чистење.
Потоа истражувале како може да се изработи средство за чистење кое нема да биде штетно, отровно и корозивно со помош на органски отпад. Така се дошло до идејата да се изработи средство со лушпи од портокали и оцет.
- Проектот се реализираше во периодот кога во целата држава наставата се одвиваше во онлајн услови. Тоа му даде дополнителна вредност на нашиот проект затоа што учениците беа ангажирани на дополнителни активности и уште повеќе што самостојно ги реализираа сите експерименти, мерења и активности.
Секој ученик дома подготви средство за чистење. Потоа се мереше pH вредноста за која се покажа дека е pH = 5 што значи дека средството е слаба киселина, не е отровно и не е корозивно. Се разбира се провери и неговата ефикасност. Тоа исто така се реализираше во домашни услови, па се вклучија и родителите кои заедно со учениците утврдија дека средството е најефикасно за чистење на маснотиите и загорената храна на шпоретите и садовите, како и во купатилото за чистење на бигорот. Доколку нечистотијата е голема може да се користи и сода бикарбона како засилувач на средството - раскажаа наставничките, менторки на овој прокт за Хаштаг.мк.
За да ги промовираат нивните активности, изработиле и веб сајт: www.nfto.spingur.mk на кој се поставени сите активности, рецепти и видео упатства. Во рамките на информатичкиот дел од проектот се изработила и мобилна апликација – квиз со прашања кои произлегле од проектот и кои може да се користат во наставата по хемија.
Последен чекор било подготовка и печатење на
пакување на средството за чистење на 3Д принтер.
-Во моментот се испечати првиот
прототип на пакување кој треба во иднина да се усоврши, вели наставничката Ѓорѓина и најави дека во иднина овој 3Д
принтер ќе се користи во наставата и по другите предмети.
- Во месец ноември бевме поканети на Регионалниот саем на социјалните претпријатија од Вардарскиот регион во организација на Регионалниот центар за поддршка на социјални претпријатија при Центарот за развој на Вардарски плански регион и проектот „Поддршка на социјалните претпријатија“. На саемот го промовиравме нашето средство за чистење кое наиде на голем интерес и целото прво производство всушност се продаде на тој саем.
Ваквите активности предизвикуваат огромен интерес кај учениците, истакнаа наставничките од ООУ „Страшо Пинџур“ – Неготино, а преку активностите, велат тие, учениците не само што навлегуваат подлабоко во содржините од предметот туку и се стекнуваат со практични и претприемачки вештини, кои за некои од нив можеби би биле и идна кариера. Заради тоа тие продолжуваат и со креирање на нови производи – сапун од природни материјали кои во моментот ги изработуваат.
Љ.Иванова