Од Скопје до Лос Анџелес: Интервју со младите филмски ентузијасти Марија и Мартин од „Марви“ за делата кои почнуваат да го освојуваат светот
„Марви“ е филмска продукција,
која се раѓа заедно со филмот „Ема“. 19 – годишните Марија Додовска и Мартин
Чичовски, како што самите велат се млади филмски ентузијасти кои се дел од
истата. Тие посочија дека по успехот на филмот „Ема“ сфатиле дека единствениот
начин кон само – изразувањето и достигнувањето на сопствените цели е всушност
внатрешниот предизвик, кој им се претворил во мотив за креирање на нови дела.
Оваа млади луѓе кои за неколку месеци ќе го завршат средното образование за Хаштаг посочија дека колку повеќе создавале – толку повеќе млади луѓе посакале да соработуваат со нив, па така во „Марви“ денес работата 10 – тина млади ентузијасти и љубители на филмот.
#Од каде идејата млади луѓе како вас да отворат своја продукција?
Заедничката љубов и пасија која ја имаме кон филмот, катадневно се зголемуваше и пред создавањето на продукцијата. Работевме на аматерски филмови кои беа плод на голема посветеност и желба кон остварувањето на нашата цел, со што набрзо не направи едно сложно семејство кое деноноќно работи кон остварувањето на целта. Па така, можеме да кажеме дека преку истрајноста и ентузијастичкиот модус, успеавме да го создадеме „Марви“ кое што не прави неразделни и сложни, и свесни за какви сѐ филмови создаваме и која е нивната цел, со што никогаш не викаме дека не можеме да ја постигнеме, дури и кога тоа е невозможно.
#Се сеќавате ли кој беше првиот проект на кој работевте заедно и секако како публиката го прифати истиот?
Нашиот прв заеднички филмски проект беше „Светлина“, кој всушност ја претстави светлината на нашиот нов пат по кој решивме да се водиме и да ја оствариме нашата желба во реалност. Целиот процес кон креирањето и снимањето на филмот беше исполнет со љубов и посветеност, со што направи зближување помеѓу секого од нас со тоа што изгради едно искрено и нераскинливо пријателство кое ја зацврсти довербата и искрената љубов во нашиот тим. „Светлина“ не е базиран врз вистинска приказна, но прикажува една навистина поинаква слика за ставовите, стравовите и проблемите со кои се соочуваат младите, па можеби, тоа се манифестираше и како наш најголем мотив и идеја кон креирање на една филмска тематика, не само во „Светлина“, туку и во „Ема“ и „ Другата страна“.
#Со колку проекти може да се пофалите? Која е пораката која сакате да ја испратите преку истите?
Нашата активна работа на правење на филмови непрестајно и во полна пареа датира од 2018 - тата година, со што можеме да заокружиме дека досега имаме направено 10 - тина филмски проекти под наше име. Тематската идеја која е нашиот најзначаен двигател кон обмислување на едно филмско сценарио, се манифестира преку прикажувањето на општествените проблеми кои претставуваат една психолошка гранка од кој нашиот најголем таргет сме токму самите ние, кои сме всушност затегнати на претставувањето на една психо - анализа на адолесцентите со кои се справуваат низ вистинитите темни ситуации во животот. Како на пример, сакаме да ги истакнеме негативното влијание и притисок со кое што општеството и општествената хиерархија ги стигматизира и ги сочинува младите низ пороците како зависноста од наркотици, сумплементи и алколозам, претставување на семејни релации и кулминации со кои се справуваат ликовите, карактеризирање помеѓу доброто и лошото, како и моралот со неморалот го оддаваат психолошкиот белег врз градењето на тематиката. Како крајна порака која сакаме да ја прикажеме е токму одбегнувањето и промислувањето на следната постапка, како и претставувањето на една реална општествена ситуација, што токму нашата цел е да ја промениме.
#Вашите филмови биле прикажувани на многу филмски фестивали надвор од нашата држава. Имате ли некоја држава, од која сте најмногу задоволни, секако во поглед на тоа како ги прифатила вашите филмови?
Досега нашите проекти беа прикажувани на филмските фестивали во и надвор од Македонија, со што можеме да ги издвоиме фестивалите во Лос Анџелес, Њујорк, Токио, Велс и Малавли, Белград и Горњи Милановац, како и на филмскиот фестивал „Џифони Македонија“ и низ кино салите во Cineplexx, Кино Култура, Кинотека на Северна Македонија и Кино Фросина.За жал, сме ја немале можноста да присуствуваме на некои од попримамливите локации и фестивали каде што сме конкурирале. Но затоа, имаме интересни доживувања од фестивалот „Кратка Форма“ во Горњи Милановац во Србија, каде што се прикажуваше нашиот краткометражен филм „Фотографот” кој го освои второто место за најдобар филм во младинската категорија. Си поминавме интересно, имавме можност да се стекнеме со различни култури преку прекрасната дружба со Србите, Италијанците и Американците, со кои што останавме пријатели.
#Последен во низата филмови е долгометражниот филм „Другата страна“, кој неодамна ја имаше својата премиера? Како во услови на пандемија успеавте да го снимите? Беше ли тешко?
За разлика од многу наши проекти, овој се издвојува со тоа што е наменет и за најмладата публика. „Другата Страна” е првата македонска семејна фантазија, снимен во време на КОВИД - 19 пандемијата, без финансиски средства, но со една голема желба. Идејата која ја добивме за овој филм (семејна фантазија) потекнува од она со кое секојдневно се соочува секој од нас, за сите оние нешта кои се неправилни, но ние луѓето свесно ги правиме, убивајќи го правилното, рационалното и етичкото, проблем со кој, за жал, веќе подолго време се соочува и целиот свет, не знаејќи која е точната формула за менување и справување на истото, или пронаоѓање на исправниот пат. Па затоа, филмот ги претставува двете различни гледишта преку детската и бурна фантазија која го отсликува правилното од неправилното, реалното од нереалното, преку искрената надеж и желба на двата главни протагонисти Софи и Бобо, кои се справуваат со тешката одлука кои што ќе навлезат во една поразлична авантура која ќе ја одгатне точната формула за пронаоѓањето на вистинскиот свет. Секако дека беше тешко да се организира сѐ по нашиот план кој го зацртавме, бидејќи со секој нов предизвик доаѓаа и други, а особено остави голем удел и справувањето со ситуацијата. Не знаевме дали воопшто ќе се сними филмот, но успеавме да направиме добар распоред со вкупно 20 дена снимање. Секако, кога најмалку очекувавме тогаш ја скршивме камерата и објективот, но тоа додаде на нашиот мотив и ентузијазам за работа, обезбедивме нова опрема, и завршивме порано од очекуваното.
#Колку сте задоволни од тоа како помина премиерата? Дали можеби ја замислувавте поинаку?
Премиерата, како што и самиот филм се одвиваа во време на пандемија, сепак тие дозволија да ја преминат нашата зацртана позитивна граница и над очекуваното. Бевме задоволни што и во оваа ситуација имаше заинтересираност, со што можеме да истакнеме дека на денот на премиерата беа отворени двете најголеми кино сали во Cineplexx кои веднаш се пополнија. Секако дека ако не беше ваква ситуацијата со КОВИД - 19 пандемијата и имавме поголеми можности, очекувањата со сигурност ќе беа поголеми, но ние сме задоволни и исполнети и со овој резултат.
# Што е она што овој филм го нуди, а другите не?
„Другата страна“, како и другите наши филмови, не е базиран според вистинска приказна, но има познати елементи од реалноста кои играат битна улога. Овој филм кој се истакнува и го прави поразличен од другите филмови е токму зближувањето и до најмладата публика. Другата страна, односно другиот свет кој се потенцира во филмот е всушност светот за кој ние луѓето отсекогаш сме сонувале. Оној прекрасен свет во кој луѓето се почитуваат меѓусебно, свет полн со вистинска љубов, без омраза, без загаден воздух и одбегнување на вистинската слика со која се соочува светот. Фантазијата е она што го двои овој свет од реалниот, со што поставуваме праша: Дали ние, луѓето, некогаш ќе дојдеме до овој свет за кој веќе вечно сонуваме? Оние кои веќе се созреани личности, потешко би ја направиле таа промена, промената која мора да почне од нас, затоа децата кои сè уште се осознаваат, многу полесно можат да дојдат до одговорот.
#Вашата продукција не е насочена само кон филмот. Што друго нуди „Марви“?
Точно, ние како тим сме препознатливи по правење на филмски проекти, но „Марви“ како продукција ги доловува и сегментите од литературната, ликовната и музичката дејност, каде што ја имаме можноста да се надградуваме со поголем број на талентирани ентузијасти, кои со полна пареа се подготвени на секој нов предизвик. Минатата година го направивме продолжението на „Светлина: Второто поглавје“, со што добивме позитивни критики, и така се вроди идејата кон правење на скечови и по неполн месец го снимивме и нашиот прв комичен скеч „Јас не сум педер“ кој се здоби со голема популарност, па по него, со ентузијазам го снимивме и вториот скеч „13“ кој го наменивме за новогодишните празници. Во музичката бранша, специјално за филмот „Другата страна“ во изведба на Ана Петановска и аранжман на Стефан Петановски, ја направивме и песната „ На овој свет“ чиј текст е на Мартин Чичовски. Во меѓувреме, работиме и на ТВ Серијата „Тремор“ која како тематика ги опфаќа општествените проблеми и како всушност младите се сочуваат со истите, а нејзината премиера ја очекуваме овој јуни, а кон крајот на оваа година ја очекуваме и промоцијата на нашата прва книга „Ѕвездениот феномен“ од Марија Додовска и Мартин Чичовски.
#Какви се вашите планови за иднината?
Секако, со секој наш проект, како што споменавме, доаѓаат и други нови проекти кои ја оцртуваат сѐ повеќе и повеќе нашата љубов, искреност и посветеност кон создавање на нови дела. Во иднина, очекуваме поголем број на соработки со врвните македонски уметници од секоја бранша, како и на поголеми предизвици и повеќе работа. „Марви“ тимот е подготвен да ја започне новата културна револуција.
И. Мисајловска
фото: Мартин Чичовски / Ангела Стојковска / Софија Лазовска