Оливера Николова: Пишувањето книги ме очовечи и го збогати до невидени размери моето битие

Оливера Николова: Пишувањето книги ме очовечи и го збогати до невидени размери моето битие

Објавена во: После „Школо“ // PR

Нарекувајќи ја „мајка на сите македонски писателки“ и „мајката на Зоки Поки“, со благодарност за трасираниот пат на жените-авторки, како и за нејзиното целокупно творештво и придонесот во нашиот јазик, проследено со долг аплауз и овации, вчеравечер (30 март) во преполното фоаје на Националната опера и балет, македонската книжевна сцена ѝ оддаде почит на легендарната писателка Оливера Николова. На свечениот настан, според многумина историски за домашната книжевност, беа промовирани десет тома со 12 реобјавени книги од творештвото за возрасни на Николова, во издание на „Арс Ламина“. Книгите, објавени под импринтот „Арс Либрис“, се дел од едицијата „Македонски книжевни класици“. Тие се во ново руво и со нови поговори од значајни македонски професори, книжевници и писатели. Тие се подарок за поколенијата! Уредничка на едицијата е Оливера Ќорвезироска, која беше модератор на промотивниот настан. 

Лични и професионални реминисценции и осврти кон делата дадоа авторите на новите поговори кон делата на Николова: Јелена Лужина (поговор за „Збогум Вано, Ванке...“), Никола Гелевски („Белиот чад“), Гоце Смилевски („Пешаци по црни полиња“), Катица Ќулавкова („Вежби за Ибн Пајко“), Румена Бужаровска („Куќичка“), Владимир Мартиновски („Тромбот“), Елизабета Баковска („Куклите на Росица“), Калина Малеска („Адамовото ребро“), Владимир Јанковски („Лева комора“), како и уредничката Ќорвезироска, која, меѓу другото, го напиша и поговорот за „Кадифената покривка“. Видеообраќање имаа Кица Колбе (поговор кон „Тесна врата“) и Давор Стојановски („Песот со тажен поглед“). 

Николова, видно почестена и трогната од убавите зборови и посвети на говорниците, се заблагодари од срце пред присутните:
– Многу би сакала да верувам дека го заслужувам овој момент. Ова што се случува овде. Верувајте ми, тоа е едно чувство со кое се борам вечерва. Но, знам и дека одговорот треба да се остави на времето. Тоа го знам со сигурност. Ви благодарам што сте тука. Тука сте поради моите книги од кои, некои, сум ги пишувала речиси пред половина век. Благодарам и на повишениот тон на пофалбите во искажувањата со кои бев наградена. Благодарам, посебно, на „Арс Ламина“ која ми овозможи ретка среќа да ги видам моите дела за возрасни заедно, во вакво убаво издание. Гест што, во суштината, претставува можност за преоценка од една нова генерација на она што сум го создала. Не можам, притоа, исто така да не речам дека му благодарам и на самото пишување за многу важни заеднички споделувања во мојот живот. Во пишувањето влегов не само млада туку и несвесна за сопствената незрелост. Зоки Поки е плод на мојата невиност – невиност без сознание за стапиците на зборовите – а тоа што следуваше потоа, пишување не само со интуиција и спонтаност туку и со подготовка и со одговорност за тоа што го пренесувам – да кажам тежок збор – ме очовечи. Го прошири и го збогати до невидени размери моето битие, извлекувајќи ги на виделина неговите скриени потенцијали и творечки неспокојства. Пишувањето стана, можам да речам, мој ориентир во животот. И тоа е тежок збор, но кажан со голема одговорност. Ориентир. Тоа ми овозможи да ги запознам луѓето однатре, за да знам како да ги опишам, а притоа, можеби и поважно, како да научам и да живеам со нив во реалноста, како да ги прифатам, да ги оправдам, да ги засакам. Ука што во најраната младост секако ми недостигаше потполно, а која се покажа дека ми е недоволна за личностите за кои пишував и кои морав длабоко да ги запознам пред да пишувам за нив. Како за која нова книга се определував, како се ширеше и моето тематско интересирање, така се ширеше и опсегот на моите познавања од животот, неговата многустраност. А потоа и моето однесување меѓу луѓето. Така пополека ја освојував сопствената зрелост, со тоа и сигурноста и дилемите на новата возраст, но и сигурноста меѓу зборовите што ги искажуваат нашите мисли. Се разбира, им благодарам и на моите долги години што ми дадоа шанса за поправање на грешките. Тежината на годините, за чудо, умее фиктивното за кое е бескрајно способна, да го насочи и да го оплоди во богати полиња продуктивни во секоја поинаква смисла од појдовната. Многу сакам, гледате, овие зборови да не се однесуваат само за моите дела туку и за мене. И многу сакам да верувам дека постои шанса да го засакате тоа што сум го создала и во моите искуства да пронајдете одговори и за себе – истакна Оливера Николова. 

Раскажувачката, романсиерка и драмска писателка Оливера Николова е родена во Скопје во 1936 година. Се школувала во Струга и во Велес, а дипломирала на Филолошкиот факултет, група Југословенска книжевност, на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Работела како драматург-уредник во емисиите за деца и во драмските програми за возрасни на Радио и на ТВ Скопје. Пишува за деца и за возрасни. Има објавено десет романи и три збирки раскази за возрасни, 17 книги за деца и сликовници, меѓу кои: „Зоки Поки“, „Девојките на Марко“, „Мојот звук“, „Преминот не е осветлен“, „Светлосна година“ и други, како и многубројни театарски, телевизиски и радио-игри. За својата работа има освоено многубројни награди, меѓу кои: Наградата на РТВ Скопје и Струшките вечери на поезијата во 1966, 1975 и во 1978 година, наградата „Младо поколење“ (1978), Змаевата награда за 1983 г. за посебни постигнувања во современиот израз на литературата за деца, наградата „Стале Попов“ на Друштвото на писателите на Македонија во 1983, 1998 и 2015, „Рациново признание“ за 2000 г. за „Адамовото ребро“, роман на годината на „Утрински весник“ за 2004 г. за „Куклите на Росица“, роман на годината на Фондацијата „Славко Јаневски“ за 2019 г. за „Песот со тажен поглед“. 

Реобјавените книги од Оливера Николова ќе бидат достапни во книжарниците „Литература.мк“ и онлајн преку www.literatura.mk.

Целата промоција можете да ја погледнете ОВДЕ

ГАЛЕРИЈА:

Објавена во: После „Школо“ // PR

Можеби ќе ве интересира: