Официјално е отворено 58-то издание на „Мавровски меморијал“

Официјално е отворено 58-то издание на „Мавровски меморијал“

Објавена во: После „Школо“ // PR

Со положување на цвеќе пред споменикот на градителите на хидро системот Маврово кои ги загубија животите во снежна лавина во 1956 година, се означи официјалниот почеток на 58-то издание на „Мавровски меморијал“, најстариот скијачки куп на Балканот и еден од најстарите ски купови во Европа и светот.


Меморијалот кој оваа година се одржува од 2-4 февруари под покровителство на министерката за одбрана г-ѓа Радмила Шекеринска Јанковска, го отвори нејзиниот заменик г-ин Башким Хасани.


„Овој настан кој во себе содржи и емитира значаен симболички капитал, со текот на годините успеа од локален, преку државен, да прерасне во широко препознатлив континентален куп и да привлече врвни професионалци и вљубеници во зимските спортови. Воедно важи и за промотор на една од најубавите туристички атракции во Република Северна Македонија, сместена на  падините на планината Бистра.

Тоа што ме радува е дека и во овие ограничувачки услови предизвикани од пандемијата КОВИД, продолжуваме да ја негуваме и унапредуваме оваа традиција на „Мавровскиот меморијал“, кој во себе ги спојува креативниот и натпреварувачкиот дух.“ -  истакна заменик министерот Хасани.

Организатори на овој континентален куп по нордиско скијање се Агенција за млади и спорт, Скијачката федерација и ски здружението Мавровски Меморијал. Традиционален генерален спонзор е А.Д. ЕСМ. Помагатели се општина Маврово и Ростуше и национален парк Маврово.

„Чест ми е што имам можност да бидам дел од организацијата на „Мавровски Меморијал“, настан кој се одржува во спомен на 38-те градители на хидро системот „Маврово” и 14-те граничари кои ги загубија животите во снежна лавина во 1956 година.

Годинава на патеката „Мирна Долина”  се докажуваат најдобрите репрезентации од регионот и на сите им посакувам многу среќа. Ги поздравувам покровителите и останатите организатори на овој настан, а ние како АМС, интензивно ќе соработуваме и за понатамошна поддршка и промоција на овој убав спорт. – изјави Наумче Мојсовски, Директор на Агенција за млади и спорт.

Идејата да се организира овој меморијал зрачи со човечност и емпатија.

„Одржувањето на Мавровскиот меморијал и неговото поддржување од наша страна, овозможување да биде традиционален низ децениите, неговата популарност кај спортската, но и кај пошироката јавност, се показател за свесноста и човечноста на нашето општество, доказ дека знаеме да ги почитуваме и да ги чествуваме луѓето кои се вградиле дури и со своите животи во своите работни задачи, за да изградат капацитети на кои ќе почива државата во еден многу значаен сегмент како што е енергетиката.

Оваа наша поддршка на Мавровскиот меморијал е наша определба како луѓе, но и наша должност и посветеност како компанија, во сеќавање на нашите колеги- на работниците кои биле дел од компанијата, но и други наши сограѓани, кои во 1956- та година ги изгубија животите, градејќи го хидроенергетскиот систем Маврово.” – вели претседателот на Управниот одбор и генерален директор на АД ЕСМ, м-р Васко Ковачевски по повод годинашниот Мавровски меморијал.

Купот и оваа година на едно место ќе ги собере најдобрите репрезентации од регионот кои на снежната патека„Мирна Долина" ќе се докажуваат под комплетна супервизија на официјални лица од „FIS“. На овој начин Маврово уште повеќе се истакнува како зимска атракција.

„За нас, ова е еден од најзначајните настани во општина Маврово и Ростуше. Го поддржуваме целосно и го помагаме несебично со цел да се издигне до највисоко ниво. Им благодариме на организаторите кои се неуморни и даваат сè од себе во име на професионалноста за долги години во низа овој куп да биде организиран одлично.“- изјави Медат Куртовски, градоначалник на општина Маврово и Ростуше.

Трките на 5 и 10 километри во слободен стил ќе се одржат на 3 и 4 февруари.

Предводник на македонската репрезентација е искусниот Ставре Јада.


Објавена во: После „Школо“ // PR

Можеби ќе ве интересира: